Не гледајте во телефоните, слушајте го шоуто: Емотивен концерт на Брајан Адамс во Скопје
Канадскиот рок музичар Брајан Адамс на
скопскиот концерт во А1 Арената ја оправда изреката дека колку си поголема
ѕвезда, толку си поедноставен. Оваа реченица комплетно го опишува него.
„Здраво, јас сум Брајан. Ова е најдобрата македонска толпа која сум ја видел. Всушност ова е единствената македонска толпа која сум ја видел“, се пошегува Адамс кој за првпат вечерва пееше во Скопје.
По многу нешта ќе се памети овааа негова прва средба со домашната публика. По топлината во изведбата на баладите, по енергичноста во рокерскиот дел, по искреноста која точно се почувствува кај него. Брајан Адамс не е од оние музичари кои доаѓаат „школски“ да си го одработат концертот. Тој се даде себеси на сцената. И тој, и бендот.
„Не гледајте во телефоните, ве молам, слушајте го шоуто. Спуштете ги телефоните. Дали сте дојдени тука да гледате во нив или да слушате музика?“, ги опомена Адамс оние во првите редови.
Насловната тема на турнејата која го донесе во Скопје, „Shine a Light“ ја пееше на почетокот од концертот. Светлосните ефекти ја збогатија оваа песна и речиси сите други. На некои песни немаше потреба од никакви светла. Доволни беа оние од телефоните на публиката. Привилегија е да се слушнат во живо безвременскте балади со кои пораснавме. „(Everything I Do) I Do It For You“, или „Have You Ever Really Loved a Woman“, со сцени од филмот „Дон Жуан Де Марко“ со Џони Деп во главната улога на видеобим. Како „флешбек“ во раните деведесетти беше и „Please Forgive Me". „Еве ни го сентишот за танго за фајронт на диско“, коментираа во публиката. „Forever 18“, и оваа песна разбуди носталгија во истиот контекст.
Освен што нѐ разнежи, Брајан Адамс и нѐ размрда. Во ВИП партерот беа сместени премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица, министерката за одбрана Радмила Шекеринска со сопругот Божидар Јанковски, Кирил Колемишевски, заменик министерот за економија, кој беше еден од најразиграните гости.
Убав и насмеан свет влезе во салата, и уште понасмеан излезе од неа. Браво за Брајан Адамс, и за концертот кој го организираше „Авалон продукција“. Уште вакви случувања ни требаат.
Милица Џаровска