Насмевката секаде ја носам со себе: Пред огледало со Александра Спировска
Александра Спировска е дама која внимава на својот изглед и жена која има авантуристички дух. Таа е новинар во Македонската радио телевизија и мајка на три деца. А со сопругот, како што ни раскажа се вљубеници во природата и страствени планинари. Оваа дама која е препознатлива по нејзината кратка коса за Женски магазин ги сподели своите ритуали за убавина.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Како новинар, но и мајка на 3 деца, станувам рано. Денот ми започнува во 06:30. Најважно ми е вечерта, но и утрото темелно да ми е исчистено лицето од шминката која е задолжителна во мојата професија. Користам тоник и млеко за отстранување на шминка и потоа нанесувам лесна крема како подлога за целодневната шминка. Ова е мој ритуал од раните тинејџерски години. Како на лицето, така и на косата на која обрнувам особено внимание.
* Со какви препарати го негувате лицето?
-Clinique тоник и млеко за отстранување на шминка ми одговараат особено бидејќи имам многу сува кожа. Но, ги користам и препаратите на Estee Lauder. Во младоста можев да користам било какви производи за нега, но како минуваат годините, кожата бара поголемо внимание, честопати нанесувам и ампули за хидрирање на лицето.
* Посетувате ли козметички салони?
- Козметички салони посетувам многу ретко, немам таква навика, можеби тоа е поради фактот што кога бев дете, ја гледав мојата мајка како сама дома подготвува маски за нега на лице и на коса, комбинираше овошја, билки, зеленчук.... Истото сега го правам и јас. Таа ме научи дека природните домашно подготвени маски се најдобриот и најефикасен избор. Се обидувам кожата често да ја хидрирам и на лицето и на телото, но во зимските месеци кога е потребна поголема нега, особено на сувата кожа како мојата, знам да отидам на козметичар за дополнителна нега.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Е, кога сме кај косата, морам да кажам дека долгата коса беше мојот заштитен знак се до минатата година кога решив дека е време за промена. Едноставно се презаситив, сакав да пробам нешто ново, нешто во склад со мојот карактер, а кратката коса особено го истакнува тој мој нескротлив и бунтовен темперамент. Не е точно дека кратката коса значи „пери-носи“, таа дури бара поголема нега од долгата, постојано потстрижување и нега со шампони, маски, силиконски капки, ампули, третмани со кератин, обликување. Но со кратка коса конечно можам да кажам дека сум своја на своето.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Откако паметам за себе, пегите на моето лице ми претставуваа големо оптоварување, што постојано барав начини како да ги сокријам... И ден денес (иако станаа толку модерни во последно време, па дури и ги цртаат) јас се‘ уште не ги сакам. Па затоа се трудам да ги сокријам со коректори и пудри, а ги истакнувам очите. Во зависност од пригодата, тоновите на шминката вариртаат, очите секогаш се највпечатливиот дел од моето лице, заедно со насмевката која секаде ја носам со себе.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Често експериментирам и испробувам нови козметички препарати, најважно ми е да се соодветни за мојот тип на кожа, во последните години ги користам производите наClinique.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Во мојот несесер секогаш има маскара, црвен кармин, коректор и туш за очи.
*Омилен парфем?
- VERSACE CRYSTAL NOIR и VALENTINO за ладните зимски денови. Летно време користам овошни и цитрусни, не сакам цветни парфеми. „SCANDAL“ на JEAN PAULGAULTTER ми е фаворит.
* Како ја одржувате линијата?
- Линијата ја одржувам со планинарење. Со сопругот сме страствени планинари, но кога немаме можност да искачиме некоја од повисоките планини, Водно или Матка е секогаш избор.
Според мене, физичката активност е најважна од сѐ. Физичката активност влијае не само на линијата, туку и на сјајот на кожата, ја подмладува и регенерира.
Не ги сакам теретаните и фитнес центрите. Секоја прилика ја користам за да одам пеш. Многу сакам да пешачам. Возам велосипед, трчам и нормално, внимавам што јадам.
Наталија М.
Фото: Приватна архива