Од Прља и Иваноска до Бругуера, Хито и Видокле во Музејот на современата уметност - Скопје

Добивај вести на Viber

Македонски автори и предводници на светската уметничка сцена во МСУ 

Осум предводници на светската курентна уметничка сцена и тројца звучни македонски уметници ја сочинуваат поставката „Се што ни е заедничко“, која ќе биде отворена на 21 декември во Музејот на современата уметност – Скопје. Кураторки на поставката се Јованка Попова и Мира Гаќина. 

Доволно е да се спомене името на германската уметница и теоретичарка Хито Штејерл, која според избор на магазинот „АртРивју“ е прогласена за највлијателна личност на светската уметничка сцена во 2017 година. Позната по жестоките политички ставови, нејзиниот фокус е кон преиспитување на односите на моќ во светот. Нејзината работа е фокусирана на видеа и инсталации.

Кубанската уметница и активистка Тања Бругуера, неодамна престојуваше во Скопје и имаше предавање во МСУ, а нејзиното дело изложено на оваа поставка ќе му го подари на музејот. Нејзините перформанси и инсталации ги испитуваат политичките структури на моќ и нивното влијание врз најранливите луѓе во општеството. Бругуера е добитник на наградата Роберт Раушенберг и Гугенхајмовата стипендија, лауреат е на фондот „Принц Клаус“, а нејзините дела се изложени низ целиот свет. Во Турбинската сала на галеријата Тејт и на Документа 11. Нејзините дела се во збирката на Гугенхајм, МоМА, Ван Абен Музејот, Тејт Модерн.

Уметникот и уредник на платформата и магазинот „е-флукс“, Антон Видокле ќе биде присутен во Скопје на отворањето на поставката. Делата на Видокле се изложени во  Центарот Помпиду, Тејт Модерн, Музејот Гараж, Истанбулското биенале...

Уметниците Дмитри Виленски и Николај Олеиников од уметничкиот колектив „Что делат“ (Што да се прави?), нивниот престој во Скопје ќе го искористат за продукција на ново уметничко дело, претставено во рамки на изложбата. Овој руски колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели, има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. Тие ги застапуваат правата за еднаквост, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.

Во Скопје пристигнуваат и уметниците Џулиета Аранда, Артур Жмијевски, Даниел Гарсиа Андухар. Аранда создава инсталации, видео и печатени медиуми, а во фокус на интерес и е истражување на потенцијалот на научната фантастика, алтернативните економии и социјални интеракции. Таа е уредник на списанието „е-флукс“ и ко-директор на онлајн-платформата на „е-флукс“ заедно со Антон Видокле.

Полскиот уметник Артур Жмијевски, кој има изложувано на Венециското биенале и на Документа во Касел создава инсталации, фотографии, видео и филмови. Неговите најнови дела, критичарите на Њујорк Тајмс ги потврдија за едни од најважните дела на изложбата на Документа. Филмовите на Жмијевски се наоѓаат во збирките на Музејот на модерна уметност во Њујорк, Ноје Пинакотек во Минхен, Тејт Модерн во Лондон, Фондацијата на семејството Рубел во Мајами, Националната галерија на уметност „Зачета“ во Варшава, збирката на Ерсте банка во Виена и Фондацијата Луј Витон во Париз. Андухар е визуелен уметник, теоретичар и активист.

Хрватската уметницата Сања Ивековиќ, и припаѓа на уметничката генерација „Нова уметничка пракса“ која се појави по 1968та година. Ивековиќ постојано ја преиспитува улогата на уметноста во општеството преку низа медиуми, во точките на пресек меѓу родот, нацијата и класата.

На поставката ќе бидат изложени и дела на прочуениот уметник Адриан Паци од Албанијадел, чии дела се во колекциите на Центарот Помпиду во Париз, Музејот на современа уметност, Мајами, МОМА, Њујорк, Фондацијата Соломон Гугенхајм, Њујорк...

Скопјани ќе можат да го погледнат и делото „Субверзија во црвено“ на македонската уметница Нада Прља, кое беше изложено на годинашното Венециското биенале. Ѓорѓе Јовановиќ ќе се претстави со инсталацијата „Протестен споменик“.

„Лесна_Акумулација на капитал“ е наслов на истражувачки перформанс, кој уметницата Христина Иваноска ќе го изведува во живо шест работни денови по осум часови во музејот.

Насловот на проектот е делумно превземен од книгата „Акумулацијата на капиталот“ на Роза Луксембург. Христина се занимава подолго време со местото на жената во македонската текстилна индустрија. За да ја почувствува на своја кожа неправдата на овие жени и што значи да се работи под такви детерминирани услови, кое е количеството на труд што се создава и кој е ефектот врз психо-физичката состојба, со музејот ќе потпише „Договор за дело“ во кој музејот ќе се појави како нарачател, а уметницата како извршител на услугата и во кој со право на еден сендвич и шише од 1 литар вода дневно, кои ќе бидат конзумирани без пауза, и право на користење на тоалетот само еднаш во текот на работниот ден, на огромно текстилно платно ќе везе сосема нов текст од оние на Луксембург, а паралелно ќе изработува и мурал на еден од ѕидовите на музејот.