Напиша книга за нејзината почината мајка, емотивно патување од животната битка: Интервју со Светлана Јаневска авторката на „Летот на мојата гулабица“
Октомври е
месецот за борба против рак на дојка. Месец во кој розевите панделки се само
потсетник за рана превенција на жените, но и симбол кој може не потсетува на
некој наш херој кој успеал, или за жал не успеа во борбата со оваа болест.
Светлана Јаневска на сите мајки, баби, тетки, вујни им подари книга која ја посвети на нејзината прерано почината мајка, која боледувала од рак на грло на матка.
„Летот на мојата гулабица“ е книга која го негува споменот на нејзината мајка. Светлана вели споделете ги вашите среќни спомени и споделете ја вашата тага со оние кои ве сакаат“. Можеби токму нејзината приказна ќе биде еден поттик за сите оние кои се борат со оваа болест, но и за оние другите кои веќе изгубиле некој близок.
- Книгата се создаваше како надоаѓаа емоциите, кои внатрешно борејќи се со реалноста, преовладуваа во моментите на загуба и соочување со вистината, со промената, со неможноста да го вратите времето за само уште една прегратка, за уште едно неискажано „Те сакам“, за уште една отворена врата за заедничка борба со која би се добила животната битка. Токму затоа додека ја читате, верувам ќе доживеете измешани емоции, од минати среќни сеќавања (кои секој од нас си ги има) кои остануваат како животно школо од мајката како родител, храбро борејќи се со сите бури кои ги носи животот, се до оние кога животот ќе ги смени улогите и застанувате вие како нејзино чедо во прв ред за борба, барајќи помош и начин за да ја возвратите љубовта и грижата која безусловно постоела низ времето и просторот секогаш кога била потребна.
Светлана е од Скопје, но веќе 17 години живее во Мелбурн-Австралија. Емотивната тежина на книгата „Летот на мојата гулабица“ ја раскажува заемната љубов на мајка-дете, љубов која и покрај сите препреки во животот се издигнува над сите животни бури и продолжува да живее секој изминат ден преку спомените и сè околу нас. Книгата е емоционално патување, изборување со своите внатрешни емоции во прифаќање на самата реалност.
- Далечината и временската разлика беше предизвик плус, но со трпение и хуманост „Летот на мојата гулабица“ е една целина за безвремена љубов. Во книгата има поговор од почитуваниот писател Горјан Петревски, а рецензенти се писателката Марија Костадиновска и естрадниот уметник, новинар и ТВ водител Јулија Мациевска. Лектурата е на професор Зоран Бошковски, превод на англиски Катерина Атанасовска и Александра Маневска, фотографии Виктор Богдански, илустрации Јане Јаневски, визуелната приказна корицата која ја носи самата книга е на Стефан Ристевски и издавачка куќа „Нордиа“.
Светлана со оваа книга подарува еден мал дел од својата душа, од нејзиното животно патување како искуство кое ќе го носи цел живот во себе.
- Како читател, мислам дека ќе успеете да пронајдете разни пораки од денешното секојдневие, но мојата порака е грижете се за самите себе. Обидете се да го разберете своето тело за некоја промена која ја чувствувате, подарете љубов, разбирање и среќа каде е потребна, споделувајте и сослушајте, навремени лекарски контроли, бидејќи болеста не препознава ниту години, ниту вера, ниту нација. Сите ние сме свесни за општествените проблеми околу нас, но како останало од дамнина „Капка по капка, езеро“, така и мојата книга верувам е само една капка која се надевам ќе придонесе за позитивна промена, за поддршка.
По тешката борба со ракот на матката, нејзината мајка починала. Но со „Летот на мојата гулабица“, Светлана носи силна порака за навремено детектирање и лекарски контроли, за подолг и поквалитетен живот со саканите околу нас.
- Дијагнозата кај мајка ми беше поставена во почетокот на 2020, фаза III, неоператибилен, а со шестнеделната терапијата започна во април истата година на Клиниката за онкологија. Еднаш неделно хемотерапија и пет дена од неделата зрачење на местото каде што ѝ беше присутен ракот. На крај имаше и 3 Brachytherapy. Сето ова се случуваше на релација Скопје-Мелбурн, преку телефонска комуникација. Нема да го заборавам моментот кога ми се јави, беше позитивна, охрабрувајќи ме мене, а и себеси дека ќе победиме во оваа борба. Целото искуство е болно и искрено не го посакувам на никој. Храброста и љубовта се тие кои помагаат да се истрае во секој предизвик, како и секоја подадена рака за поддршка и помош.
По загубата на нејзината мајка, Светлана се впуштила во хуманитарна мисија со сопствениот бизнис. Она што таа го преживеала ја поттикнало да им помогне преку донации и учество на манифестации со цел подигнување на свеста и борбата против рак на дојка.
- Од лично фамилијарно искуство, се обидувам да помогнам кога станува збор за овој тип на рак, па така со „Svetlana’s Events and Cakes“ преку донации и учество на манифестации сум била дел во подигање на свеста и борба против ракот на дојка. За жал изгубив две мои блиски личности токму од овој тип на рак, така да запознаена сум и сочувствувам со секој што поминал низ истото. Но, исто така сакам да испратам многу љубов до секое засегнато семејство како поддршка во истрајноста.
Промоцијата на книгата „Летот на мојата гулабица“ својата македонска премиера ја имаше минатата недела, на која не беше физички присутна. Но денешните модерни технологии овозможија Светлана онлајн да ја проследи и обрати на промоцијата.
- Чудно е чувството кога не си физички присутен за нешто што е произлезено од твојата душа. Посебна е таа магија од возбуда, но и тага во исто време. Иако бев во постојан контакт и како и сите присутни и јас ја следев промоцијата, сепак е поинаку кога си физички присутен, има повеќе топлина во душата. Промоцијата ја отвори Мими Јовановска и Бендот на браќа Нуне со песната „Мајка“, која со нејзиниот прекрасен глас емотивно допре до сите присутни. Мојата мајка, како нивна тетка, беше многу горда на нивниот успех во музичката кариера. Искрено им благодарам пред сè на моите драги пријатели и продуценти од Продукцијата Златен Заб кои ја организираа оваа моја промоција, а воедно и мојата книга може да се купи онлајн на нивната платформа auroom.store. Големо благодарам до моите колеги од телевизиите во Скопје за нивната безрезервна поддршка и промовирање на „Летот на мојата гулабица“ за читателската публика. Искрена благодарност за поддршката и хуманоста до доајенот на македонската музика Виолета Томовска како претседател на „Животна искра“ и прекрасната Милица Кузмановска од „ФеминаМ“ здружение за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања.
„Летот на мојата гулабица“ следната промоција ќе ја има и во Австралија.
- „Летот на мојата гулабица“ штотуку долета во Мелбурн, Австралија и секако ќе се организира и тука нејзина промоција. Македонската и англиската верзија се во една книга, бидејќи сакав да е достапна за секој читател кој не го разбира македонскиот јазик, но сепак сака да ја прочита или пак да може да се сподели со пријател кој доволно или пак воопшто не го знае македонскиот јазик. Со самото тоа книгата може да допре до поширока читателска публика, промовирајќи го македонскиот јазик во исто време.
Светлана освен што е голем љубител на пишаниот збор, во еден период од нејзиниот живот работела како новинар во повеќе медиуми. Сака да чита книги, но и да запишува убави мисли кои ги создаваат нејзините емоции.
- Секое животно искуство има свој бенефит кај секој од нас. Сакам да читам, бидејќи со книгата патувате сами онака како вие ја перципирате приказната од авторот, но сакам и да си запишувам по некоја моја мисла која носи своја емоција. Моите средношколски тетратки сè уште кријат стихови, кои мојата мајка ги чуваше низ годините, надевајќи се дека еден ден ќе ја добијат својата виделина. Со новинарството истражувате, слушате разни животни приказни, секојпат имате можност да научите нешто ново од реалниот живот и многу често да сте првата подадена рака кога е потребно да се слушне нечие животно искуство. Колку мене ми помогна, не би можела да кажам, но верувам дека како една раскажана вистинска приказна на релација Скопје-Мелбурн, храбро да се истрае во секој предизвик, ниту е прва ниту пак ќе биде последна.
Во Македонија физички не е доволно често, но со мислите постојано, затоа што е голем носталгичар и ѝ недостасуваат многу работи од нејзиниот дом.
- Јас сум во секојдневна комуникација со сите мои сакани луѓе низ годините, пред сè со моите родители, но по заминувањето на мајка ми, само со татко ми. Со онлајн кафе или чај си посветуваме време за убави и помалку убави нешта од секојдневниот живот, на кој како времето и обврските ќе ни дозволат. Се трудам да си ја одржувам блискоста со сите. Македонија им недостасува и на моите синови, и покрај тоа што се тука родени и двајцата, со последното доаѓање во Скопје не сакаа да се вратат во Австралија. Со нетрпение чекаат повторно да бидат таму со фамилијата. А мене, мене ми недостасува да сум дома. Јас сум по природа голем носталгичар и навистина ми недостасува животот таму, кој е поразличен оттука. Ми недостасуваат прошетките и возење велосипед по кејот на Вардар, сенките од Градскиот парк, патеките во Матка со кои ме врзуваат многу семејни приказни, ми недостасува и зимскиот студ и снегот на Шапка и Маврово, погледот на моето Скопје од Водно каде често пешачев со мои блиски особено со моите родители, топлината и љубовта што само нашата Македонија ја има.
Габриела Додевска Глигоровска