,

Не зборувајте разгалено со децата, многу е важно на каков јазик им се обраќате: Логопед Симона Василевска Николовска

Добивај вести на Viber

За родителите децата се најважното нешто на светот, за нив тие се подготвени на се‘. Од раѓање го следат секој нивен чекор, секој збор. Токму затоа доколку родителот забележи дека детенцето нема чист говор, или пак истото се соочува со јазина бариера бара начини да му помогне. Но, кога е вистинско време за посета на логопед, како да познаеме дали нашето дете има потреба од стручно лице кое може да му помогне на детето при тешкотии со коминикација. На оваа и на многу други прашања, разговараме со логопед Симона Василевска Николовска, која за Женски магазин откри и сподели едукативни совети за родители, но и за останатите членови во семејството, баба, дедо, кои се исто така важни во помагањето и надминувањето на потешкотиите на говорот кај децата.


* Кога едно дете има потреба од логопед? Како родителот да препознае дека детето има потреба од Логопед?

- Постојат ситуации каде имаме дечиња родени со ризик, па потребно е нивниот развој да биде следен од самото раѓање. Имаме ситуации каде родителите забележуваат отсуство или бавен равој на говорот. Потоа доаѓаат неправилностите во артикулацијата на одредени гласови. Се‘ на се‘, не постои едно одредено време кога детето треба да посети логопед. Важно е дечињата редовно да бидат следени од родителите и својот матичен педијатар, па после првите знаци кои укажуваат на некој недостаток да се побара помош од логопед.

* Од колку години е најдобро детенцето да се носи на логопед?

- Секогаш зависи од состојбата на детенцето, има дечиња кои се родени со одредени синдроми, расцепи на мекото и тврдото неце, и други состојби кај кои е потребно да се отпочне со логопедски третмани многу рано, дури и пред првата годинка.  Штом се забележи некое отстапување во развојот на говорно – јазичните вештини, треба да се побара помош. Што се однесува до артикулативните потешкотии, тука би рекла дека родителите треба да бидат запознаени со она што значи очекуван или физиолошки развој на одредени гласови и кога е нивното време на појавување, за да може да побараа помош од логопед на време.

* Дали видот на играчка и игрите, влијаат врз развој на говорот и јазикот?

- Секако дека играта е најсовршениот начин преку кој учат децата, па затоа треба внимателно да се однесуваме со играчките и игрите кои им ги нудиме.


Изложеноста на детето пред ТВ пред 18 месеци, има негативен ефект врз развојот на говорот, вештините за читање па дури и меморијата

*Кои видови на играчки се наједукативни за децата?

- Повеќе би рекла дека начинот на игра е поважен отколку самата играчка. Секој родител знае дека забранетите предмети се најомилени кај децата, и дека лажиците и тенџерето некогаш е најинтересната игра. Она што е важно за стимулација преку игра е разговорот кои родителот ќе го води со детето додека се користи некоја играчка. Секако и дека постојат играчки кои се наменети за стимулација на различни вештини кај децата и секое детенце треба да има барем една таква играчка во својата колекција.

* Од која година е во ред на дете да му се дозволува да гледа ТВ? Колку време на ден? Кој вид на програма т.е цртани, прикази, песни, филмови?

- Пеењето песнички треба да е присутно од првиот ден на раѓањето на бебето. Но, строго се забранува изложувањето на бебето од најрана возраст на цртани филмови. Во прелингвалната фаза кај децата е особено важно детето да има соодветна стимулација од страна на родителите и опкружувањето, а цртаните филмови тоа не можат да му го овозможат. Истражувањата покажуваат дека изложеноста на екрани пред 18 месеци, има негативен ефект во развојот на говорот, вештините за читање па дури и меморијата. На тоа се надоврзуваат и други потешкотии во развојот на детето.

* Има и родители и баби кои зборуваат со децата на разгален, т.н детски јазик, кога наместо чоколадо, му зборуваат со други зборови, како на пр: кадо, ладо и многу други слични изрази. Дали е тоа во ред? Или доколку не е, што е правилно?

- Секако дека не е во ред таквиот начин на зборување. Ако знаеме дека детето го учи говорот преку слушање, мора да знаеме и дека говорниот модел е многу важен. Затоа особено внимавајте како им се обраќате на децата.


Раното и претерано изложување на телефони кај децата предизвикува бројни проблеми, од ментални нарушувања до потешкотии со спиењето


* Многу наши прјатели знаат да се пофалат дека нивното дете супер управува со мобилниот телефон. Дали тоа е во ред или не е? Како влијае телефонот врз детето?

- Има ситуации каде детенце на возраст од 18-20 месеци знае совршено да управува со мобилен телефон. Од моите сознанија тие играат некои игри кои целосно го окупираат нивното мозоче, прават детето да биде буквално „исклучено“ од реалните случувања околу себе, кога ќе им го одземете телефонот, покажуваат силни знаци на незадоволство, дури и агресивност. Раното и претерано изложување на телефоните предизвикува бројни проблеми кај децата, од ментални нарушувања до потешкотии со спиењето па дури и здравствени потешкотии.

* Од која возраст да му се дозволува употреба на телефон, по колку часа дневно?

- Телефоните се дел од новата ера на технологија и е неминовно децата од најрана возраст да бидат запознаени со нив. Но, тоа не значи дека треба да им дозволиме да поминуваат време на телефон, во предучилишна возраст. 

* Што може да направат родителите при проблеми со говорот и јазикот кај нивното дете?

- Прво нешто кое што треба да направат родителите кои имаат детенце кај кое доцни развојот на говорно – јазичните вештини, е да разговара со неговиот матичен педијатар, а следен чекор е консултација со логопед.


* Дали подоцното прозборување на деца се должи на изложеноста нивна пред ТВ и телефони, компјутери и слично? Во вашето искуство како логопед, дали бројот на овие деца се зголемува?

- Како што напоменав, важен е говорниот модел и континуираната стимулација на детето, преку играње игри, пеење песнички, опишувања на секојдневни случувања и опис на слики. Изложеноста на екраните премногу делува во предизвикување неправилности во развојот на децата, бидејќи нивната стимулација која ја добиваат преку ТВ не е соодветна и тука настануваат проблемите. За жал оваа појава е доста честа и голем е бројот на децата кои се јавуваат на логопед заради развојните потешкотии предизвикани од неконтролираната изложеност на екраните.

* Колку родителите ги слушаат и применуваат советите од логопедите за некористење на мобилни и насилни игри? Односно, и покрај вашата забрана на смарт технологија, родителите „скришно“ дозволуваат користење ан истата за мир во куќата?

- Секој родител се соочил барем со еден предизвик кој го натерал да му понуди телефон на детето, било тоа да е да се смири, да јаде, за да може родителот да заврши некоја обврска или друго. И покрај нашите повици и покрај тоа што веќе секој од нас познава барем едно детенце кое било премногу изложено на екрани, продолжуваат да одат со своите убедувања. Наспроти тоа имаме родители кои пак строго забрануваат технологија  и ги окупираат своите деца со разни активности и ги престимулираат од рана возраст. Умереното секогаш било најдобра опција, па така мојот повик до родителите е да им овозможат на децата убава стимулативна средина, а сепак да ги остават тие да бидат деца и да ги прават нештата кои доликуваат на едно дете.

* Дали родителите одбиваат да го носат детето кај логопед, кај стручни лица за надминување на говорните потешкотии кај своите деца? Дали тоа го оставаат како последна опција, или пак се работи за срам?

- Родителот секогаш знае што е најдобро за своето дете и родителскиот инстинкт никогаш не лаже. Има родители кои се опседнати со развојот на своето дете и уште веднаш штом забележат некое отстапување веднаш бараат помош. Но, за жал постојат и такви кои се под силното влијание на околината, живеат во тешки социјални услови, не се доволно запознаени со она што е очекуван развој според возраста и бројни други нешта кои прават да се одложува посетата на логопед.  И покрај обидите за  силното влијание на логопедите преку социјалните медиуми, секогаш постојат случаи кои не се охабруваат да побараат помош од нас.


Наталија Миланова