Ноне се врати во Македонија и беше главна на „Пиволенд“: Се чудам како луѓето уште ме паметат (ФОТО)
Ноне Неделковска, шарматната пејачка која остана запаметена по нејзиното учество во регионалинот музички натрпевар „Идол“ се врати во Македонија, на одмор. Таа веќе 10 години работи на бродови кои крстарат на повеќе дестинации. Публиката на „Пиволенд“ на Плоштадот Македонија сношти со аплауз ја поздрави, додека седеше на едно од ВИП местата со пријатели.
Водителот на настанот Димитар Атанасовски меѓу првите ја забележа и ја поздрави пред публиката.
-Ноне се вратила во Македонија, да ја поздравиме со еден голем аплауз“, рече Атанасовски, по што Ноне изненадено стана и ѝ мафна на публиката. „Мафтај како англиската кралица“, рече Димитар на шега потоа.
Со Ноне кратко разговаравме и позираше за Женски магазин по настапот на ДНК, за време на настапот на Игор Џамбазов. Воопшто не се сменила од времето кога настапуваше на домашните фестивали.
-Ме изненади кога Димитар ме поздрави. Ќе пропаднев во земја, непријатно ми беше“, ни рече Ноне. Ја прашавме за тој феномен, како кај публиката и во медиумите е уште актуелна, а долго време не се занимава професионално со музика.
-Не знам, често се чудам и јас како ме паметат луѓето. Немам планови да ѝ се вратам на музиката засега. Дојдов дома, во Велес, да одморам, и за еден месец се враќам на брод. Ќе одиме на Карибите“, ни рече Ноне.
-Ми фалеше сето ова. Луѓе, публика, оваа атмосфера. Уживав во настапот на ДНК и на Игор, и вака е најдобро, да си публика на концерт. Имам малку време да се видам со семејството и со сите драги луѓе додека сум дома, овде дојдов со пријатели“, ни раскажа таа.
-Работам на брод како советник за убавина во фришоп. Првпат заминав во април во 2012 година, и требаше да патувам до Египет, поточно Шарм Ел Шеик. Никогаш нема да го заборавам чувството кога пристигнав таму. Бев збунета и возбудена, еден тон емоции кога застанав пред бродот. Сакав промени, затоа се одлучив да заминам. Пет години бев на македонската естрада. Еден ден си реков - и што по ова!? Зарем ова треба да правам во наредните неколку години!? Стани, среди се, оди по емисии одговарај на некогаш глупави прашања. Слушај и читај зли коментари, моли се за викенд да имаш букирано некој настап. Ми требаа нови предизвици и за кратко време од помислата дека треба да сменам нешто, се најдов на брод“, изјави за Женски магазин Ноне во претходно интервју. За овие десет години, таа посетила повеќе земји, и вели дека имала незаборавни искуства.
М.Џаровска
Фото: Вангел Тануровски