Порано многу премолчував. Секому, секаде. Бев оптоварена со тоа како ќе изгледам во очите
на другите ако кажам дека нешто ми е, или дека нешто не ми се допаѓа. Премолчував
кога се однесуваа арогантно со мене, кога ми повишуваа тон, премолчував кога
знаев дека некој ми зборува зад грб, а пред мене глуми блискост и пријателство.
И ден-денес кога ќе ми текне за какви сѐ тривијални работи сум премолчувала, ми доаѓа да си ја влепам една...и уште
една, за да не ми падне на ум никогаш повеќе да одам против себе. Сега работите
се потсменети. Актуелна ми е досетката која ја прочитав на социјалниве мрежи, а
која вели “во години сум кога не можам да го вовлекувам
ниту стомакот, ниту јазикот”, но познавам многу луѓе
кои се како што сум била јас некогаш.
Тоа се оние стрпливи, кротки и питоми луѓе кои мирно чекаат во редицата за на шалтер и кои пред себе ги пуштаат говедата со вечниот изговор “само да прашам”. Тоа се луѓето кои кога ќе стасаат до шалтерот велат “добар ден”, “благодарам” и “пријатно”, притоа добивајќи само снамќорен поглед, половично завршена работа и однесување кое ич не е за толерирање. Тоа се тие кои ќе си поќутат иако час и кусур седат на тврдите и неудобни столчиња на доктор, само затоа што десетина ѓонови влегле преку ред оти имаат врски. Тоа се луѓето кои редовно плаќаат сметки и кои први го јадат стапот ако задоцнат со некоја сметка, оти во оваа држава сите институции се навикнати да удрат по редовните плаќачи. Не за друго, туку дека простачката психологија налага да се силат таму кај што знаат дека имаат работа со чесен граѓанин, а не со багра која ќе возврати со иста мера. Кротките луѓе ќе премолчат кога некое татино синче со џипот(кој вреди колку што на првиве им чини станот сосе покуќнина) ќе им се изнасили во сообраќајот и ќе помине неказнето. Премолчуваат и кога силеџиството е од видот “знаеш ли кој сум јас” и тоа само затоа што се воспитани да не влегуваат во конфликти, а не дека знаат кој е волот неотесан.
Да се молчи и премолчува за било што не е доблест, ниту пак дека попаметниот попушта, туку е болест. Уште поалармантно е што на тоа ги учиме и децата, па и тие молчат кога трпат училишно насилство, молчат кога наставници и професори се изживуваат врз нив заради нивната материјална состојба или дека немаат вујко владика (адут што ќе гарантира дека ќе бидат почитувани). Молчат момчињата кои се нарекувани “пе*ерчиња” затоа што не сакаат да влегуваат во бесполезни тепачки и кои не практикуваат машкоста да си ја покажуваат со јавно чешање на тестисите. Од друга страна, децата кои ги користат тие изрази (научени од дома дека сѐ што не влегува во востановената шема на “машко” однесување е девијантно), учат да мразат нешто што на таа возраст не го ни разбираат. Се сеќавам дека кога Нина беше во основно училиште, баш тој израз кај момчињата беше врв на искажана навреда и потсмев, со што децата беа потковани уште од мали дека големото зло е хомосексуалноста, а не нечесноста и криминалот. Молчат и девојчињата кои се за потсмев оти имаат поголеми гради, порано добиле мензис, покрупни се од своите врснички или едноставно, само заради тоа што се тивкибиле идеални за потсмев од другите деца.
Потоа, истите тие деца ќе пораснат и ќе молчат за сите гом*еници кои ќе им ги сервираат колегите, шефот, директорот. Ако се жени, ќе игнорираат сексистички и шовинистички шеги за да не излезе дека преувеличуваат или дека не разбрале како што треба (иако чувството на горчина никогаш не лаже дека сме биле индиректно навредени). Некои ќе трпат и домашно насилство па ќе прикриваат модринки со три слоја пудра, притоа смеејќи се насила додека раскажуваат приказни за тоа колку се трапави и како паднале по скали. Некои ќе премолчат дека доживеале сексуален напад или силување. Ќе се премолчуваат сите работи кои уште од мали ни оставаат белези на душите и сето тоа од срам и страв поради осуда, почнувајќи од “сам/а си го бараше” до “ајде не претерувај, ништо не ти е”.
После се чудиме од каде толкава малодушност кај децата, па сме вџашени од статистиките кои покажуваат колку младите ни се во депресија или колкумина се обиделе да се самоубијат. Ќе читаме со утринското кафе за сообраќајните несреќи предизвикани од мочковци кои се едвај полнолетни, а после некој месец ќе се згрозуваме од одлуките на судиите коина истите тие распрдени дечишта им досудиле смешно мали казни за одземање на нечиј живот и завивање на една фамилијаво црно. Ќе слушаме за голготите на децата кои од свои 14 години се клукаат со диазепами и лексилиуми за да го преживеат училишниот ден, бидејќи по државните училишта од памтивек било нормално да те нарекуваат од “дебил” до “неспособен”. Ќе сочувствуваме тие 20-тина минути (уште шмркајќи го кафето) со жената која клечеше на колена да моли да и’ се врати мобилниот телефон, додека извршителката си тераше садизам на голема врата одземајќи и’ го и имотот и достоинството. Ќе се прашуваме дали некој нешто ќе преземе околу тоа или пак ќе се заборави се’ за 2-3 дена, до некоја друга таква случка.Има еден филм од ’90 и некоја година со Мајкл Даглас и се вика FALLING DOWN. Меѓу другото, во филмот се опишува што се случува кога на еден сосем обичен човек му пука филмот и му се спојуваат жичките оти му е смачено да е третиран како будала, само затоа што е чесен.
Некогаш се чувствувам толку празно и беспомошно кога јасно гледам што се случува околу мене, околу нас а како да сме со врзани раце. И нема ден а да не се прашам до каде ќе оди сето ова и уште колку долго ќе седиме со пришиени усти. Се научивме дека сѐ што директно не нѐ удира по глава или џеб, не е наша работа. Не е ли? Молчењето е чекор поблиску до гробишта. Мојот молк е показател и за ќерка ми дека треба да живее со мотото“ќути и трај”, оти “има и полошо”. Ако сега не зборувам, кога? Ако сега не кажам дека ми е смачено да живеам во хаос во кој дивите шефуваат и шерифуваат, а питомите се на средства за смирување и имаат на млади години срцеви и мозочни удари, кога!? Кога ќе е вистинското време да ја отворам устата и да почнам да зборувам?
Не си ги учете децата да молчат, не бидете таков пример. Не ги учете да голтаат неправди и горчини, оти не сме од камен. Не ги обесхрабрувајте кога треба јавно да викнат, да споделат, да кажат дека се уценувани, злоставувани, дека биле предмет на физичко и ментално насилство. Напротив, бидете им најголемата поддршка кога ќе решат да зборуваат гласно за сѐ што не чини. Не ги охрабрувајте да се стуткаат во себе само затоа што вам ви е шубе што ќе рече светот.
И ако ви е срам да зборувате на глас за сите неправди од тој пусти страв или срам, еве неколку работи кои ми се случиле и кои не ги одмолчувам:
1. Сум била физички нападната од момче. Носев прсти на лицето (од шлаканица која буквално ме собори на земја)затоа што имав храброст да кажам дека не сакам да бидам со некого.
2. Сум била малтретирана со години од човек кој ми го знаеше секој чекор, а кој никогаш не беше пронајден (и покрај ловецот на фиксниот телефон). Добивав и закани, а последно беше кога ме најде на ФБ и преку лажен профил ме праша што мислам за Ханибал Лектор (симпатично, нели?). Секој ден помислувам на тоа дека можеби често го среќавам, а не знам кој е и ме фрустрира таа предност која ја има.
3. Сум била во депресија од која не ми се станувало од креветот и од која одењето во тоалет ми бил неверојатен напор (кој имал, знае за што зборувам). Од сама себе ме спасила само ќерка ми, незнаејќи.
4. Сум добивала секаков вид непристојни понуди, од кои голем дел биле само затоа што сум сама и разведена, бидејќи кај нас важи правилото дека разведените жени или немажените (со или без деца) едноставно, сами си го бараат.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Немој да молчиш!
Немојте да молчите и немојте да молчиме.
Да го сочуваме здравиот разум (додека го имаме) и здравјето (додека не сме го изгубиле).
Да зборуваме гласно, за себе и за своите деца!
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да викниш
Гласот да ти се чуе
Зборот да ти се памти
Да си кажеш се’
На душата што ти лежи
Оти душата молк не трпи
Ниту да збира ко бунар
Отрови на неа да се таложат
Ко во филџанот талог од црно кафе
Затоа да викниш
Секој пат до небо да свикаш
Кога си обесправена
Кога знаеш дека убаво не ти е
Кога некој ќе сака да те згази
И кога сама себе се газиш
Оти ниту еден човек
На овој свет роден не е
За туѓи поганлаци да трпи
Ниту некому покорен да биди
Да се поболува и бол да има
Да викниш
Секој пат кога убаво не ти е
Кога себе заради друг се губиш
И во темница талкаш
Удирајќи се од својата немоќ
НЕ да кажеш
И себе да се сакаш
И тело и срце здрави да ти бидат
Без грижа и страв
Оти не си нешто
Што некој друг сака во тебе да гледа
ЗБОГУМ да изустиш
И назад да не се вртиш
Секој еден пат
Кога некој на добрината ќе ти плукни
И кога за потсмев твојата мекост ќе ја има
Да викаш
Да се избориш за својата среќа
И во неа спокојот да си го чуваш
Како храм во кој ќе се помолиш
И во кој ќе си одмориш
Оти ништо не вреди повеќе
Од твојата насмевка и сјајот во очи
И никој не вреди повеќе
Од твојот мирен сон
И мирната рака во која трепет нема
Да викаш
И да ги чуеш оние кои викаат
Кои помош бараат свои да останат
Оти ништо немаш
Ако гласот го изгубиш
И главата наведната ти е
Ништо не ќе имаш
Ако станеш сенка на своите желби
Без глас
Без збор
Без себе