Од вообичаена настава до одлагање на учебната година: Одлуки за спроведување настава низ светот

Од 10 август се очекува решението за моделот на настава во новата учебна година, а дефинитивен одговор се' уште нема. Додека работните групи, секоја со своја поинаква перспектива, да се усогласат околу заеднички протокол за настава во услови на пандемија, еве некои од искуствата и решенијата, договорени досега низ светот.

Чикаго, третата најголема школска област во САД, објави дека ќе ја започне новата училишна година далечински или со тн. remote настава во септември, откако родителите и наставниците му се спротиставија на хибридниот план со кој се предвидуваше децата да се вратат во училиштата два дена во неделата, a другите денови да учат од дома.

Во Њујорк, пак, како еден од главните школски центри, прифатена е сменската посета на училиштата.

На другиот крај на светот, во Кенија, образовните власти одлучија целата училишна година 2020 – да се повтори. Се смета дека тоа е најдрастичната мерка во светот, преземена,меѓу другото, и да се надмине нееднаквоста, зашто многу ученици во Кенија ја немаат неопходната технологија дома за далечинска настава.

Илјадници ученици во северна Германија беа првите во Европа кои ја започнаа новата учебна година на почетокот на август враќајќи се во училиштата – под маски. Остатокот од земјата со анксиозност го следеше целодневното враќање на децата во училиштата по месеците на рестрикции со цел за спречување на натамошното ширење на вирусот.

Во пресрет на новата учебна година, во целиот свет постои логично стравување за последиците од застојот во образованието, предизвикан од пандемијата. Тоа е речиси исто толку големо колку и стравувањето од враќањето на децата во училиштата. Овие две крајности го моделираат процесот на одлучување за моделот на настава во новата учебна година. Во регионов, Унгарија и Србија, деновиве, донесоа конечна одлука.

Новата учебна година во Унгарија ќе започне на вообичаен начин, а училиштата ќе се отворат на 1 септември. Според унгарските власти, епидемијата на коронавирус не е оправдување дигиталното образование да ги замени училниците.

Во Србија училиштата ќе можат да бираат меѓу неколку модели за настава од 1 септември, во зависност од просторниот и наставниот капацитет. Идејата е часовите за учениците од 1. до 4. одделение да се одвиваат во училиштата со примена на заштитни мерки и во одделенија со најмногу 15 ученици. Дневно ќе се одржуваат по најмногу 4 часови, во траење од 30 минути, со одмор меѓу нив. По секој блок на часови, училниците мора да се дезинфицираат, според препораките од епидемиолозите. За повисоките одделенија ќе се применува комбиниран модел – еден ден да се оди на училиште, следниот ден наставата да се следи преку Интернет, со по пет и шест часа дневно.

Хрватското министерство за наука и образование најави дека целта им е „од 7 септември учениците да посетуваат настава во училниците во согласност со сите епидемиолошки мерки“, додека часовите преку интернет ќе се обезбедат во исклучителни случаи за ученици што не можат да одат на училиште поради здравствени причини, објави „Балкан инсајт“.

Кај нас се уште не е донесена конечна одлука за следната учебна година. Ставот кој досега успеаа да го усогласат работната група на Министерството за образование и Комисијата за заразни болести е наставата во новата учебна година да се следи со физичко присуство на учениците секаде каде што постојат услови за тоа и во зависност од епидемиолошката состојба во секоја средина поединечно. Односно во училиштата со премногу ученици еден дел да имаат настава со физичко присуство, а еден дел онлајн настава.

Овде прочитајте и за ставови за наставата на некои од родителите кај нас