(ГАЛЕРИЈА) НОВА КОЛЕКЦИЈА НА ДИЗАЈНЕРКАТА РОСИЦА МРШИЌ: Силни бои и цветни принтови
Модната дизајнерка Росица Мршиќ, сношти во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ ја презентираше новата колекција, која ја нарече „Силија“ според англиската модна дизајнерка Силија Биртвел, од шеесетите и од седумдесетите години.
Инспирација на Силија и биле делата на Пикасо, а инспирација на Росица портретот на Биртвел, кој го насликал познатиот англиски уметник Дејвид Хокни.
„Се предизвикав себе си да работам нетипични парчиња за мене, помеки и лелеави силуети“, изјави Мршиќ за својата нова сезонска колекција, дванаесетта по ред. Јаки бои и цветни принтови доминираат во романтичните модели кои ги видоа гостите во „Јавна соба“ и ги наградија со топол аплауз.
„ Парчињата кои ги создавам ги портретирам како парчиња кои се за секој ден, секоја пригода, но секогаш интригантни и возбудливи. Црната и меката бела боја, артистични текстури на материјал, кроеви сложено изработени, ја прават „Cилија“ карактерно романтична, авангардна и ласцивна“, додаде Мршиќ.
За нејзините ревии, секогаш се бара место повеќе, па така беше и сношти. За да се избегне метежот кој се создаде на влезот, таа понуди интересен концепт. Ревијата се одржа во три различни простории полни со гости, што создаде релаксирана атмосфера.
Дизајнерката на накит Марта Поп Антоска инспирирана од креацииите на Росица Мршиќ изработи лимитирана серија на накит од стакло кој ги надополни креациите. Ревијата ја организираше „Моден викенд“, Скопје.
М.Џаровска