Од мајка ми добив благослов за Џејсон: Васил Гарванлиев искрено за партнерот со кој живее во Чикаго и новата песната „Ритам“

Васил Гарванлиев, пејачот кој е еднакво успешен во поп и во оперското пеење, ланскиот македонски евровизиски претставик, сега го живее својот сон. Има нова песна која се вика „Ритам“, и вели дека откако љубовта му тропнала на врата, решил да остане во Чикаго, каде што сега живее. Среќен е со Џејсон, американски невропсихолог, за кој ни раскажа дека е љубовта на неговиот живот и негов најдобар пријател. Неговата одлука да гради кариера далеку од дома, и неговиот емотивен избор го поддржала и мајка му, која неодамна го посетила во Чикаго, а во Струмица си заминала среќна, поради среќата на синот. Од мајка си, тој го добил најголемиот благослов.  За Женски магазин, Васил ги ракажа деталите за новата песна, пораката која ја носи и љубовната приказна со Џејсон. Ни испрати и фотографии на кои го покажа својот нов дом од времето на посетата на мајка му, во кој тој и Џејсон живеат со три миленици.

*Од каде иснпсирацијата за оваа песна, и кој животен ритам те движи сега?

-Главниот мотив на песната ми дојде пред некоја година и многу долго време го барав “правиот“ продуцент кој може да го реализира звукот што го барам. Хавиер, познат како Кастело, го запознав во 2020 кога ја одбравме YOU за македонската песна на Евровизија, но како и сите други имавме онлајн коронска соработка додека не стасав во САД пред една година. Откако се преселив соработката ни продолжи и сега заедно работиме и на другите песни од албумот. За мене „Ритам“ се пушта во етер во право време, кога на сите ни е потребен нов пулс на адреналин и РИТАМ. Животот е танц, а ние мора да го најдеме нашиот ритам и да танцуваме со него. 

*Облечен си во оригинална креација во спотот, фустан и високи потпетици. Има ли овој стајлинг некоја посебна порака? Зошто ја избра токму црната боја?

-Ова ми е втор видеозапис со кореографија каде се обидувам да претставам шареноликост инклузија и обединетост. Првиот таков запис е „Патувам“.  Body positivity & gender fluidity  се прилично нови концепти, па оттука и желбата за обединетост преку ритам и музика. “Фустанот“ не е фустан туку е модерна интерпретација на Шкотски килт. Штиклите се по прифатен тренд во модата последните години, (иако историски гледано многу векови наназад има мажи кои носат штикли). Мене ми даваат дополнителна самодоверба кога сум на сцена. Црната боја беше најсоодветна за да дојдат до израз останатите елементи од сценографијата но истовремено е и порака дека сите сме исти.

*Кога ќе излезе новиот албум, на кој начин планираш да го промовираш?

-Албумот почнав да го промовирам песна по песна од кога дојдов во САД – „Beautiful“ беше прва, па „Dangerous Waters“ и еве не‘ до третиот чекор од 5 – „Ритам“. Откако ќе се објават сите верувам дека и статусот ќе ми биде на место овде, и ќе снимам Unplugged верзиија на албумот и ќе продолжам со настапи низ САД и се надевам Европа. 

*Последнава година живееш во Чикаго, откако си замина од Македонија и од родната Струмица. Дали си среќен, кои ти се главните ангажмани таму?

-Живеам многу мирно и среќно. Дојдов со намера да снимам албум, љубовта тропна на вратата, и сега секое утро се будам во Чикаго насмеан и опкружен со три весели кучиња. Главни ангажмани пред да почнам со настапи ми се часовите по пеење со професор од Париз, конечно помагам на млади таленти со многу потенцијал дури и една две од Македонија - како вокал „коуч“, и ги спремам проектите за следните 3-5 години. 

*Пред повеќе од четири години од Лондон се врати во Македонија, дојдоа нови песни, „Евровизија“ како повеќе или помалку пријатно искуство. Што те натера повторно да си заминеш?

-Песната „Ѓердан“ ме врати дома од Лондон каде што живеев една година и имав листа на работи кои сакав да ги реализирам и исполнам.  Откако повеќето зацртани проекти ги завршив, се случи целата драма со „Евровизија“. Времето го искористив за рефлексија за тоа каде и како сакам да творам и живеам. Јас не заминав од Македонија со цел да не се вратам, едноставно животниот пат ми се промени откако се запознав со Џејсон. Горчливото искуство и линчот што го доживеав ми помогнаа во одлуката да се преселам во Чикаго. И ако треба да дадам значење од денешна перспектива за се‘ тоа што се случи би рекол дека тоа искуство и пат ме донесеа до љубовта на мојот живот. 


*Пред неколку месеци ни изјави дека си среќен, вљубен и со струмички дијалект кажано, „армасан“, што значи верен. Ќе ни откриеш ли сега повеќе за твојот патнер. Зошто токму Џејсон, каква личност е тој?

-Џејсон е една прекрасна скромна личност, со многу интересна животна приказна. Инаку е успешен невропсихолог, посветен партнер и воедно мој најдобар пријател. Во моментов учи струмички зборови и фрази, додека Езми, Тина и Шерон (нашите кучиња) учат литературен македонски. 

*Твојата мајка неодмна беше да ве посети во Чикго. Како реагира таа на твојот нов живот, на партнерот, и општо, добиваш ли поддршка од најблиските?

-Мајка ми е супер, само што си замина од Чикаго денес два часа пред да се објави песната на Јутјуб. Поминавме прекрасни две недели заедно тука во нашиот дом. Последната реченица ѝ беше: „Заминувам полна, среќна, и мирна зошто ја живееш бајката за која сонувам цел живот и не е лажна туку искрена и полна со компатибилност, разбирање, и љубов“. Негувајте се. Нема нешто поубаво. Мајка ми брат ми и моите најблиски роднини и пријатели секогаш ми биле столб на поддршка во сите дадени ситуации.  Благодарен сум им бескрајно што ги имам. Не ни е прв пат да живееме на различни места, нашата поврзаност не познава далечина.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива

Видео: Youtube