Можно е одложување на стартот на учебната година: Сѐ зависи од Собранието и епидемиолошката слика
-За да може да почне школската година, потребно е да се донесат законски измени, а за тоа да се случи, мора да имаме функционално Собрание. Тие се подготовени од наша страна. Но, кога ќе се усвојат, зависи од Собранието. Почетокот на школската година ќе зависи од епидемиолошката состојба и од Собранието. Ние предлагаме часот во основното образование да се скрати од 45 на 30 минути, а во средното од 45 на 35. За да се усвои тоа, ни треба Собрание. Јас се залагам за физичко присуство, но тоа е мој личен став, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната прес конференција веднаш по состанокот на Комисијата за заразни болести.
Министерот на прес конференцијата ги потврди информациите на Фактор објавени денеска за можно одложување на почетокот на школската година.
Првенствено, тој нагласи дека се зависи од епидемиолошката слика, и дека МОН сака да се обезбеди најбезбедниот модел, водејќи сметка за образовниот процес и здравјето на учениците.
-Најлесно е да се определиме за онлајн настава, но пак ќе повторам, само ако бидеме принудени и нема друг начин, би се определиле за ваквиот модел, за вакво организирање на наставата, истакна министерот.
Тој објасни и како би се оддржувала наставата во училиштата со премногу ученици кои треба да имаат еден дел онлајн настава, а еден дел со физичко присуство, за тоа подетално прочитајте на Фактор.