Не зборувај ми за љубов
Нема ништо поубаво од тоа човек ем да може сам со себе да излезе на крај и да се чувствува убаво во сопствената кожа, ем да може да функционира во врска или брак. Никогаш не сум ја разбирала потребата да се биде секогаш со некого, како еден вид бегство од своите мисли или страв да се остане сингл. А не дека не го разбирам притисокот кој сите го имаме дека “ако си сам, тогаш си како половина човек” и кој удира секогаш во оној дел кој ни вели “мора нешто да ти фали ако си самец”. Ми требаа години за да се ослободам од таа стега која чинам дека само ме уназадуваше. Сега знам дека има луѓе кои се фантастични личности, а кои едноставно не можат или не сакаат да се со некого. Впрочем, сите се раѓаме сами и умираме сами. Е да, убаво е да се има партнер/ка со која ќе споделуваме секојдневие, но не е нужно дека мора да го/ја имаме. Митот дека треба апојте некој да ми ги подаде или да ми даде чаша вода, ич не ги прифаќам. Да ти се плукнам на односот ако сé се сведува на тоа дека староста не се чека сам.
Многу врски и бракови во кои односот е себеизмачување и измачување на другиот, се темелат баш на тоа верување. Пак ќе речам, невидена убост е да имате покрај себе човек во кој ќе се видите себеси и со кого ќе се чувствувате спокојно и среќно. Но, не е никаков неуспех или проблем ако сте пробале и не ви оди, па сте одлучиле да излезете од врската или бракот. Чесноста кон себе и кон партнерот дека не оди и дека нема зошто да се присилувате да бидете заедно, е бесценета. Стравот да се биде сам е најнеоснованиот страв со кој многу почесто се соочуваат жените. Верувањето дека жената не се реализира комплетно ако не оформи семејство, е бизарна. Барем во денешно време жените имаат избор да имаат деца без партнер или да живеат вонбрачно. И пред сега да ми скокнете со теориите за традиционалните вредности, да ви кажам дека ич не верувам во нив. Како жена која за време на својот самечки живот се соочила со низа непристојни понуди од женети мажи, тврдам дека традиционалните вредности најмалку ги почитуваат оние кои грчевито се држат до нив ама сакаат да им мрда опашот. Моите убедувања може да ви се допаѓаат, може да не ви се допаѓаат. Но, ако сега во моментов направиме една анкета на секоја жена која ја чита колумнава колку често била во ситуација да каже НЕ на понудено кафе, вино, ручек, хотелска соба од женети мажи, ќе видите дека не е баш дека многу сум во заблуда. И обратно, иако мислам дека мажите предничат во ова (не бегам од тоа дека можеби е ова предрасуда од моја страна). Затоа, поборник сум на тоа дека е поарно сама и чесно, отколку во несреќен однос и нечесно.
Она што ми е чудно како феномен, е дека многу жени кои се извонредни како личности, кои се застанати на свои нозе и се успешни во тоа што го работат не се имуни на стравот од самотија. Дали воспитувањето ни ја ставило најголемата сопка? Верувам дека да, дека жените кои газат во својата професија (газењево е во контекст на успешност, не е негативно кажано) и кои сите предизвици ги решаваат и поминуваат лесно, сепак се премногу под притисокот дека “можеш да имаш сé, ама ако немаш маж до себе, ти си само една кариеристка која не вреди”. Тука ич не ни помага и тоа дека успешноста и годините кои ги имаме, не се баждарат исто за мажите и жените. Никој нема да каже нешто лошо за маж кој во свои 40+ нема врска или брак и е посветен на професијата. Ама ако сте жена на 40+ која е посветена на кариерата и е сама, тогаш предрасудите се пуштени на најсилно.
Деновиве сум на одмор и некаде низ порталиве ми пролета инфото дека Џенифер Лопез се разведува од Бен Афлек. Вест која е интересна колку ланскиот снег и која ама баш ништо не менува во ничиј живот (освен нивниот) и ќе речете зошто тогаш ги спомнувам. Еве зошто. Џеј Ло (како што скратено ја викаат) е светски позната ѕвезда. Можеби малкумина во светот ќе знаат кој стои зад некое научно достигнување, ама сите ќе знаат која е таа. Е таа жена-змеј, која е успешна и како пејачка и како актерка, не знае да биде сама. Тој страв и влетување во нов однос пред или веднаш по завршување на претходниот, сега ја чини откажување на светска турнеја со образложение дека се наоѓа во лоша емоционална состојба. И кога ќе ја видам жената која сама успеала да се избори да е она што е денес, не ми оди во глава дека кикснала во изборот на партнер. Она што е најчудно е дека знаеше со кого си има работа, оти пред 20 години беше со истиот човек и прекинаа пред да се земат. Ако нешто ме има научено искуството е дека да обновиш врска со човек со кого си бил, е исто како да читаш веќе прочитана книга. Заради промените кои сите ги имаме во текот на животот и емоционалниот раст, книгата можеби и ќе ја доживеете поинаку после 20 години ама крајот и’ е ист, секогаш. Башка, убава е вербата во љубовта и пеперутките во стомакот, убава е хемијата, ама заедничкиот живот (особено бракот) нема врска со пеперутки и хемија. Ако сте со партнерот како ден и ноќ за работи кои се деликатни, нема да успее. Оставете приказните дека различностите се привлекуваат. На долг рок, тие се првиот камен од кој ќе се препнете. Така, Џеј Ло и нејзината потреба да се биде во центар на внимание и опкружена со камери е спротивна на интровертноста на Афлек кој баш и не се трудеше да го скрие своето незадоволство. Да бидам искрена, мене тој тип никогаш не ми се допаѓал, демек тој секогаш несфатен и со тој измачен израз на лицето. Поточно, ми се приповраќа кога за алкохолизмот ја обвини својата поранешна жена. Не сакам луѓе на кои секогаш им треба некој да е дежурен виновник за нивните сра*а. Биди човек и соочи се со своите демони, спастри ги ако можат да бидат спастрени и терај.Џенифер Лопез и Бен Афлек ги спомнав оти сме склони да веруваме дека само нам, на обичните смртници ни се случуваат киксови. Демек познатите се поштедени од тоа, иако не се.
Сите кубуриме од истите причини и за исти работи. Сите сме чувствителни кога се работи за емоции и сите имаме стравови. Стравот да се биде сам е полош од стравот од смрт, оти е секојдневно имачување на сами себе. Љубовта сите ја сакаме и ја бараме, оти ни треба. Но, не по секоја цена. Не за да се зборува за неа, а од друга страна, на првото камче-проблем да се истркаламе по патот. Научив дека љубов е кога сé е за никаде, ама кога партнерот ќе остане до тебе и ќе ти каже “ќе биде во ред”. Научив дека љубов е стисок за рака, почит и никакво присилување за било што. Научив дека љубов се сите ситни и мали работи кои ќе ни измамат насмевка и кои се утеха кога не сме ок. Научив дека љубовта не се бара, не се изнудува и не се купува по цена на несреќни индивидуи. Научив дека за љубов не се зборува, туку се живее.
А она што најмногу и најдобро го научив и запаметив е дека ако немате љубов кон себе и почит кон својот раат, џабе е сé. Не е дека сум имуна на црвчето кое некогаш ми ровари во умот и ми вели “знаеш, можеби ќе останеш сама сиот живот”. Не е дека сум имуна на помислата дека некогаш ми недостасува партнер. И не е дека сум спремна да се откажам од љубовта, оти ја носам во себе. Не знам дали ќе ја доживеам повторно, но знам дека ќе сум присутна 100% ако дојде. Но, никако по цена да не сум она што сум и човекот наспроти мене да не е она што е. Дотогаш, ќе уживам во кафето сама оти ете, научив да сумво врска со сама себе.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не зборувај ми за љубов
Ако кадарен не си ја чуваш
Тогаш кога работите одат удолу
И рози повеќе не цутат
Оти за така секој знае
Дури арно е да ја велича
И ѕвезди од небо да и’ симнува
Та озгора прав-шеќер да и’ тури
И во песни да ја опева
Не зборувај ми за љубов
Оти од збор не ја бива
Ниту пак од збор ќе живее
Оти храната нејзина во буквите не е
И не ќе ја напоиш со метафори
Ами со нежност и почит
Со мудрост и умешност
Со чување како да е капка вода
Во пустина полна жежок песок
Не зборувај ми за љубов
Ич муабетот не си го троши
Ниту себе да се залажуваш
Ниту мене треба да ме лажеш
Оти секоја лага кратки нозе има
И никаде не стасува
Колку и крила да и’ даваш
Колку и да замижуваш пред поразот
Кој ќе дојде ако вистинска љубов не е
Не зборувај ми за љубов
Не си арчи здивот и умот
Туку за промена малку замолчи
Та чесно пред себе кажи си
Дали можеш да ја сочуваш
Тогаш кога и обајцата за никаде сме
И кога ниту еден од нас сила нема
За рака да подаде на другиот
Оти горделивоста тешка болест е
Не зборувај ми за љубов
И ич не ми давај в уста да ја ставам
Ниту името да и’ го спомнам
Ако ме сетиш оти друг пат фаќам
И по навика за неа ти расправам
Без со двете раце да ја зграпчам
И од пуста навика да ја сочувам
Чунки достојна за неа не сум
Чунки достоен за неа не си
Не зборувај ми за љубов
Туку молчи и дај ми да ја видам
Во окото твое и мојата да ја сместам
Молчи и стисокот твој нека ми ја покаже
Во мојата дланка во која твојата спие
Оти удолу се’ кинисува
Кога почнуваме за љубов да зборуваме
Наместо да ја дишеме
Наместо да ја живееме