Наум е посилен кога Зуица му го чува грбот: Фолк-пејачите модно усогласени на „Пиволенд“ (ФОТО)
Зуица Лазова му е голема поддршка на Наум Петрески, и дома, но и на сцената. Нашата позната фолк пејачка и професор по хармоника на својот сопруг му пееше придружни вокали, на настапот на „Пиволенд“, кој сношти се затвори.
Зуица, облечена во бел мини фустан и црни сандали на високи потпетици, беа усогласени со боите со Наум, кој носеше црни пантолони и кошула со црно-бели шари. Зуица со радост заигра на сцената заедно со својот сопруг.
Од „Жал за Деспина“, преку „Лична Јовано“ до „Оди ѕвездо“ која ја испеа и на бис, Наум уште еднаш докажа дека е мајстор на својот занает. А, посилен е секако со Зуица до него. Ниту едно од децата не беа присутни на настапот на пејачот кој годинава со серија концерти во Битола, Охрид, а оваа есен и Скопје слави 35 годишен јубилеј.
-Анастасија веќе изгради своја кариера и своја препознатливост. Сите се музикални и убаво пеат, Сања е физиотерапевт и пее за своја душа и ќеиф, Македонка е на факултет посветена на класичото пеење, тоа и го изучува, а Стефан засега свири гитара и тој убаво пее, но што ќе избере понатаму останува на него да си реши“, рече Наум за своите деца во претходно интервју за Женски магазин.
По Наум, настапи Миле Кузмановски. Почна тивко, со неговиот хит “Огледало“ и рече: Ајде да видиме каде ќе не однесе огледалото. Следеше една од неговите најубави балади, „Крал без круна“, па продолжи во побрз ритам, на големо задоволство на публиката. Миле има свои верни овожаватели кои зафатија места во првите редови.
Тој со мерак и од срце им пееше, како што секогаш знае, а тие со мерак го следеа. Воопшто, идејата за настап на Наум, па на Миле беше полн погодок за љуботелите на фолк музиката. Миле е татко на три ќерки, Ана и Јана кои завршија средно училиште и петгодишната Ева. За нив и за сопругата Јасмина зборуваше во едно интервју за Женски магазин:
-Си ја бркаме секој својата работа, секој своите обврски, но јас како татко треба да трчам и да се борам за сите нив да живеат полесно и понормално. Сега малку се сменија работите. Не отсуствувам толку често од дома како порано. Кога немам обврски и настапи, сакам повеќе да сум дома. Веројатно како што старееме, некако стануваме побавни. Сигурно дека им е тешко кога сум отсутен, и мене ми е. Кога знаеш дека сите се дома, а ти мораш да пееш, но ете утредента гледам тоа да го компензираме. Одиме некаде на ручек, ќе ни дојдат гости, одиме на гости“, зборува Миле за времето поминато со семејството.
„Пиволенд“ за крај на овогодинешното издание го избра култниот бенд „Архангел“ и фронтменот Ристо Вртев.
М.Џаровска