Не чекајте како мене 44 години, не барајте изговори, станете татковци - нема поубаво: Марко „Дај побрзај“ за татковството
Водителот Марко Новески или Марко „Дај побрзај“ и неговата сопруга Цена во април станаа родители.
Нивната среќа овој пат беше дупла, бидејќи добија близначиња, Вања и Веда. Мама и тато горди родители на момче и девојче.
Марко за Женски магазин раскажа како сега му изгледа едно секојдневие со две бебиња. Вели дека денот му е доста турбулентен, активен и изменет, но исполнет и среќен.
„Ќе кажев ќе станам наутро, нема станување. Се будиме на секој два часа со сопругата за да ги нахраниме. Јас едното, сопругата другото, се снаоѓаме некако. Кога ќе се разбудам наутро околу 6 часот, излегувам да ги прошетам кучињата, потоа повторно се враќам дома, повторно со Вања и Веда, па потоа одам да си ги завршам тековните обврски. Потоа повторно дома, бебиња, кучиња и така. И кога на крајот од денот имаме некое слободно време од пола час, час, тоа е време да се видиме со сопругата, но тогаш немаме доволно сила и заспиваме“, раскажува Марко.
Кога дознале дека ќе станат родители, Марко и неговата сопруга Цена немале некоја посебна подготовка со читање книги како да се биде добар родител. Вели во ваква ситуација инстинктот те води, а искуството си го прави своето.
„Да, прочитавме некоја книга со сопругата, кога таа остана бремена, кога ми соопшти дека ќе имаме близнаци. Почнавме тогаш да читаме нешто, но сепак на крајот од денот ќе кажам, искуството си го прави своето. Сепак се консултираме со луѓе кои имале директна врска со таа одредена проблематика, на пример ако имаат грчеви или ако плачат, и собираме совети од луѓе. И се подготвувавме, но и еве учиме по пат што да правиме и како да правиме“.
Марко советува што побрзо да се стане родител тоа подобро, затоа што нема поубаво чувство од она што го доживеал кога се родиле Вања и Веда.
„Станете татковци, нема ништо поубаво на целиот свет, но бидете подготвени дека ќе ви се променат нештата многу. Нема поубаво нешто. Целото ова неспиење, не го ни чувствувам (лажам дека не го ни чувствувам) ама мала цена да плати човек за тоа што го добива. Нека се живи и здрави, тоа ми е само единствената мисла. Ако планирате да станете татковци, родители направете го тој чекор немој да дозволите да ви преовладаат оние мисли како немам доволно финансии, цел живот ќе наоѓате изговори, а со тие изговори може да стигнете како мене дури на 44 години да ви се исполни тоа што најмногу сте го посакувале цел живот“, вели Марко.
На крајот од овој разговор ѝ се заблагодари на неговата најсакана што на му го исполнила сонот и на свет ги донела синот Вања и ќерката Веда.
„Фала ѝ на Цена, мојата сопруга си ја сакам најмногу на цел свет, што ми ги донесе Вања и Веда“.
Габриела Додевска Глигоровска