НАЈГОЛЕМАТА ТАЈНА ЈА ОДНЕСЕ ВО ГРОБ: Суровиот живот на Арета Френклин
Кариера на пејачка, композиторка и пијанистка која траеше повеќе од пет децении, а во текот на тие половина век, покрај несекојдневниот глас, препознатлива е и по богатиот љубовен живот во кој вбројува четири брака и исто толку синови
Гласот беше најсилното оружје кое го поседуваше американската музичка дива Арета Френклин која почина минатата година на 76 години. Благодарение на него, стана призната и позната. Кога таа ќе застанеше пред микрофонот, тоа беше гарант дека трпки ќе ги полазат сите во публиката. Со песната се бореше против сите животни предизвици и илузии, а желбата да пее и помогна да ги надмине дури и здравствените тешкотии, кои секогаш настојуваше да ги сокрие од јавноста.
Арета водела динамичен живот, и не чуди фактот што нејзината автобиографија станала бестселер. Меѓу популарните жени од американската јавна сцена најмлада стана мајка, дури двапати пред да стане полнолетна, а на синовите никогаш не им открила кој им е татко.
Арета Луис Франклин е родена на 25 март 1942 година во Мемфис. Во семејство на баптистички свештеник Кларенс Лавон и музичарката Барбара Стигерс била петто дете. Имала три сестри и еден брат. Сепак, ни бројното семејство не го одржало бракот на нејзините родители, кои се развеле кога таа наполнила шест години. Тој настан во голема мера го обележал нејзиниот живот, бидејќи со сестрите и братот се преселила кај баба Рејчел Френклин. Се покажало дека таа била најголема поддршка во текот на созревањето. Дваесет дена пред својот десет роденден се сретнала со огромното страдање кога ја изгубила својата мајка Барбара, која имала само 34 години.
-Не памтам како изгледал мојот живот додека мама и тато беа заедно. Само се сеќавам дека често се караа, па јас и моите сестри во тие моменти пуштавме што посилна музика за да не слушаме разни зборови кои си ги упатуваа еден на друг. Можеби звучи грубо, но ми беше драго кога се разделија, а нас не испратија кај бабите, кои од милост ги нарекувавме „голема мама“- се сеќава во едно од многубројните интервјуа кои ги давала во текот на долгогодишната кариера.
Живеела без мајка, татко си го гледала ретко, а бабата немала време и сила доволно да им се посвети на сите свои внуци. Во таква ситуација, Арета била препуштена сама на себе, што ја натерало да созрее побрзо од своите врсници и да се фати во костец со суровата реалност на животот.
-Кога мајка ми почина, пораснав преку ноќ. Баба и тетка внимаваа на нас, но тоа не беше доволно. Немав детство во класична смисла на зборот, се грижев за сестрите, а и тие за мене. Меѓутоа, не е исто кога не чувствуваш баш никаква родителска љубов-искрено прокоментирала еднаш Арета.
Потекнува од семејство во кое музиката била најдоминантен сегмент од секојдневието, обдарена со талент и боја на глас карактеристична за темноцрни жени, многу брзо одлучила да се занимава со пеење. На 13 години станала истакната членка на црковен хор и многу брзо го снимила првиот албум Songs of Faith.
-Станав мајка многу рано, на 14 години го родив синот Кларенс, а после две години и Едвард. Никогаш не им кажав кој е татко им, ниту пак тоа ќе го направам. Знам дека тоа е себично, но таа тајна ќе ја однесам во гроб- тврдеше кралицата на соул музика, но подоцна призна како во младоста правела грешки поради кои во текот на животот страдала.