Од што се плашиш, тоа ќе те снајде: Снежана Конеска Руси на Светскиот ден на театарот

Добивај вести на Viber

Додека Снежана Конеска - Руси ја пишуваше овогодишната порака по повод 27 март, Светскиот ден на театарот, стави акцент на стравот од Интернет, а дочека нејзината порака, наместо да биде прочитана од актерите на театарскаите сцени, денес да биде споделена на Интернет.

-Сакам луѓето да ги гледам в очи, така ги учам и своите внуци да ги слушаат другите гледајќи ги в очи, но се менуваат времињата и животот не носи пред разни искушенија. Нашиот народ вели – од тоа што се плашиш, тоа ќе те снајде. И јас, така, додека се плашев од Интернетот, ме снајде ситуација пораката на Денот на театарот да мора да биде проширена – преку интернет – вели Снежана Коневска – Руси, актерка на МНТ и авторка на овогодишната порака по повод Светскиот ден на театарот.

Еве делови од нејзината порака.

...Генерации глумци заминуваат - театарот останува. Опстојува, пркоси на просторот и времето. Паѓа - се крева, се урнисува - се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува се: беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури...клучни кругови, чести кризи, смени на генерации...

...Театарот му пркоси и на филмот. Кој ќе надвладее? Филмот или театарот? Стравував од доминацијата на филмот. Тој не нуди одживување на туѓиот живот, тој можеби го ослободува гледачот од мака, но и го полни со агресија. Се обидува да создаде илузија кај човекот дека е надчовек. Театарот само го формира човека како човек...

...Телевизијата го тера гледачот да ги заборави своите маки, порази, а да ги преживува туѓите. Телевизијата го прави гледачот мртов.... Театарот го чинат живи луѓе. Филмот нуди одредена приказна, театарот нуди живот. Театарот е уметност на живи луѓе....

...Театарот е лековит. Ослободува од страв, а ослободен од страв човек живее, се радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар...

...Стравувам и од новата битка на театарот со интернетот. Театарот за нас е дијалог, интернетот е дијалог на поединецот со светот. Секој прави лажна претстава за себе. Секој има свој Фејсбук профил и секој сака да се презентира и да создаде свој имагинарен свет. Секој свесно или несвесно, става маска, игра своја „игра“, некоја улога во животот – па нели „целиот свет е театар“? А „светот е сцена“ (Шекспир). Најточно ќе прозвучи латинската изрека – Totus mundos agit histrionem! (светот цел во глумење се дал)....

...Новото време носи нови предизвици...или можеби се стари?... историските прилики можеби се менуваат, или се повторуваат? Повторно врамени во круг. И битката се повторува, постојано иста. Театарот сака да ја зачува својата моќ, за да може да твори, да креира нов свет, да ѕирка во забранетото, да ја открива вистината...убавината...да ја препорачува и поезијата, толку потребна на овој свет, а глумецот – ќе сака и ќе треба да ја дарува... тоа е и наша мисија – да им ја вратиме на луѓето вербата во соништата...