Не појадувам и не одам во теретана: Лидија Вукиќевиќ за Женски магазин ги откри тајните на нејзиниот изглед
Со своите 175 сантиметри, витката става, широката насмевка и кадравата коса, ќе ве остави за момент без зборови. Не можете да поверувате дека се приближува кон шестата деценија од животот. Изгледа многу помладо. Популарната српска актерка Лидија Вукиќевиќ дополнително ќе ве „збуни“ кога ќе ви открие дека не посетува теретани и не држи диети. Разговорот го правевме по одржувањето на претставата „Обвинителка“ во преполниот театар во Штип, во која глуми со Магдалена Ризова и Сашо Ристовски.
- За изгледот сигурно дека има влијание и генетиката. Мајка ми беше убавица. Студираше книжевност во Скопје и таа ми ја всади првата љубов кон Македонија. Прво е генетика, а потоа е и работата на себе. Се одрекувате од некои работи. Никогаш не сум држела диета, но не јадам месо. Секогаш го слушав својот организам и го јадев тоа што му одговара. – открива актерката, која најчесто го прескокнува и го преспива појадокот, поради спецификата на професијата.
- Кога имам претстава, доаѓам дома доцна. Станувам околу 12 или 13 часот и тогаш е веќе време за ручек. Не можам веднаш да јадам. На мојата трпеза има ориз, компир или нешто што сакам. Никогаш не јадам нешто на сила. Не одам во теретана, затоа што не сакам грч на лицето. Водам сметка, го јадам тоа што ми одговара и да биде лесна храна. Секако, од моментот кога ќе станам почесто јадам. Жената не смее да се откаже од себе. Тоа нема врска дали е актерка или се занимава со некоја друга професија. Мајка ми нé научи со сестра ми секогаш да водиме сметка за себе. Веројатно тоа резултирало со овој мој изглед. Во сѐ треба да се има мера, а таа е многу важна за сѐ. – открива катерката.
Обрнува големо внимание и на негата. Својот стил на облекување го дефинира како спортска елеганција.
- Никогаш не легнувам во кревет додека комплетно не ја симнам шминката и не ставам некоја адекватна крема. Важно е кожата да се нахрани после шминката, а особено таа која се користи во театарот. Што се однесува до стилот, сакам атракција. Иако е спортско, не сакам да биде обично. – вели Вукиќевиќ.
За своите два сина, едниот пилот, а другиот спортски директор во ОФК Београд, вели дека се прекрасни момчиња. Има одличен однос со нивните девојки.
- Во куќата сум растела со тие деца, со младите. Повеќе се дружам со млади луѓе отколку со својата генерација. Поради мојата популарност во почетокот малку им е непријатно, но многу брзо гледаат дека сум потполно кул, што би рекле тие. Потоа имаме одлична комуникација. Заедно одиме во шопинг. Секогаш се обидувам да им се најдам на тие девојки и да им купам нешто. Сакам да се убави. Сакам да се дотерани. Тоа се девојки на моите синови. Воопшто, сакам да видам убаво облечена жена. – потенцира актерката и дополнува дека кога ќе се погледне себе, двете деца и семејството може да каже дека е среќна жена.
- Но, не сум личност која може да се гледа само себе. Верувајте дека сум еден сунѓер, кој го впива сѐ она што се случува околу нас. Секако не само во Србија, туку воопшто во светот. Всушност, многу сум чувствителна личност, на која влијаат сите тие нешта. И никако да научам како да се гледам само себеси. Не, тоа не може да се научи. Едноставно сум таква. Оставени деца по домовите, земјотреси во Турција и во Сирија, сето тоа ме изместува. Многу сакам незгрижени животни. Инаку, кога би се гледала себе и своето семејство, своите синови, кои се прекрасни,би рекла дека сум среќна жена. – заклучува актерката која моментно е актуелна и во Белград со две претстави, а работи и на една тв серија.
Соња Алексоска Неделковска