На ти го - дај ми го
Многу е важно да знаеш што можеш да очекуваш од некој човек.
И што можеш и што не можеш се разбира. Да очекуваш.
Кога човек ова би го знаел, речиси никогаш не би постоеле разочарувања.
Инаку не се согласувам дека човек не треба да има очекувања. Никогаш не ми се допаѓала онаа реченица дека „колку помалку очекувања имаш од другите, толку ќе бидеш посреќен“.
Не! Не мислам дека е ова вака. Не може човек да нема очекувања од другите. Природно е кога нешто правиш за некого, тоа, тој да го забалежи.
Начинот на кој што ќе ти возврати е негово право. Но ти не можеш да не очекуваш тој, тоа да го види.
Дури и да го премолчи, дури и да не ти возврати веднаш, сепак еден блесок во неговите очи ќе се појави. Ќе му мрдне брк, ако ништо друго. Но кога и како ќе ти возврати за тоа, тоа е прашање на многу аспекти од неговиот карактер. Интровертност, екстровертност, самодоверба…
На крајот на краиштата има луѓе, кои не сакаат ниту веднаш да го покажат тоа, ниту пак веднаш да вратат.
Не сакаат, бидејќи тоа би им личело како нешто „ти мене, ја тебе“. Демек еве, одма ти враќам, за да не заборавам и за да не ти останам должен. И да си бидеме квит.
А тоа ми се чини, некако ја смалува вредноста на стореното.
Ваквите луѓе, кои не можат да покажат веднаш, „стореното“ за нив, си го врзуваат у крпче и го чекаат вистинскиот момент да „ти вратат“. Нешто како „памти, па врати“.
Или „дуг није зец да побегне“.
Ако сторените нешта за некого, можат воопшто да се наречат долг. И ако целиот наш однос се сведува на „должничко-доверителска“ приказна.
Звучи прегрубо нели!?
Ако вака ги разбираме нештата, тогаш сами си ги заплеткуваме конците. А повеќето луѓе токму ова го правиме.
Даваме нешто и ја чекаме „вратката“.
И многу често немаме трпение да ја дочекаме.
Е тука е заебот. Трпението не издава.
Затоа личи дека имаме очекувања и затоа личи дека сме го свеле односот на „на ти-дај ми“.
А ние всушност, само немаме трпение да дочекаме.
Со ова нетрпение изгледа како прво сами да не си го почитуваме гестот, што сме го направиле за чоека, а второ како да му го вадиме на нос на другиот она што сме му го дале или сториле за него.
Бидејќи, фактички изгледа како „ова сега јас што го сторив за тебе, не го сторив затоа што сакав, туку затоа што ти ставам долг, на листата очекувања од тебе“.
Па онда боље не ми давај ништо, бидејќи мене ми е ужасно тешко да се бавам со тоа, и да сфатам, што всушност ти сега како возврат бараш за мене и кога е тајмингот, кога јас тоа „нештото“, ќе треба да ти го дадам, за ти да бидеш среќен што си ми дал нешто и јас сум ти го возвратил, тому во вистинското време и токму она што ти си го очекувал.
Напорно! Дури и да го кажеш, за да го објасниш, а камо ли да го мислиш.
И затоа бидејќи е ова многу тешко да се каже, затоа ни е полесно да се налутиме.
Му се лутиш на човека и полесно ти е а!?
А всушност што правиме со ова. Си ја наплатуваме сопствената сметка.
Ете толку ни коштал гестот. Колку сопственото лутење, од нашите очекувања. Прескапо е тоа. Многу скапо чини едно лутење. Многу, многу скапо.
Бидејќи ај оди да те видам и речи му го со зборови она што всушност ти го мислиш.
Оди и речи му- „види јас чевлите што ти ги подарив минатиот пат за роденден, или ручекот што го направив за твоите пријатели, или чашата вода што ти ја донесов, тогаш еднаш, се сеќаваш…!? Е сето тоа го направив за ти мене да ми купиш фустан, да ме однесеш на викенд и да ми свариш кафе во недела сабајле…
Замисли, колку е глупаво ова. А истовремено и колку е „неглупаво“.
Глупаво е ако купуваш чевли за да добиеш фустан назад.
А „неглупаво“ е ако си чесен и искрен и ако го кажеш сето тоа што го мислиш.
На пример вака „јас ти купив чевли за роденеден и ако ти е полесно можам да ти кажам што сакам јас ти да ми купиш. Има еден фустан кој многу ми се допаѓа, би сакала мене ти тој да ми го купиш за мојот роденден.
Има неколку опции, кои може да се случат по повод ова.
Можеби ќе настане непријатна тишана, нешто како „тонч“, па ќе се засрамите и ти и тој. Ти од изговореното, тој од слушнатотото.
Можеби ќе ти рече, „види јас не ти барав чевли за ти сега мене за возврат да ми бараш фустан. На крајот на краиштата мене овие чевли нити ми се допаѓаат, ниту пак ми требаат. А и немам пари за да ти купам фустан“.
А можеби ќе ти рече „еј баш супер што ми кажа. Баш се прашував што сакаш и што ти треба тебе. И фала ти за чевливе, супер си ми ги погодила“.
Од одговорот што ќе го добиеш, ќе знаеш што можеш во иднина да очекуваш од тој човек. А и од себе.
Бидејќи, колку што е мачно да се лутиш некому, а тој да не знае зошто си лут, исто толку е мачно да одиш и да му кажеш. Што си мислел, што си очекувал… и конечно поради што ги правиш ти своите гестови и која е нивната цена.
Сѐ е ова пофер, отколку да се наутиш.
Што мислиш!?...
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин