Не ги гледаме, но ги слушаме како Санем и Џан, Ендер, Рејхан и Џенк: Актери кои ги насинхронизираат ликовите во турските серии
Со нахсинхронизацијата на главните ликови во турските серии кои се емитуваат на тв- екраните, актерите Дарко Вељиќ, Катерина Шехтанска, Марина Поп Панкова и Ирена Илиевска, секојдневно се присутни во нашите домови. Со нивните гласови, се обидуваат да ги „скинат“ колку можат и максимум да се доближат дооригиналот. Велат дека кога ликовите се слични на нивниот карактер и сензибилитет, тоагаш уживаат во работата.
Нахсинхронизацијата е дел од актерството, и постои како предмет во поголемиот дел од академиите кои нудат актерско школување. Дарко Вељиќ кој го нахсинхронизира Џенк во „Азра“ и Џан Дивит во „ Романтичарот“, кои се емитуваат на телевизија Сител, појаснува дека актерите ги следат ликовите, се соживуваат со нив, а имаат само една алатка да го пренесат тоа – микрофонот.
- Ние треба да ги „скинеме“ колку можеме и максимум да се доближиме дооригиналот. Можеби во одредена ситуација, ликот кој го нахсинхронизираме реагира различно од тоа како би изреагирале во таква ситуација како актери, но мораме да го следиме оригиналот. Затоа е полесно кога нахсинхронизирате актери, кои одлично си ја завршиле работата. Џенк (Алп Навруз) по природа е многу избувлив и подготвен есекоја ситуација да ја реши со физичко пресметување. Џан Дивит (Џан Јаман) не се трка со времето. Во секоја епизода барем три пати некому вели „опушти се“. Тој е авантурист кој знае што сака. Џан зборува брзо, без некои особени паузи во речениците и на граница е да не отвори уста, како да не се забележува дека усните му работат. Тоа ми задава некогаш проблеми. Ме влече да го следам и ме турка некогаш да изговорам реченици со лоша дикција. Мора да ги преснимам, за да се разбере тоа што го зборуваме. Додека со Џенк немам никаков проблем, како да се поделени сцените или е крајно романтичен или се тепа – открива Вељиќ кој по втор пат ги нахсинхронизира двајцата актери, во „Ќерките на Фазилет“, односно во „Полна Месечина“ и дополнува.
-Тие се ѕвезди, мегапопуларни, предизвик за нахсинхронизација. Кога би барал некоја сличност, би имал допирни точки и со двајцата. Ја сакам смиреноста и опуштеноста, тоа што го има Џан, авантуристичкиот дух кој го носи со себе. А од друга страна почитта кон семејството која е клучна кај Џенк, одговорноста и пожртвуваноста кон најблиските е сличноста со него. За крај како црешка, морам да си ја препишам и романтичната црта која ја имаат и двајцата – заклучува актерот познат и како Појраз Карајел („Мојот син“), Џесур („Украдено Минато“), Ќамран („Фериде“).
За работа пред микрофон потребна е специфична боја на гласот. и способност за импровизација,
За нахсинхронизација на главниот женски лик Санем во „ „Романтичарот“ е задолжена Катерина Шехтанска. Актерката открива дека и е многу забавна за работа, зашто си наликуваат карактерно.
- Во многу ситуации се препознавам себеси. И јас влегувам од белја во белја постојано. Често се случува главните ликови што ги добивам за нахсинхронизација,да имаат некакви допирни точки со мојата природа. „Романтичарот“ е ретко добра серија, згора на тоа и комична, која ме изненади и со кастингот. Актерите се одлични и многу убави – вели Шехтанска и потенцира дека и во овој ангажман има многу глума.
-Ми се случило ликот кој го нахсинхронизирам да биде толку стерилен, што сум приморана само со својот глас да оставам печат и на некој начин да го креирам. Во иднина посакувам и ние да почнеме да снимаме серии , а други низ светот да не нахсинхронизираат. – вели актерката која гледачите ја паметат и како Ѓулу од „ Имотот на дамата“ и Јешим во „Лале“.
Марина Поп Панкова во текот на студиите , благодарение на неодамна починатиот професор Данчо Чеврески, имала ретка привилегија, еден семестар со својата класа да помине во студијата на Македонското радио, кадесе запознала со тајните на играта пред микрофон. Во тоа време, радио драмата, била замрена, а синхронизација на нашите телевизии немало.
-Тоа што тогаш го добив како драгоцено искуство, го користам веќе осум години,откако почнав да се занимавам со нахсинхронизација. Актерското мајсторство е комплексна материја, а овој сегмент е нераскинлив дел од неа. За работа пред микрофон потребна е концентрација, поделено внимание, способност за импровизација, моќ за миговно снаоѓање и прилагодување кон емоционалната состојба на ликот и секако, специфична боја на гласот. Потребна е рутина и брзина која се стекнува со искуство, но секој не може да се снајде во оваа навидум неприродна средина. Имаме многу примери на натуршчици кои одлично пловат во овие води, но сме виделе и професионални актери кои не се успеале да се изнајдат во оваа улога посочува Поп Панкова.
Некои ликови ни се блиски по карактерот
Актерката ја нахсинхронизира Ендер од „Забрането јаболко“ која се емитува на Канал 5 телевизија. Вели дека и е еден од омилените ликови до сега.
-Во својот говор користи многу англицизми, за кои на почетокот не бев сигурна дали да ги користам, бидејќи сметам дека наша обврска како актери е да пласираме на екраните совршен македонски јазик и говор. Но, на крајот одлучив да ги задржам бидејќи тоа е нешто што ја разликува како лик од сите други и ја прави единствена. Слични сме во достоинственоста, смиреноста во говорот, способноста да останеме силни пред сите предизвици, посветеноста кон своите деца и можеби во мистериозноста. Но, во сѐ друго сме дијаметрално спротивни. Не знам да бидам лицемерна, иако тоа понекогаш им ѐ потребно на луѓето. Посакувам да можев да бидам бескрупулозна како неа по прашање на остварување на своите цели. Не знам да играм двојни игри, не поднесувам неправда, не ми се потребни „драми“, ниту пак сум зависна од нечие внимание. Имаме повеќе разлики, отколку сличности, но тука е мојот предизвик и воедно, уживање како актер, вели Поп Панкова, која досега го позајмила својот глас на повеќе од 60 ликови а актуелна е и како Нефизе од „ Една е мајка’.
На Ирена Илиевска честопати и го поставуваат прашањето дали има актерство во нахсинхронизацијата. И секогаш нејзиниот одговор е ист – тоа е работа која треба да ја исполнуваатактери.
- Има точна емоција, треба да има правилен и чист говор, добра дикција, логични реченици, акцентски целости и многу други алатки со кој еден актер се служи за да го долови ликот. Иако, морам да признаам, во овие седум години искуство во нахсинхронизацијата, сум сретанал и луѓе кои не се актери, но одлично се снашле во таа работа. Ретки се, но ги има – вели Илиевска која ја нахсинхронизира Рејхан од истоимената серија,што се емитува на Канал 5 телевизија. .
-Не постојат тешки и лесни ликови. Сите се различни и бараат подеднакво време и посветеност. Нормално, доколку некој лик ви е поблизок до карактерот или ситуациите кои ги живеете, тогаш полесно ви оди извлекувњето на подтекстот. Ако станува збор за дијаметрално различни карактери, ќе треба малку повеќе труд на почетокот додека го запознавам ликот. Со Рејхан имаме и сличности и разлики. Таа е девојка која не одстапува од зборот што го дала, која и премногу молчи и ги чека своите пет минути.Има доста од неа во мене, посебно во таа непоколеблива борба по вистината и праведноста. Сепак јас сум бунтовна, не молчам, поточно не премолчувам. Сакам работите да се јасни и на чисто, без да треба да ја чекам 100-та епизода за да го кажам своето мислење. Бидејки ова нашето е живот, а не серија – посочува Илиевска која нахсинхронизирала ликови од многу серии и стекнала огромно исуство во оваа област.
Соња Алексоска Неделковска