На Новата 2022 ѝ порачувам: Не се „закачај“ со мене, не знаеш со кого си имаш работа - новогодишно со Снеже Велков
„Во 2021 повеќе од било кога претходно си бев јас на прво место, а најважното од сѐ во Новата година ми е, блиските да ми се на број, за сѐ друго ќе се договориме“ - вака го започнуваме разговорот со Снеже Велков на првиот ден од Новата 2022 година.
Новогодишно се дружиме со добро познатата водителка, Снеже Велков, бидејќи е дефинитивно инспирација за жените. Со нејзините мотивациони пораки и фотографии, со нејзината одлучност и непрекината желба за секојдневно тренирање и вежбање. Таа е и инспирација за читање, готвење, едноставно, за блескање.
Инспиративната Снеже Велков, за почеток ни раскажа дека 2021 година ќе ја памети по тоа што направила многу работи за прв пат.
- Се обидувам и сакам да ги паметам само убавите работи и многу работи кои ми се случија „за прв пат“: Така оваа 2021 година станав мајка на средношколец - големиот син е прва година средно. За прв пат славев роденден на плажа, извозев многу километри со точакот, за прв пат научив да скокам со јаже. За прв пат открив и почнав да косумирам вегански протеини. За прв пат гостував во „Опуштено“. Многу вложив во себе едукација, станав многу похрабра во донесување одлуки и кажување на сопствените ставови. Годинава ми донесе многу нови пријатели а мојот хаштаг #блескај ја доби вистинската смисла на зборот. Годинава некако повеќе од било која претходно си бев јас на прво место. Одлучив и си го земав најубавото што ми го понуди годинава, не оставав ни за подоцна ни за подобри времиња, ни за почекај, ни за има време. Максимално им се посветив на најблиските, уживав во телефонските разговори со татко ми и мајка ми повеќе од било кога, уживав во средбите со пријателите максимално и секоја покана за забава ја користев како нова прилика за добар помин. Со оглед на тоа што 2021 е последна со бројот 3 во моите години ќе ја паметам како една од поубавите годни во мојот живот.
На Новата 2022 година Велков ѝ порачува: Не се закачај со мене, не знаеш со кого си имаш работа!
- Најважното од сѐ во Новата година ми е, блиските ми луѓе и пријателите, да ми се на број, за сѐ друго ќе се договориме.
За време на Новогодишно-Божиќните празници, како најубавиот период од годината, нашите домови секако придонесуваат многу за атмосферата и еуфоријата која инаку владее. Снеже ни дозволи да ѕирнеме како таа го украсила нејзиниот дом - нешто во кое таа ианку ужива, а покрај тоа, нејзините дома ја прогласуваат и за најстручна по тоа прашање.
- Сакам да ги менувам боите на украсите па така секоја година правам различни комбинации. Едно време бев во златно-црвен филм, па во сино-сребрен, па имав и бела елка, а сега филмот е бронзено, бело и златно.
Што се однесува до помош за украсувањето, барам од моите по дома ама бидејќи мене ме прогласуваат за најстручна по прашањето украсување, сама на себе се потпирам. И уживам во украсувањето го правам со многу љубов и посветеност.
Велков ни открива дека практикува во скоро секоја соба од нејзиниот дом, да има по некој мал празничен детаљ.
- Генерално концентрацијата е на трпезаријата и на днвниот престој, но новогодишната атмосфера е присутна во секоја просторија. Децата сами во детските соби си украсуваат, јас во спална додавам нешто што асоцира на Нова година како сијалички или снегулки на прозорот, во кујна си има новогодишни пешкири, а на огледалата во тоалетите по некое зелено гранче. Терасата секако мора да светка - да одржуваме ниво со комшиите - вели за крај Велков.
*И.Љ