Новогодишно со Ивона Талевска: Дедо Мраз не е од мојата приказна
Горда е на сѐ што постигнала, без ниту една дамка, пропуст или битна грешка која би влијаела на резултатите од нејзиното работење или на професионалниот углед во јавноста. Ивона Талевска почнала како млад новинар во Канал 5 пред 30 години, а по една година преминала во Сител. По 25 години, во октомври 2024 година, си замина по сопствена иницијатива. Сега е новинар – уредник во информативната програма на ТВ Алфа, а во јануари очекува да се појави со нова емисија – „Бизнис Инсајдер“, од областа на економијата и бизнисот, бидејќи тоа ѝ е и струка и образование.
ЖМ: Новата година е време кога ги поднесуваме сметките и размислуваме што е следно. Дали преминот во Алфа телевизија е најдобриот потег во Вашата професионална кариера во 2024 година?
- Мојата професионална кариера во новинарството е долга и според оценки на јавноста, една од најуспешните во Македонија, за што се доказ рејтинзите, трагата оставена зад себе и стручноста која како човек ја внесувам во својата професија. Почнав како млад новинар во Канал 5 пред 30-тина години, а по една година преминав во Сител каде што бев 25 години, сѐ до октомври 2024 година, кога заминав по сопствена иницијатива. И еве денес сум во ТВ Алфа, од каде што во јануари очекувам да се појавам со нова емисија – „Бизнис Инсајдер“, од областа на економијата и бизнисот, бидејќи тоа ми е и струка и образование. Студирав на Шефилд и тоа знаење стекнато на престижен европски универзтет, не треба да се занемарува, туку треба во новинарската професија да се валоризира. Сметам дека заминувањето од Сител, кој стана токсична атмосфера за моите ментални вредности и стандарди, е половина од мојата најдобра професионална одлука, а втората половина е заминувањето во Алфа ТВ, пред сѐ заради позитивната и креативна атмосфера, која таму ја гледам. Новинар пред сѐ, треба да работи и соработува со луѓе со кои дели слични вредности, а сѐ друго е потоа.
ЖМ: Велат дека телевизјата е магија која ве обзема и не можете да се ослободите. Изминативе осум години комплетно се повлековте од екраните. Тоа беше Ваш избор?
-Телевизија не е магија, телевизија е индустрија. Нема ништо ирационално во производството на вести и информации, туку тоа е професија со јасни задачи за дисциплина, стручност и градење карактер прифатлив за јавноста. Кој мисли поинаку, влегува во ирационална сфера, а тоа веќе не е професија и јавноста не ја интересираат неговите нагони, туку неговиот производ. Што се однесува до Сител, јас до последниот ден имав решение за работно место – заменик одговорен уредник и си заминав од таа позиција. Пред 8 години, не по своја волја, добив усмено барање да не се појавувам на вести, без образложение, но по дополнително сознание дека раководството на Сител преговара со тогашната власт на СДСМ и ДУИ да издејствува поволен статус во истрагите на СЈО (Специјалното Јавно Обвинителство) и јас бев еден од влоговите во нивните калкулации. Толку, за сега.
ЖМ: Сите имаат планови за иднината, но само ретките се држат до нив и успеваат да ги реализираат целосно. Во која категорија на луѓе сте, одите до крај да го реализирате замисленото без разлика на последиците или се откажувате кога наидувате на препреки? Што владее разумот или срцето?
-Како што ви кажав во претходниот одговор, телевизијата е индустрија, медиумска индустрија за информации и забава. Сѐ што сум планирала во својата кариера, сум остварила до крај. А многу нешта и повеќе од своите планови и можам да кажам после три децении поминати во телевизиите, дека сум горда на сѐ што сум постигнала, без ниту една дамка, пропуст или битна грешка која би влијаела на резултатите од моето работење или на мојот професионален углед во јавноста. Нашата работа е постојано изложена пред очите на стотици илјади луѓе и нема многу простор за грешки без последици. И ако сте 30 години постојано во линија на раст, јавноста оценува дека во вашата работа ги нема тие битни грешки, инаку во спротивно би биле отфрлени и заборавени како многумина други.
ЖМ: При описот на годинава што минува можете да употребите само еден израз или сепак заслужува да споменете многу нешта што ви се случиле?
- Ќе одговорам со една реченица, во оргинал, бидејќи подобро звучи оргиналот: „Све ће ово данас сутра бити јуче“.
ЖМ: Кои мигови засекогаш би сакале да ги паметите?
- Па кога добро ќе размислам, сите мигови и сите минути и денови во минатото вреди да ги паметам, бидејќи убедливо повеќе се убави денови, а лошите се само прифатлива цена на убавото кое доминирало.
ЖМ: Кога ви беше најтешко?
- Како што ви реков, лошото е само цена на убавото кое било пред лошото и убавото кое следи после лошото. Најтешко ми било кога брат ми замина за Америка, пред 7-8 години и денес живее таму, бидејќи сме прилично поврзани меѓу себе. Тој е човек исклучително добро образован, писмен и духовит, школуван во Болоња, Италија на матичниот Универзитет на екс претседателот на Европската комисија Романо Проди и награден од Европската Унија за трет најдобар проект за решавање на проблемите со миграцијата во ЕУ. И кога еден таков човек, а плус и брат ќе ви отиде толку далеку, што можете да се гледате еднаш годишно, тешко наоѓате замена.
ЖМ: За што сонувате? Што посакувате да ви донесе 2025.
- Јас сум човек кој е задоволен од својот живот и благодарен на судбината. Ништо посебно не очекувам и ништо повеќе отколку мојот труд во работата и мојот однос кон луѓето околу мене да ми биде возвратен приближно на она што го вложувам во тоа.
ЖМ: Како дете, како ги доживуваше Новогодишните празници?
- Како и сите деца, најважно ми беше збирката од сите другари од маалото во Новогодишната атмосфера, а подароци никогаш не сум очекувала, ниту ги паметам.
ЖМ: До кога верувавте во Дедо Мраз?
- Ако Дедо Мраз е производ на Кока-кола, а е, никогаш не сум верувала во него. Немам ни елка дома.
ЖМ: Каде за Нова година?
- А за Нова година одам на скијање на Копаоник.
Соња Алексоска Неделковска