На почетокот беше тешко и макотрпно, сега секој ден ни е уживање со Бодан: Водителката Цеце искрено за доењето

Добивај вести на Viber

Секоја година, првата недела од август се одбележува како Меѓународна недела на доењето. Целта е да се истакнат големите придобивки од доењето и за бебето и за здравјето на мајката. Мајчиното млеко е клучно за правилен развој на бебето. Благодарение на хранливите материи што детето ги добива од мајката, неговиот имунитет станува посилен, ризикот од болести се намалува и бебето напредува . Во овој период, секоја година се истакнува главната цел - заштита, промоција и поддршка на доењето низ целиот свет. Од 1 до 7 август, во целиот свет, фокусот е ставен на доењето како совршен избор за мајката и бебеto, но исто така и на важноста да се поддржи секој од нив. Се разбира, поддршка е потребна и за оние мајки кои имаат потешкотии со доењето од многу причини. Не треба да се осудуваат, туку да се поддржуваат да дојат колку што можат и сакаат. Токму доењето како тема ни беше повод за муабет со водителката Цеце Тодосовска која се породи пред 5 ипол месеци и на свет донесе прекрасно бебенце кое го доби несекојдневното име Бодан.

ДОЕЊЕТО - УНИКАТНА КОНЕКЦИЈА МЕЃУ МАЈКАТА И БЕБЕТО

Доењето за Цеце е најубавото чувство кое и се случило во животот. Иако на почетокот, како и многу други мајки и таа имала потешкотии со воспоставувањето на како што вели, уникатната конекција меѓу неа и бебето, брзо фатила ритам благодарение на стручната помош и упорноста.


„Доењето за мене е една од најубавите работи што ми се случиле, најубавото чувство! Уникатна конекција помеѓу мене и мојот син Бодан која секојдневно се продлабочува и добива се поголемо значење. Бодан наскоро ќе наполни 6 месеци и досега е на ексклузивно доење. Иако на почетокот беше навистина тешко и макотрпно, сепак зад мене се 5 ипол месеци исполнети со преубави моменти“, ни раскажува убавата водителка која деновиве ужива на одмор со семејството, откривајќи ни дека никој претходно не ја подготвил за тоа што всушност претставува доењето.

„ВО БОЛНИЦА НЕ ДОБИВ ПОДДРШКА ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ДОЕЊЕТО“

-Искрено никој претходно не ме подготви за тоа што навистина значи доењето и колку може да биде болно на почетокот. Сметам дека поддршка за доењето и е потребна на секоја мајка, особено во првите 10тина дена кои се клучни во овој процес. Јас сум му преблагодарна на Д-р Денис Ал Кхалили кој е консултант за доење од здружението Лулка кое дава поддршка и совети за доењето. Сите проблеми кои ги имав на почетокот ги надминав со негова помош, но она што би сакала да го истакнам е дека Денис покрај советите за доењето, ме охрабри и ме ослободи од психичкиот притисок кој го чувствував како нова мајка-вели Цеце.

Тодосовска вели дека во болница не добила никаква поддршка за воспоставување на доењето и лактацијата, ниту пак совети кои секоја мајка треба да ги добие.

 -За жал вакви совети во болница не добив и сметам дека тоа е голем пропуст бидејќи се тоа е од исклучително значење за мајката. Советите од патронажата сестра исто така ми помогнаа, а во целиот овој процес исто така од голема помош ми беше и Наташа и нејзиниот профил на инстаграм "Доење со љубов" каде може да се прочитаат многу корисни информации-додава Цеце.


ДОЕЊЕТО ВО ЈАВНОСТ Е НОРМАЛНА РАБОТА

Таа не се срами да го нахрани бебето во јавност. Вели дека недолични коментари не ја пресретнале, но чудните погледи не изостанале. Имајќи предвид дека наскоро ќе наполни 6 месеци и ќе почне да вкусува разни овошја и зеленчуци на почеток, Бодан сѐ уште се храни само од мајчиното млеко.

-Како што споменав, Бодан сѐ уште е на екслузивно доење, наскоро ќе почнеме и со дохрана, а би го доела се додека тој има потреба од тоа, бидејќи доењето е многу повеќе од храна, доењето е длабока поврзаност, утеха за бебето и една сосема друга димензија на љубов!-искрена е Цеце.

За неа доењето во јавност е сосема нормална работа.

„Бебето има потреба од храна многу често и затоа треба да се дои секогаш кога треба и секаде. Никогаш не почувствував некаков притисок од општеството, ниту пак некои недолични коментари, но имало загледување од некои луѓе. Во моментов сум на одмор и по цел ден сме на плажа, така што доењето се одвива на плажа без никаков проблем. Во моето опкружување има мајки кои истото го прават на било која локација на која има потреба, затоа и немам впечаток дека се уште има мајки кои би се срамеле од доење во јавност, заклучува Цеце.

За синчето Бодан, на крај Цеце ни откри дека е прекрасно бебе секогаш насмеано.

„Неизмерно сум среќна за енергијата која ја носи. Кој и да му се обрати, тој возвраќа со насмевка. Секој ден ни е уживање со него“, ни откри водителката .


Ирена Ставрова