Ние во Македонија го измисливме инаетот - Владимир Четкар со силна порака на двата џез концерти
Џез - гитаристот Владимир Четкар со својот бенд одржа два одлични концерти со своја, авторска музика, на свој терен, близу Охрид.
На уникатна локација, во винаријата „Monastery Winery“, во селото Опеница, на 10 километри од Охрид, музичарот кој долги години живее на релација Македонија - САД, ги орасположи гостите во винаријата. Започна тивко, во трио, со неговата гитара, бас и тапани, а потоа му се придружија и дувачите: тромбон, труба и саксофон, по што повеќето од публиката станаа да заиграат.
- Ова е како инекција за вашите колкови“, рече музичарот свирејќи ги „Heavenly“, „Joyride“, „Time Goes By“.
Беа дојдени гости од повеќе земји, па Четкар зборуваше на македонски и на англиски, а највесел беше еден пар од Белгија, кој домаќинот посебно го поздрави.
Песна „Time Goes By“ носи посебна порака која Четкар ја пренесе на многу оригинален начин.
- Ние во Македонија го имаме измислено инаетот. Да се почитуваме, да се сакаме, да си разговараме и да си споделуваме едни со други додека сме живи, потоа кога веќе ќе нè нема, ќе си носиме бајадерчиња за душа, веќе нема да вреди. Оваа песна е за пролет, лето, есен, зима, тоест за деловите од животот“, рече музичарот.
Многумина ќе ги паметат овие две вечери како посебни по многу нешта. Музиката, убавите луѓе, локацијата, атмосферата, виното, пораката која Четкар и бендот ја пренесоа.
Тој инаку денеска (17 јули) требаше да настапи на прилепскиот „Пиво фест“, но неговиот настап беше отакажан поради како што го известиле, финаниски проблеми со кои се соочува фестивалот.
М.Џаровска