Не кријам дека раскинав стара врска, но не сум човек што цело време објавува со кого е и што прави: Искрено со Жаре од „Еден на Еден“

Добивај вести на Viber

При крајот на 13-тата сезона на шоуто „Еден на Еден“, Жаре Димитриоски има повеќе причини за радост. Од оваа сезона, емисијата се врати во студио, со нов бенд и старо-нова екипа за нова енергија. Маркетинг агенцијата која ја води се ребрендираше, а Жаре открива дека во меѓувреме завршил уште еден факултет и наесен ќе магистрира. Она за што за првпат искрено зборува во јавноста е дека по подолго време е повторно „сингл“, по раскинувањето на долгогодишната врска. Според него, ниедна врска нема смисла на долг рок, ако немаш вистински, искрен партнер покрај себе. 

* Како се чувствуваш дека си единствен со толку долготраен и успешен ТВ производ?

- Најблагодарен на свет. Ние од екипата на емисијата, еден убав и голем тим што функционира како вистинска фамилија, сме максимално свесни за трудот и љубовта вложена за сето ова да е реалност. Но, ништо не е можно без поддршката од публиката. 13 години од стартот, бележиме рекордна гледаност и ТВ публиката расте од сезона во сезона и на тоа не ти останува ништо освен од срце да се заблагодариш. Благодарен сум за сето ова.

 *Ова се 13 години во кои многумина се обидоа, но не успеаја да направат слична емисија, а постоечките се само во раните почетоци. На што се должи тоа?

- Со што и да се фатиш, доволно професионалност, доволно пожртвуваност и доволна дарба за што и да е тоа, заедно раѓаат нешто што вообичаено го нарекуваме "успех". А не штети и да имаш добри партнери. (се смее) „Алкалоид“ и останатите долгогодишни подржувачи прават да е возможно секој од екипата да си ја гледа својата работа и да ја работи најдобро што може. Веројатно улога игра и тоа што еволуираме. „Еден на Еден“ отсекогаш била платформа каде се давала меинстрим сцена на многу сценаристи, бендови, комичари, актери, па така во 13-тата сезона да речеме, освен 1на1 бендот со Мартина, Стефан и Андреа ги имаме и одличниот афористичар Марјан и прекрасниот актер од Куманово, мојот имењак Жаре кој е новата ѕвезда во Македонија и кој во целост го оправда големиот простор кој му го ослободивме. 

*Имаше интересни гости во Сезона 13, но некако најкоментирани беа емисиите со Владо Јаневски и со Сашко Коцев. Како ти успева во сeкoj муабет со Владо Јаневски кој важи за затворен тип, секогаш толку да го размуабетиш и да извлечеш нешта кои претходно не ги кажувал?

- Владо е многу интересен човек. Иако не излегуваме во град заедно да се дружиме и слично, низ годините и низ тие приватни средби кои сме ги имале, имаме изградено еден редок и многу отворен, искрен, пријателски однос. Кога седнуваме со Владо решаваме универзумски важни прашања, не се збори за неважни теми. (се смее) Оттаму е и довербата. А со Сашко пак, заедно растевме во овој каков таков шоу-биз свет последниве 15-ина години и до ден денеска вистински се почитуваме и имаме задржано супер однос надвор од сцена и тоа се приметува кога ќе се вклучат камерите.

*Повеќе од 10 години водиш позната и голема маркетинг агенција, која сега е ребрендирана. Од каде дојде тоа?

- Да. Од 2022 маркетинг агенцијата Еден на Еден се трансформира во БД група или скратено BDG. Направивме реструктуирање за нова основа која треба да го овозможи следниот раст. Се засиливме и во менаџментот, каде ни се придружи еден мој долгогодишен пријател и поранешен маркетинг директор на светски познатите компании ESET и Kaspersky Lab, г-динот Џулијан Робертс од Англија. Името Еден на Еден не заминува никаде се разбира, ќе си живее како нашиот најпознат производ, ток шоуто кое 13 години е во етерот, а наесен ќе ја почне и 14-ката.

*Имаш ли во веќе во главата некоја листа на гости и идеи за Сезона 14?

- Срамота ќе е ако кажам дека уште немам? (се смее) Има време, знам...

*Првиот македонец на престижната Forbes 30 Under 30 листа, претприемач на годината во Македонија, претседател на асоцијацијата ТИМ 40 во Стопанската Комора, многу маркетинг признанија и успешни кампањи за најголемите брендови, изгласан си за македонски Superbrand, полно награди за најдобра емисија... Колку си горд на сето ова? Само што влезе во 30-ите години, а имаш постигнато многу.

- Секако дека сум горд, но најгорд сум на тоа што мајка ми и брат ми се горди на мене. Нивната поддршка ми значи најмногу и таа ми е најпотребна. Со цел да ги направам уште погорди, еве ќе ти се пофалам, завршив втор факултет и сега ја пишувам дипломската, а наесен здравје боже треба да магистрирам. Сите успеси се слатки, убави, посебни, но многу е важно човек да научи да ги цени.

*Ако го свртиш филмот наназад, што е она што го сметаш за твоја најголема животна грешка (приватна и професионална), и обратно на кои свои одлуки си најгорд?

- Успесите доаѓаат со некаква цена. Нешто губиш, за нешто да добиеш, треба човек да е тука внимателен. Плус, некогаш можеш да згрешиш како мене и да почнеш успесите да не ги цениш искрено и само да трчаш по следниот, наместо да го уживаш постоечкиот. Тоа ми е најголемата грешка. Фала богу, станав свесен за овие работи. А најгорд веројатно сум на тоа што останав во Македонија и со најискрена љубов и труд отворив и изодев еден уникатен пат во многу комплицирани бранши, приватен бизнис, маркетинг, продукција, медиуми, настани... Убаво е кога ќе се свртам наназад.

*Се изненадив кога дознав дека си сингл подолго време. Зошто го криеш тоа?

- Не го кријам воопшто. Едноставно, не сум човек што цело време слика и објавува кај е, со кого е и што прави. И да ти кажам, од тоа не сум видел некој зијан. Инаку, се разбира дека знаат тие што треба и тие луѓе што ми се поблиски. Растрчани се, бараат девојки под дрво и под камен, ако знаеш некое добро девојче кажи. (се смее)

*По колку време ја прекинавте врската, и што мислиш, постои ли пријателство или барем коректен однос по долга љубов, или повеќето (особено јавни личности) тоа го кажуваат за да создадат подобра слика во јавноста?

- Бевме долго време заедно и поминавме убав период. Јавна личност или не, не правам разлика, ако двајцата луѓе се доволно зрели ќе најдат начин да се разделат човечки и со разбирање. Тоа подразбира и да останат пријатели, а секако подразбира да задржат коректен однос.

*Што е тоа што може да направи да опстане или да престане една сериозна врска?

- Секоја врска е партнерство. Добрата врска е цврсто и сигурно партнерство. Мое длабоко убедување е дека клучно е да знаеш и да си уверен дека имаш вистински, искрен партнер покрај себе. Без тоа ниедна врска нема смисла на долг рок и подобро е да заврши.

творен си за нова врска или?

- Секако.

*Следната избраничка веројатно ќе е онаа вистинската?

- Па, не знам, времето ќе каже. 

*А, што е тоа што го бараш кај потенцијалната кандидатка?

- Не е дека имам конкретни критериуми што треба да ги "чекирам" ама еве, сигурно не би можел да сум со личност која не е искрена, која не е чесна. Во врска треба да сакаш, а за да сакаш и разбереш некого, мораш прво да се познаваш, прифатиш и засакаш себеси. Ете тоа. И овој список од помали работи исто така ама ај, да не го читам сега...(се смее)

Милиџа Џаровска

Фото: Приватна архива