„Ниту едно добро дело не минало неказнето“

Добивај вести на Viber

Понелогично, а поточно нешто од изреката дека ниту едно добро дело не минало неказнето, нема. Сега да му го кажете ова на некој тинејџер, апсолутно нема да ве сфати и ќе мисли дека тропате зелени. Од друга страна, ако истово му го кажете на некој што е во повозрасни години, ќе ви рече “ехееееее, само да знаев порано”. И еве сме во недела наутро, седиме со ќерка на маса и делкаме вафли (сум нашла топ рецепт, башка брзо се прават и се ептен вкусни) и почнуваме муабет на темава. Како го тераме муабетот, мене ми идат флешови од милион случки во кои луѓето кои правеле арнини некому, секогаш се повеќе озборувани, вербално казнувани или омаловажувани. И еве, да не излезе сега дека зборувам напразно, ќе ви кажам за неколку случки на кои сум била присутна. Пред зградата на една моја другарка уште пред многу години се збираа мачки и кучиња, оти еден од станарите секогаш им оставаше свежа вода и храна. Другите станари го поддржуваа (вербално) и им беше како своевидна терапија да се изнагалат со кучињата и мачките на враќање од работа или од вечерно излегување. Никој не се бунеше но и никој не придонесуваше во трошокот, што воопшто не му пречеше на станарот кој си сакаше животни и кој самиот си имаше домашни миленици во станот. Но, мачките се пораѓаа, имаше одвреме навреме и новородени кутриња, па станарите почнаа да мрчат дека тој што ги храни и пои, треба и да ги стерилизира. Никој не се наврати на моментот дека добрата волја на само еден човек усреќи многумина и никој не помисли на тоа дека како и да е, мачките и кучињата кои се на улица се пораѓаат, а тој нема да може ниту физички, ниту финансиски да направи стерилизација на сите животни што се на улица. На крајот, човекот не престана да го прави тоа што го правеше, но престана да разговара со своите соседи.

Втората случка на која се сеќавам како да беше вчера е кога се спроведуваше акција за собирање на алишта кои се за носење, но се израснати или не се користат повеќе. Таткото на моја многу блиска другарка (ви зборувам за ’90-тите години од минатиот век-така ми вика ќерка, дека сум била од минатиот век) беше на работна позиција која бараше од него многу да патува. Како семејство беа скромни, иако имаа одлични примања, немаше фалење, расфрлање со пари и чаламење. Од денешен аспект, мислам дека дури и да имало, нивно право е како ќе си ги арчат парите. Но, во тоа време немаше “праење Џек” (кој е отприлика на мои години, ќе го разбере изразов). И така, таткото на другарка ми одеше на службени патувања на кои гледаше максимално да заштеди за да не ги троши дневниците на јадење и пиење. Е да, ама затоа другарка ми и мајка и’ беа стросани од глава до петици. Тоа им се сакало, тоа си приуштувале. И кога беше акцијата за собирање на алиштата, другарка ми извади куп алишта кои беа скоро нови и за на излог. Не само што им излезе како семејство тоа на нос, оти теориите “од каде бе на нив толку пари, мора да е тој лева рака-десен џеб” (што беше синоним за крадење), туку дури и дел од околината ги анатемиса без реално да знае зошто и без да размисли некој дали така е исправно или не. Никој никогаш не помисли на тоа дека жртвата која беше принесена (отсуство од дома и ѕверско штедење на пат) беше заслужна за таквата гардероба. Ама, поголем ѕвер од човек нема...амин.

Третата (последна, пред да продолжам со темата) случка е од пред десетина години, кога после едно вечерно акање со мој многу близок другар откако се разделивме, тој пред кола најде паричник. По документите го нашол човекот и после триста перипетии, конечно му го враќа паричникот за притоа да биде обвинет дека внатре фалеле пари. Од добро дело до ноќен кошмар мала е разликата, од тоа да си човек до тоа да не сакаш веќе да видиш човечко битие со очи, мала е разликата. После сé беше во ред, со извинувања и каење, ама на другар ми животот му беше загорчен, што од јад дека беше неправедно оптужен, што од пцуење сам себе оти бил чесен.

И кога сето ова и’ го раскажувам на Нина, добивам едно многу логично прашање: Дали тоа значи дека повеќе се исплати да не се прават добри дела? Одговорот кој и’ го дадов не сум сигурна дека е исправен за светов во кој живееме, ама е единствен во кој верувам. Прави добри дела за да ти е тебе убаво на душата, без оглед што веројатноста да добиеш за возврат плукање и потсмев е поголема, отколку да добиеш спокој.

И не само што излегува дека добрите дела се казнуваат, туку е и уште повеќе нагласено ако се работи за јавни личности. Кај нас има една извитоперена филозофија дека некој што е познат прави добри дела исклучиво за лајкови и за афирмирање на сам себе. Лично, не наоѓам некоја логика...мислам, веќе се афирмирани и веќе се познати. Но, како и да е, не сум поборник на тоа дека треба да се молчи за сторените добри дела оти со примерот кој лично го даваме, може да ја смениме реалноста. Ова важи за сите, оти секогаш ама баш секогаш можеме да влијаеме барем на еден човек во нашата околина. И не, не мислам дека Сара Мејс сакаше да собира лајкови за својот сопруг кој за време на невремето застана и помогна. Напротив, мислам дека единствената порака која сакаше да ја пренесе е “бидете луѓе, секогаш и секаде”. Не, не мислам дека Божо (ака Моџо) кога споделува еден куп пораки за донации, го прави тоа за лајкови, туку затоа што е човек, добар човек. Не мислам дека Борче, оној златен човек кој ја направи легендарна акцијата “Донирај компјутер”, го сторил тоа за да биде фален, туку оти така душата му бара. Не мислам дека Биба со нејзината “Борка” имаше за цел да биде глорифицирана, туку да даде утеха на болните од рак дека не се сами, дека има кој да се бори заедно со нив. Не мислам дека Кристина Арнаудова со својот “Проект Среќа” имаше за цел било што друго освен да пружи рака на оние помалку среќни во животот. Не мислам дека Миа Костова која умее во рекордно време да собере средства за донации, со кои не едно туку две деца ќе бидат раат оти ќе имаат за целосен третман, го прави тоа за “бравоооооо” или за чалам. Не мислам дека Мери Јордановска која е исклучително активна за згрижување и помош на животни, го прави тоа за аплауз, туку оти така е скроена. Кога Ина ќе стави пост за донација или за спречување на насилство врз жените, стасува до енормен број следачи и не, не е за лајкови.

Но, мислам дека секој од овие познати и јавни личности (исто како и сите погоре спомнати кои не се јавни личности) го искусиле на своја кожа тоа дека НИЕДНО ДОБРО ДЕЛО НЕ МИНАЛО НЕКАЗНЕТО. На запад е малтене должност на познатите да бидат пример со своите дела, донации или сторени добрини. И дури и да го прават тоа заради имиџ, поентата е дека се поткрева свеста оти најмногу добиваме тогаш кога даваме.

И сега ќе речете, каде е всушност границата меѓу фалење себеси и подигнување на свеста на јавноста. На ова имам само еден, многу едноставен одговор. Во нашите умови и во личната определба како ќе ги гледаме работите. Дали сакаме да го гледаме убавото или ќе се фокусираме на тоа да го покриеме со измет, оти ете, така ни дошло. Оти за седење на социјални мрежи и мрчење кој, како, што и колку, е лесно. Ехеееееееее, тука нема труд, нема ангажман, само лаксативче за да се ослободат цревата и да премачкаме сé со фекалии. Малку е потешко она другото, кога треба да се стори некоја убост, кога треба да се подиспотиме за да направиме некому добро. Помалку дрндање и осудување, повеќе дела-толку треба. Навидум лесно, но и во пракса може да е така само ако ги оставиме настрана сите наши фрустации и се насочиме кон тоа да бидеме некому грб, а не сопка.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна која се надевам дека ќе ни ги отвори очите оти малку треба за убави нешта и дека сепак, добрите дела можат да бидат наградени...со љубов.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Биди топла дланка

За да згрееш нечија душа

И стори некоја убост

Со која некому насмевка

На лицето ќе му вратиш

И ќе потсетиш оти сепак

Каков и светот да е

Има уште убости да се врват

Биди грб, силен и голем

За некој плеќи да одмори

Малку да здивне во борбата

Која секојдневно ја бие

Дали со себе или судбата, сеедно

Оти и двете знаат умор да донесат

Колку и да е човек храбар

Колку и да му се чини оти сé ќе искрепи

Биди огледало на арните

Во кое себеси ќе се опулат

И ќе знаат оти сами не се

Та сила во себе ќе зберат

За нов ден, за нов живот

И пораат ќе се кога ќе знаат

Оти има и други како нив

Кои не ќе ги напуштат

Биди човек секогаш

И секому рака подај

И кога ќе сториш нешто убаво

Да не се криеш и срамиш

Оти време неубаво дојде

Во кое арното се сокрива

А злото почнува да се слави

Чунки не смее така да биде

Биди пример за слепите

И отвори им ги очите

За да видат подалеку од носот

И да знаат оти околу нив

Има и такви кои среќлии не се

И на кои помош им треба

Та покажи секому оти може и поинаку

Само ако се сака, само ако се умее

Биди дело

Кое зад себе приказна ќе остави

И патоказ за другите кои не знаат како

Оти ако само на збор помагаш

Тогаш еден ден и него ветар ќе го однесе

Та за да си саглам чоек

Остави ги зборовите да спијат на хартија

И застани пред оние

Кои треба удар да примат

Та застани и зад нив

За да ги придржиш кога ќе потклекнат

И ниту еден потсмев или осуда

За делото арно што си го сторил

Да не те поколеба оти така треба

Оти секое добро дело

Е за да се поклони чоек пред него

И да го слави како празник да е

Оти во овој свет, во овој свет чуден

Само добрите дела души ќе ни спасат

Само тие, души со милост ќе ни наполнат