Од еден до десет ми се живее сто
Имав доста будало и турбулентно детство. Се селевме неколку пати, растев во неколку различни околини, имав многу чудна перцепција за работите околу мене, што за проблемите по дома, што за однос со соученици во училиште. Имав ситуации од крајност во крајност, од моментот јас да бидам главниот проблематичен ученик, до моментот да бидам хејтана и изнегирана од цел клас, од одличен пет, до едвај спасувам глава на крај на година од неоправдани и оправдани.
На 12 години една случка ми го промени целиот тек на детството. Дознав информација која мене како товар на тие години што ги имав ми беше премногу. Знам дека имав гледано на филм како со апчиња некој може да си го одземе сопствениот живот, дека онака ако ставиш во рака од кутичето и одеднаш ги испиеш, само ќе заспиеш. На цела среќа испив недоволно и погрешна врста, само спиев два дена без престан и се ставив себе си во една непотребна ситуација да треба да кажам зошто го направив тоа. Завршив на психолог училишен од каде со две реченици излегов како абсолутен победник, и тоа кажува многу и за компетентноста на вработените и за мојата свест во тој момент. Понатаму имав неколку моменти се до 15 години, каде што истиот момент на ќе си го одземам животот ми паѓал на памет како моментално решение на проблемите. Среќата моја е што имав родители што ме пазеа најмногу на свет и реагираа со брзина на светлината на сите мои расположенија, без осуда и без навреда, со разбирање и почит кон мене како индивидуа. Сега имам само една мајка која не може да ме наваса колку ми се живее со полна плуќа, колку се сакам, и колку планирам да терам до стотка и назад.
Причината заради која ви го кажав ова, подготвена да се носам со сите маалски мудрости на темава, е тоа што откако започнав да ја пишувам колумнава неколку личности, на возвраст од 14 до 17 години, ми пишаа дека пробале, сакале да си го одземат животот. Од икс причини и на цела среќа не успеале, една од мотивациите за да продолжат биле овие колумни.
Епа сега вака, бидејќи знам дека ќе го прочитате ова, ќе ви го кажам следново.
Ова животиштево ич не е лесно. Од моментот кога се раѓаме, до моментот кога судбински заминуваме, количината на проблеми и убавини, за совршен живот, во најдобар случај ќе ви биде 50-50. Не очекувајте дека ќе се смеете постојано, не очекувајте дека принцот на бел коњ ќе ве спаси, нема ни принцови, а ни коњи веќе. Нема заспани принцези што ќе се будат на прв бакнеж, туку веројатно ќе ве отераат зошто ги будите толку рано.
За да ви тргне, по нашки кажано, од мене совет, послушајте си го срцето. Не родителите, не околината, не девојките и дечковците, туку себе си. Ако сакаш да бидеш пилот, дреми на аеродром како луд и проучувај се што е поврзано со авиони, ако сакаш да бидеш готвач, почни да мешаш сосови пред да почнеш да јадеш, ако сакаш да бидеш најпознат плочкар на светот оди пронајди чудни мермери на најнеобични места и продавај ги како најлуксузен производ на светот, само биди среќен. Ако сакаш љубов, не барај авантури за една вечер, ако сакаш да си слаба и згодна, не јади крофни и сендвичи во седмица, ако сакаш да си здрава, чувај се и внимавај на исхрана, оди на вежбање, тинтрај се пред огледало. Не е лесно знам, најтешко на цел свет е да го слушаш проклетото срце. Грешката што секој од нас ја прави е тоа што се обидува да си го промени срцето, а тоа што всушност треба да се промени е карактерот. Не постои систем, не постои образование, не постои општество. Ние сме сето тоа, околината во која што сакаме да бидеме, од нас почнува. Ако ти пречат родителите, вработи се и одсели се, ако не ти се допаѓа училиштето, промени го, ама не се оставај неписмен, така ќе се оставиш доживотно сиромав. Биди алчен за живот, истражувај, не и верувај на првата информација што ќе ја чуеш! Знам дека книгите не се тренд веќе, ама затоа онлјан книгите се. Копни по историја, пронајди император кој те одушевува и освој територии во твојот свет, без разлика дали е тоа компјутерски програмер, доктор, политичар или сликар. Нека не ве лажат сликите на интернет, никој не се смее толку, сите имаме стрии и целулит и пола од јадењата што ги сликаат не ги јадат ради калории. Ова чудово од живот знае да биде проклето магичен, само ако сакаш и знаеш да го живееш. Мирис, вкус, допир, прв бакнеж, прв секс, последен секс, фустанот што цел живот го пекаш, па дури и киселион Моет во диско… твое е да си ја дефинираш среќата, само нека биде твоја. Ти најди го тоа што тебе ти е вредно и сочувај го во твое стаклено звоно како што сакаш еден ден да те чуваат тебе. Дека животов е едно големо огледало, одразот ќе биде тоа што си ти. Да не ве чујам веќе дека сте пробале да не живеете! Не сте свесни што пропуштате, се ова вреди многу повеќе од една смрт.
Јас сум Ивана Кнез, ова е за тебе мила и сите налик тебе што се исплашија од убавиниве на земјава. Земи воздух, и бори се за се што сакаш, не оставај на случајност и работи на себе срце едно. Сакај се онака како што еден ден сакаш да те сака твојот животен партнер. Тој ќе те види тебе, и повеќе.
Се читаме следната недела.