Најубавите три дена со Оливер ги поминав во Скопје: Искрено со Петар Грашо
Сношти го одржа првиот од трите распродадени концерти во Филхармонија, а денес уживаше во прошетките низ Скопје со пријатели. Петар Грашо е сензација каде и да се појави. Вработени во хотелот каде што е сместен велат дека вчера кога пристигнал, му требало доста време додека стаса од рецепцијата на хотелот до собата. Сите вработени подготвено го пречекале и го замолиле да се сликаат со него.
„Не ми пречи тоа“, ни изјави Грашо кој секогаш има трпение и време за разговор со своите фанови.
„Се мислевме, со организаторите „Авалон“ продукција дали да закажеме концерт во поголема сала, но таму ќе немаше акустика, ќе немаше душа. Универзалната сала ми остана во убаво сеќавање, но оваа сала, сега ми е подрага. Кога ги гледав сликите си реков дека тука сакам да пеам со мојот бенд. А и подобро е три помали, поинтимни концерти, отколку еден. Тоа за мене значи три дена во Скопје, што е голем плус“, раскажа сплитискиот канатавтор за Женски магазин. Три концерти одржа и пред десет години, со неговиот голем пријател Оливер Драгоевиќ во Универзалната сала.
„Тоа си се можеби трите најубави дена со Оливер во животот. Одевме по ресторани кај нашите пријатели. Што беше најубавото тука? Бевме сами, Оливер, неговиот бенд и јас. Одевме на некои убави вечери, и по вечерата пеевме некои песни што ги пеат клапи, пиевме вино, и македонците уживаа, а и ние со нив“, се сеќава музичарот.
Грашо е поранешен сопственик на позантиот ресторан „Адриатик“ кој подоцна го добил името „Грашо“ во Сплит, и познат е по тоа што сака да готви. Неговиот удел во менито во ресторанот кој од неодамна не го менаџира, туку е косопстевник е голем. И самиот Петар сакал да поминува време со готвачите во кујната, да ги готви и да ги зачинува јадењата по негов вкус. Веројатно затоа е и љубител на добри ресторани, но и мали интимни кафеанчиња каде што може да се најде добра скара.
„Во Белград си имам свое место каде што одам на ќебапи. Имам и во Скопје свои места. Со големо задоволство одам во „Воденица“ кај мојот пријател Мишко, но имам уште едно поинакво место кое го сакам овде, ако сакам убаво да се најадам добра скара, одам кај мојот Перо во „Меана Б“, вели Грашо.
За неговата долгогодишна партнерка Данијела Мартиновиќ, знае да каже дека нема одговор зошто не се во брак, иако се заедно веќе дваесет години. „Спонтано почнавме да живееме заедно и кај нас се вовлече една чиста љубов. Иако не сме во брак, живееме слиќен живот како и другите кои се во брак“, вели Грашо.
На вчерашниот концерт, Грашо зборуваше и за својата љубов.
„Ако не ѝ ја дадев „Нека ми не сване“ на Данијела, ќе немаше ручек дома три месеци“, низ насмевка рече пејачот. Во 1998 година, тој ја напишал песната за него. Кога Данијела ја слушнала рекла: „Не, не, ова е моја песна“.
„На неа таа песна многу ѝ се допадна, како и многу други мои кои не ѝ ги препуштив, хахаха. Иако беше првично напишана за мене, кога ја слушнав како ја пее, знаев дека тоа е нејзина песна. Во Бирминген, во 1998 година таа го освои четвртото место на „Евросонг“, по што тоа што песната ја испеа Данијела а не јас се покажа како паметна одлука. Кога се одржуваше манифестацијата „50 години Евросонг’“, „Нека ми не сване“ го освои седмото место, во конуренција со фаци како АБА, Селион Дион..“, вели Грашо со гордост.
Тоа што и двајцата многу патуваат, секој со своите музички ангжамани, не ги спречува да поминат квалитетно време заедно. За крај, Петар ни рече дека би сакал следниот пат во Скопје да дојде заедно со Данијела, можеби и на заеднички концерт.
М.Џаровска
Фото: В. Тануровски