Очите на син ми ме соголуваат емотивно: Водителката Цеце Трајковска за мајчинското искуство
Најубавиот животен подарок, водителката Цеце Трајковска- Тодосовска и нејзиниот сопруг Столе го добија на крајот на февруари, кога се роди нивниот син, Бодан.
Цеце во седмиот месец од бременоста, се фотографираше екслузивно за Женски магазин и откри колку му се радува на периодот што ја очекува. Водителката, откако Бодан наполни еден месец, ни раскажа за своето досегашно мајчинско искуство, и вели дека таа и сопругот уживаат во секој миг поминат со синот.
-Породувањето помина прилично брзо, со огромна поддршка особено во последните часови од Д-р Калчовски на кој сум му неизмерно благодарна. Тој ја направи и нашата прва заедничка фотографија - мама и Бодан Тон измешани емоции во тие први заеднички мигови, еден цел нов свет... Очиња кои штотуку го здогледаа светот, очи во кои секојдневно ја гледам смислата на животот, очи кои ме соголуваат емотивно’, ни откри Цеце и ни испрати фотографија со Бодан, која ѝ е една од најдрагите.
-Инаку името Бодан беше заедничка одлука со сопругот Столе. Некако не освои "од прва"... Уште минатото лето сосема случајно го спомена еден наш пријател и некако почувствував дека тоа е тоа. Тој период сè уште не го знаевме полот, но знаевме дека ако биде машко ќе биде Бодан. Потоа се обидувавме да имаме уште некој друг предлог за име, ама ниту едно не ни се допаѓаше толку многу како ова. Така победи Бодан“, раскажа Цеце за тоа како го избрале убавото име за синот.
Водителката на „Телма“ телевизија, која секој ТВ проект го работеше со максимална посветеност, во последниов месец му е посветена на најважното нешто на светот, грижата за синот.
-Нашиот Бодан веќе направи месец дена. До сега имавме и неколку прошетки во природа, ги искористивме убавите сончеви денови. Секојдневно се запознаваме сè подобро и подобро, деновите ни се буквално за уживање... Секако со некои мали исклучоци на непроспиени ноќи што се сосема нормални. Доењето ми е посебно уживање, уникатно поврзување со бебето... Го доживувам како многу емотивен момент. Секако, првите денови во однос на адаптацијата и доењето беа хаос, но голема помош и поддршка имав и се уште имам од Д-р Денис Ал Кхалили од здружението „Лулка“. Инаку помош имаме и тоа голема, тука се секако бабите и дедовците кои многу му се радуваат на Бодан, а ние многу ги сакаме“, ни раскажа Цеце.
М.Џаровска
Фото: Приватна архива
Вангел Тануровски