Нема пари за МАРС: Се укинува радискиот фестивал

Добивај вести на Viber

По десет години континуитет, годинава нема да се одржи радискиот фестивал МАРС, кој од 2008 година ги наградуваше најпопуларните домашни хитови. Според проект менаџерот на фестивалот Антонио Димитриевски, причините се најверојатно политички. Организатор на настанот беше Универзалната сала, која оваа година не добила финансиска поддршка од Град Скопје за организација на настанот.

„ Како и сите години до сега, поднесовме годишна пријава до Град Скопје за финансирање на фестивалот. Официјално, не добивме образложение од кои причини е одбиена. Ако резонираат според тоа дека МАРС го финансирала претходната власт, воопштво не се во право, затоа што фестивалот почна во 2008 година, кога градоначалник беше Трифин Костовски, а не Коце Трајановски. А на овој фестивал немаше ни П од политика, беше настан од национално значење за македонската естрада, единствен кој ги вреднуваше и ги наградуваше домашните музичари“, ни изјави Антонио Димитриевски.  Познатиот новинар додава дека овој проект го работел со љубов, а за изборот на наградените хитови чесно гласале повеќе од 40 домашни радио станици.

„На МАРС настапуваа и добиваа награди и пејачи кои се блиски до сегашната власт, па никогаш со никого од нив сме немале проблем. Уништена е единствената манифестцаија која што колку-толку им даваше стимул на пејачите. Затоа естрадата ни е на ова дереџе на кое што е. Затоа велам, претпоставувам дека се политички причини во прашање, а надлежните очигледно немаат слух за култура. Но, нивен избор, нивна работа“, додаде Димитриевски.   

Лански победник на фестовалот е Лозано 

Од Град Скопје не одговорија на нашите повици за изјава зошто е одбиена годишната пријава за финансирање на фестивалот. 

Ланскиот победник на МАРС е Влатко Лозаноски-Лозано. Тој за песната „Ова лето ќе се памти“ доби награда за апсолутен хит на годината и парична награда од 60.000 денари. Фестивалот даваше награди во повеќе категории. За наградата од публика се доделуваа 30.000 денари, а за наградата за најдобар текст 12.000. 

М.Џаровска