Незаборавен концерт на Џибони во СЦ „Јане Сандански“: Се симна меѓу публиката и пееше со неа

Хрватската ѕзеда Џибони, ги собра своите луѓе, својот круг на истомисленици во сфаќањето на љубовта, кои храбро чекорат низ неговите „версе и ноте“. Но, и оние помладите кои биле бебиња кога тој стана ѕвезда, а сега имаат 25 или 35 години.

На синоќешниот концерт публиката со подеднаква страст го проживуваше секој миг од речиси тричасовното музичко патување.

Концертот го почна со „Цесарица“, ремек дело на Џибони, кој е автор на музиката и текстот, а ја отпеа легендарниот Оливер Драгојевиќ.

- Последен пат настапив во Македонија со Оливер Драгојевиќ во склоп на турнејата во чии рамки ја претставивме својата “Фамилија”, односно заедничкиот материјал снимен и инспириран од нашите животни риказни и случки. – рече тој и продолжи да ги ниже своите хитови, од кои затрепери секој квадрат во салата.

Во хор со публиката ги пееше “Либар”, “Ниси више моја бол”, “Миракул”, “ Људи звери”, a Џибони знаеше како со секој стих да продре во најтенките делови на душата.

Експлозија се случи кога се симна од сцената меѓу публиката. Озарени лица, снимање со мобилни и обожаватели во транс. Глетка која ја полни душата.

Нашиот Влатко Стефановски, виртуозот на гитара беше јаготка на шлагот.

Ги пееа заедно „Чувам ноќ од будних“ и „Чукни во дрво“. Два магионичари на сцена, еден инструментално, друг виокално.

Хрватскиот кантавтор Златан Стипишиќ - Џибони одржа незаборавен концерт. Уште еднаш докажа дека неговите песни, специфичен жанровски спој на медитерански поп, канцона, рокенрол со афрички ритмови, се прифатени од сите генерации.


Концертот го организираше Авалон Продукција.


С.А.Н

Фото: Вангел Тануровски