Низ историјата повеќето жени кои отскокнувале од
вообичаените норми и правила биле прогласувани за вештерки и “нормално” биле соодветно
третирани со јавно палење за да се спасат оние фини женички кои би можеле да
бидат заведени од вештерството. Интересно е што Википедија вели дека поимот е
изведен од англо-саксонскиот збор „wicca“, што означува „мудар“. Хммм, баш
интересно, нели? На вештерките им била придавана моќ која најчесто е опишувана
како зло и дека истата ја користеле за да наштетат некому. Дури и во цртаните
филмови секоја негативна женска личност се испоставува дека е вештерка и за да
се потенцира нивната зла природа, нацртани се како стари, грди жени со свиен
нос, облечени во црно и неизбежната голема тртка на носот.
Од друга страна, прочитав и дека најчесто вештерството се врзува со жена а не со маж. Па после ми текна на филмот Вештерките од Иствик и ме замисли. Обично, склони сме сите појави кои не можеме да си ги објасниме да ги врземе со магија, вештерство, па дури и изострената интуиција и невообичаеното однесување да го припишеме на натприродни појави.
Познавам еден куп жени кои си ги нарекувам вештерки. Ниту една од нив не е стара, уште помалку грда...и имаат убави носови. Но, тоа се жени кои пркосат на стереотипите, кои се силни и свои, кои не голтаат сервирани блуеници, остроумни, интелигентни, интиутивни и на кои мислењето на другите за нив им е важно колку што им е важен ланскиот снег. Ете, тоа се моите вештерки. Уметници, сликари, поетеси, домаќинки кои не се плашат да се сами, кои не се плашат да се со некој ама да си останат она што се. Знаат што сакаат, уште подобро знаат што не сакаат и на што не се спремни ако цената е да се откажат од она што се. Тие не робуваат на обичаи, на стереотипи. Таквите жени, кои според сите воспоставени правила се тешки за контролирање и манипулирање се моите вештерки. И не, не прават магии, освен ако за магија не го сметате оној сјај кој го носат со себе каде и да се појават. Да, тешки се за “хендлање”, оти имаат ум и оти не веруваат во плитки приказни. Ете, доказ дека и човештвото оди напред е фактот што со Maleficient е прикажана приказната од сосем друг агол. Ниту една жена не е сама по себе злобна, освен ако не и’ се нанесе зло. Пааааа, скоро ниту една.
Како во секоја приказна, има две страни на вистината. Да, од едната се овие моиве вештерки за кои погоре ви спомнав, а од другата се оние кои наводно се мили, нежни и незаштитени, а во суштина се големи манипулатори. Тоа се оние кои си го покажуваат своето вистинско лице токму тогаш кога работите не одат според нивниот план и на начин на кој им одговара. Па, криејќи се зад плаштот на наводно копање по вистината, пасивно-агресивно однесување и пласирање немоќ, прават бељи. Ако нешто не поднесувам кај луѓето (особено жените), тоа е манипулативност преку маската на незаштитеност и онаа пасивно-агресивна природа. Одмаздољубиви и суетни, дрски и без аргументи. Кога се фатени на тенок лед, веднаш се повикуваат на дрндрн приказни и глумење жртви. Тоа се другиот тип вештерки кои искрено, не ги поднесувам. А не дека не ги гледам и не ги чувствувам. Тие, таквите, ги одминувам во широк лак. Кај нив нема дебата, нема вистина и нема дијалог. Кај нив има обвинувања, удари и подмолни роварења.
Зошто го пишувам ова? Затоа што ми е преку глава од мојот род кој наместо да се држи заедно и да се најде модул и начин да се поддржуваме една со друга, во името на сопствената суета си става сопки и што е најлошо, го смета тоа за победа. Победа?! Пирова победа не е победа драги мои негативни вештерки. Тоа е победа во која уживате само вие и која на долги патеки и општо земено, не носи никому прогрес, ниту просперитет. Или, ако сакате поинаку...она што вие го нарекувате победа, за мене е пораз. Пораз врз сами себе.
Сакате да направите нешто подобро за човештвото? Прв чекор е да почнете да ширите љубов и да се активирате онаму каде што можете да помогнете. И памтете, помагањето е исто така меч со две острици. Можете да помогнете на илјадници луѓе, а ако не успеете на еден, тоа ќе ви се брои. Да, знам од искуство. И сопствено и на моите вештерки. Можете џигерот да си го изедете и да сте арни за сите, ама првата сопка која ќе ве падне на колена, ќе е идеална прилика за да ве осудат, обвинат и стават на клада за да ве запалат.
Дали сте воопшто свесни дека сето ова има ефект кој е долгорочно земено, погубен. Да се убие желбата за помош, за акција и за посветеност. Кога добивате нож во грбот еднаш, па потоа ште еднаш, па повторно...еден ден ќе кренете раце и ќе си речете “ок, завршив со ова”. Против што се борите? Каква правдина истерувате? Знаете, многу е лесно да се критикува и да се правите паметни кога седите отстрана со скрстени раце, додека само устите ви ломотат. Моите жени-вештерки не зборуваат, тие дејствуваат. И фрлани се на колена, удирани со стапови по грбот и пак имаат сила да станат и да се борат за она во што веруваат. Оти такви се. Оти она што го прават за сите околу им вреди повеќе отколку болката кога дома сами си ги зацелуваат раните од ударите. И ваквите примери ги има насекаде. Од животот на една домаќинка која се грижи за сите и која кога ќе посака да стори нешто за себе има пред себе прекорни погледи дека не е посветена на семејството. На оние кои се занимаваат со некаква општествено корисна работа заради која немаат време за себе и својот приватен живот, а се ставени под лупа и им се наоѓаат маани.
Пречиме? Па да се тргнеме и вам, лошите вештерки да ви го оставиме светот. Имате сила и посветеност? Имате доволно силни јајници за да го истуркате она што го прави некој друг, а вие го критикувате? Да се тргнеме од патот и да ви оставиме да се покажете колку и како умеете? Свесни сте од што се’ ќе треба да се откажете? Или мислите дека е лесно? Еве пробајте, за почеток пробајте да ги затнете муцките и да се посветите на нешто хумано и корисно. Се разбира, ако најдете доволно време од јадење гурабии за секој оној кој прави нешто и во ваше име. Нејсе, бидете и вие живи и здрави. И без вас не се може, не за друго, туку за да повториме како не треба. А моите жени вештерки, се присутни секаде околу мене и ми ја даваат силата да сум она што сум. Апсолутно совршена во својата несовршеност. Ќе ве изгушкам сите, една по една на промоцијата оваа сабота. Ве љубам.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
озборувачки
љубопитни
љубоморни
завидливи
премногу гласни
премногу тивки
дебели
слаби
несигурни
премногу сигурни
ЖЕНИ
секакви
оние кои освојуваат со тело
оние во чиј глас свила напипуваш
такви во чии очи запливуваш
во чии усни се загледуваш
со кратки и бунтовни коси
со долги слапови по грбовите
облечени по најнова мода
пренаоблечени
со малку крпчиња на себе
ЖЕНИ
плачливи
па оние кои никогаш солза не пуштаат
насмеани
и такви кои се секогаш намрштени во челата
внимателно нашминкани
и оние со лица на кои има само детски крем
налакирани во ноктите
и машкоданки со кратко потсечени нокти
силни како карпи
и меки како јоргани
ЖЕНИ
вљубени
одљубени
осветољубиви
љубени
оставани
излажани
прељубнички
извитоперени
повредени
навредени
ЖЕНИ
сите исти сме
кога љубиме
и од љубов боледуваме
ЖЕНИ
ти
јас
онаа
оваа
секоја од нас
секоја во нас
ЖЕНИ