Најголем предизвик беше борбата со ракот и здравјето на синот: Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Град Скопје
* Ја започнавте кампањата за градоначалник за Скопје како независен кандидат со поддршка од најголемата опозициска партија? Бевме сведоци на многу обвинувања на ваша сметка. Со оглед на тоа што за првпат влегувате во ваков тип на трка, дали сте подготвени за ваков тип на реторика, со оглед на тоа што доаѓате од сектор каде што сликата е сосема поинаква?
- Знаеме каква е сликата во политиката во нашата земја и верувам на никој не му се допаѓа тоа што се случува. Тоа е и една од причините поради кои се кандидирам за градоначалник на Скопје - сакам како човек да покажам дека може да е поинаку. Без политички борби, без политички игри, без политичка реторика - како независен градоначалник и некој кој ќе работи за сите скопјани, сакам да постигнам решенија и видливи подобрувања, во корист на градот и граѓаните, а не на поединец или партија. На Скопје не му треба градоначалник кој ќе ги гледа градот и скопјани како обврска и товар, туку градоначалник кој ќе им служи на луѓето. Доволно со нашиот град се управуваше без грижа - сите можеме да се согласиме дека живееме во нечист град, кој во текот на зимските месеци е еден од најзагадените градови во светот. Можеме да се согласиме, дека инфраструктурата не е само застарена, туку на места и нефункционална. Не опкружува сообраќаен метеж, немаме јавен превоз каков што знаеме дека има другите европски градови со оваа големина, а пак проблемите со водоводната мрежа, ги оставаат граѓаните без водоснабдување во делови од градот скоро секоја недела. Не можеме да ги отвориме весниците без да прочитаме најава, кое соседство нема да има струја или вода следниот ден - и сето тоа во Скопје во 21 век. Ова е вистината и граѓаните го знаат ова. Со лажни вести, погрешни обвинувања, па дури и лични закани, дел од актуелната власт се обидува да го одвлече вниманието од оваа вистина и да ги спречат независните кандидати да постигнат успех. Тоа е бидејќи знаат дека нивното време заврши. Немам намера да се впуштам во нивните валкани игри, бидејќи тоа е нивно поле, а на сите нас граѓаните ни е преку глава од политикантство, навреди и закани. Одлучив да работам за Скопје и за сите скопјани, да овозможам вистински решенија за модерно и достојно Скопје со кое ќе се гордееме.
* Која е Данела Арсовска приватно?
- Мајка, сопруга, ќерка, сестра. Моите пријатели велат сум човек на кој можат да се потпрат, човек што кога нешто ќе вети тоа го исполнува. Упорна сум и откажувањето не е опција за мене, ниту во работата ниту во приватниот живот. Живеам за предизвици. Не сакам да слушам изговори и не давам изговори дека нешто не може да се направи, сакам работите да се завршат. Пред се сум семејна личност - мојот син и мојот сопруг се мојата среќа, мојот дом и мојата поддршка. Сме поминале и добри денови но и тешки времиња во борба за добро здравје и во борба за живот, а тоа нè прави уште посилни. Велат дека сум борец. А јас велам, во животот секој се соочува со свои битки што треба да се добијат.
* Многумина кои ги прашавме за вас каква била соработката со нив имаат добро мислење за Вас како претседател на Сојузот на стопански комори. Зошто ја менувате таа позиција за типично политичка функција?
Затоа што не можев повеќе да седам на страна. Од меѓународни успеси, локални деловни луѓе, од пријатели, од граѓани што ги среќавам - секогаш ги слушам истите поплаки за политиката во Македонија и во Скопје. Истите поплаки ги има секој еден граѓанин - дека овој град не функционира, не е веќе чист, туку е во хаос и ја загуби душата. Не сум личност што се жали и знам дека ако сакам да ги променам работите, мора да се превземе нешто. Јас сум менаџер, имам знаење, имам конкретен план и знам дека Скопје може да биде современ град со квалитетни и одржливи решенија. Сакам да го променам Скопје на подобро и имам јасна визија и план како да го направам тоа. Затоа се кандидирам на овие избори.
* Дали тоа што сте жена е предност или минус во ваков тип кампања?
- Живееме во 21 век, дури и во регионот во Косово во моментов има жена за претседател, во Србија жена премиер. А, Скопје никогаш до сега во 30 години независност на Македонија немало жена градоначалник на главниот град. Но, исто така, ниту национална стопанска комора никогаш немаше жена за претседател - сè додека не бев избрана јас. А сега е време на Скопје. Ако сакаме да станеме модерен, европски град, воопшто не треба ни да да се разговара за полот на кандидатот. Она што е многу поважно, е тоа што за првпат, шанса да стане градоначалник нема маж кој се пробива низ партиски структури, туку независна жена, жена која никогаш не се занимавала со партиска политика, без партиско-членство со реални шанси да стане првиот независен градоначалник на Скопје. Ова не е само шанса за главниот град, ова ќе ја промени Македонија - го симболизира крајот на времето, дека партиско членство е единствен критериум за да се постигне нешто во оваа земја. Од сега да се цени квалитет и на секој да му се даде подеднакво шанса за успех.
* Велат дека човекот што поминал низ многу предизвици е силен во карактерот. Малкумина знаат дека вашиот најголем предизвик се борбата со ракот и здравјето на вашиот син...
- Да, тоа беа многу тешки години за мене и моето семејство. Борбата со тешка болест, а едновремено борбата која ја имавме за животот на нашиот син. Ништо не ме формираше повеќе како личност како тој период. Велат дека секоја битка нè прави посилни. Пораснав не само како мајка, туку и како личност. Во тие моменти еден збор не е дозволен – откажување. Мора да размислувате прецизно и да се надминат емоциите за да се донесат одлуки кои значат живот. По се што помина, емоциите се дозволени и тие се присутни постојано. Борба за својот живот и за животот на своето дете во еден момент се премногу голем товар, но сега велам ако не изгубив во таа борба, нема никогаш да изгубам. Научив да се борам и научив дека се е можно ако се борите и никогаш не се откажете.
* Зошто го сакате Скопје? Кои спомени ги имате и што би смениле во градот?
- Кога растев, животот во Скопје беше поедноставен, имаше свои предизвици но имаше и душа. Се сеќавам на култните места и живот во Скопје, културните настани, луна паркот. Скопје како град на животот, имаше своја посебна магија. Но, оваа магија денес ја нема. Наместо модернизација, повеќе зеленило, брз и ефикасен јавен сообраќај, ние во изминатите 4 години гледаме масовна бетонизација. Ставија бетон насекаде, го уништија зеленилото, без размислување. Во исто време, нема грижа за парковите, игралиштата, јавната инфраструктура, го ставија нашиот некогаш жив и прекрасен град во сива зона. За жал, тоа е лицето на нашето Скопје денес.
Сакам да му ја вратам душата и убавината на Скопје. Мојата визија за Скопје е град кој ќе ја негува традицијата, а сепак и да гледа кон иднината, Скопје како еколошки чист град, без сообраќаен метеж, каков што заслужуваат сите скопјани со квалитетен спортски и културен живот. Чист град, со квалитетна градска инфраструктура, каде што нашите деца ќе живеат дишејќи чист воздух. Град во кој вреди да се живее и со кој ќе се гордееме. Ова е она што сакам да го постигнам во следните 4 години.