Најубавата облека која што секогаш може да ја облечете е насмевката: За стилот со Јанковска Ивана
Ивана Јанковска е млада, симпатична, секогаш насмеана девојка, модерна, средена. Ја гледаме во емисијата „Golden Carpet“. Ужива во секој момент од животот, сака да патува, да истражува и пробува нови работи. Ja интересира сѐ што е забавно, интересно, адреналинско... сака спортови и практикува, но не секојдневно.
Не сака диети и здрава храна не ѝ е приоритет. Сака камери, посветеност и внимание, сака до крај завршени работи.
„Можеби незнам точно што сакам, но точно знам што не сакам“ - вели таа.
Сака убави луѓе, да присуствува на убави настани и секогаш вели дека ги избира најдобрите места без разлика каде се наоѓа.
Сака штикли исто толку колку што сака и патики, а денес со неа зборуваме за стилот.
*Дефиниција за стил?
-Кога зборуваме за мода, според мене стилот е начин на самоизразување, односно обид да се прикажеме пред другите во светло како што ние мислиме и чувствуваме дека е потребно.
*А, Вие стилски се дефинирате како...
-Девојка која сака да експериментира.
*Што е пресудно за добар стил?
-Имагинација и самодоверба.
*Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
-Апсолутно комбинација на сѐ. Зависи од моментално расположение и секако пригодата на која треба да се присуствува.
*Минимализам, хедонизам, авангарда?
Хмммм … за мене би рекла ретко незабележлива во толпа, веројатно авангарда :)
*Гламур или класика?
-Двете.
*Омилени нешта од вашата облека?
-Сакам штикли исто толку колку што сакам и патики.
Сакам костуми исто толку колку што сакам и тренерки.
Деталите би ги издвоила како омилени: часовник, обетки, очила за сонце…
*Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?
-Практикувам се што ми се допаѓа, независно кој потпис се крие зад парчето кое сум го избрала.
* Што сакате да постигнете со вашиот стил?
- Аплауз … хаха, се шегувам. Не се обидувам да постигнам ништо, се облекувам за мој ќеиф.
Ако прашањето се однесува на тоа каква порака сакам да испратам до сите, тогаш тоа би било следното: - Најубавата облека која што секогаш може да ја облечете е насмевката, никогаш не ја заборавајте дома!
* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
- Кога се издвојуваш од другите по својата оригиналност (на било кое поле), секако дека ќе наидеш на секакви коментари. Добро е да се има на ум дека преку позитивниот коментар луѓето сакаат да пренесат восхит, додека негативниот е само последица на фрустрација од не знаење за подобро.
* На кој дизајнер би му дозволила да ти го преуреди гардероберот?
- Сепак задоволството би си го препуштила на себе.
* Што облекувате денски, а што навечер?
- Би било полесно да се одговори доколку прашањето би било како се облекувате за на работа а како за излегување :))) ... што денски, што навечер…. одговорот би бил ист веројатно како што кажав и погоре, зависно од расположение и пригода на која треба да се присуствува.
* Дали експериметирате со косата и шминката?
Не експериментирам со коса и шминка, но секогаш преферирам среден и нормален изглед.
* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед ...
-Позитивна енергија, бела/црна боја, златни детали и насмевка.
Ирена Ставрова