Новата учебна година низ светот – десетици модели за еден предизвик: Кај нас уште е неизвесно
Стартот на учебната година низ светот ќе се одвива на најразлични начини, од преземање на најдрастични мерки, се' до нормална настава.
„Mестото на децата е во училиште, а не дома пред компјутер. Глобално, онлајн наставата можеби е добра и погодна за постари деца, но никако за дечиња до V, VI одделение. На овие деца им треба интеракција, им треба социјализација, особено после 6 месеци дома пред компјутер“, ова е ставот на еден од родителите, член на групата „Иницијатива на родители за учебната 2020/2021“, каде родителите, во голем број, се залагаат за започнување на учебната година на учениците во училишните клупи. Оваа група брои 10.000 членови, од друга страна, формирана е и Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава во учебната 2020/21“, која брои 11.000 членови кои се залагаат за настава преку далечинско учење.
Конфузни и контрадикторни се ставовите на родителите и наставниците за тоа како треба да се спроведе наставата, а на самото тоа влијаат и задоцнетите одлуки од надлежните.
Од 10 август се очекува решението за моделот на настава во новата учебна година, а дефинитивен одговор се' уште нема. Додека работните групи, секоја со своја поинаква перспектива, да се усогласат околу заеднички протокол за настава во услови на пандемија, еве некои од искуствата и решенијата, договорени досега низ светот.
Чикаго, третата најголема школска област во САД, објави дека ќе ја започне новата училишна година далечински или со тн. remote настава во септември, откако родителите и наставниците му се спротиставија на хибридниот план со кој се предвидуваше децата да се вратат во училиштата два дена во неделата, a другите денови да учат од дома.
Во Њујорк, пак, како еден од главните школски центри, прифатена е сменската посета на училиштата.
На другиот крај на светот, во Кенија, образовните власти одлучија целата училишна година 2020 – да се повтори. Се смета дека тоа е најдрастичната мерка во светот, преземена,меѓу другото, и да се надмине нееднаквоста, зашто многу ученици во Кенија ја немаат неопходната технологија дома за далечинска настава.
Илјадници ученици во северна Германија беа првите во Европа кои ја започнаа новата учебна година на почетокот на август враќајќи се во училиштата – под маски. Остатокот од земјата со анксиозност го следеше целодневното враќање на децата во училиштата по месеците на рестрикции со цел за спречување на натамошното ширење на вирусот.
Во пресрет на новата учебна година, во целиот свет постои логично стравување за последиците од застојот во образованието, предизвикан од пандемијата. Тоа е речиси исто толку големо колку и стравувањето од враќањето на децата во училиштата. Овие две крајности го моделираат процесот на одлучување за моделот на настава во новата учебна година. Во регионов, Унгарија и Србија, деновиве, донесоа конечна одлука.
Новата учебна година во Унгарија ќе започне на вообичаен начин, а училиштата ќе се отворат на 1 септември. Според унгарските власти, епидемијата на коронавирус не е оправдување дигиталното образование да ги замени училниците.
Во Србија училиштата ќе можат да бираат меѓу неколку модели за настава од 1 септември, во зависност од просторниот и наставниот капацитет. Идејата е часовите за учениците од 1. до 4. одделение да се одвиваат во училиштата со примена на заштитни мерки и во одделенија со најмногу 15 ученици. Дневно ќе се одржуваат по најмногу 4 часови, во траење од 30 минути, со одмор меѓу нив. По секој блок на часови, училниците мора да се дезинфицираат, според препораките од епидемиолозите. За повисоките одделенија ќе се применува комбиниран модел – еден ден да се оди на училиште, следниот ден наставата да се следи преку Интернет, со по пет и шест часа дневно.
Хрватското министерство за наука и образование најави дека целта им е „од 7 септември учениците да посетуваат настава во училниците во согласност со сите епидемиолошки мерки“, додека часовите преку интернет ќе се обезбедат во исклучителни случаи за ученици што не можат да одат на училиште поради здравствени причини, објави „Балкан инсајт“.
Кај нас се уште не е донесена конечна одлука за следната учебна година. Ставот кој досега успеаа да го усогласат работната група на Министерството за образование и Комисијата за заразни болести е наставата во новата учебна година да се следи со физичко присуство на учениците секаде каде што постојат услови за тоа и во зависност од епидемиолошката состојба во секоја средина поединечно. Односно во училиштата со премногу ученици еден дел да имаат настава со физичко присуство, а еден дел онлајн настава.
Голем број родители беа критични кон досегашното искуство од онлајн настава пролетва, кога во отсуство на систем на директна комуникација меѓу учениците и наставниците родителите мораа да вложат зголемен ангажман за да им помогнат на децата во совладување на материјалот. Сите стравуваат дека децата ќе имаат сериозни пропусти во образованието.
Мајка која сакаше да остане анонимна, за Женски магазин изјави дека се залага за настава за физичко присуство, бидејќи не била воопшто задоволна од учењето на нејзините деца дома и комуницирањето на наставниците со нив, во периодот од март до јуни.
-Онлајн наставата е катастрофална. Нашето образование нема подога за онлајн настава. Син ми беше и збунет и вознемирен, во еден момент ми се сврте со плачлив поглед и ми кажа: толку сакав да учам ама сега се чувствувам глупав - вели таа и децидна е дека во ниту еден случај децата не може да се оценат правилно, доколку наставата се одвива онлајн, додавајќи: - Да не се лажеме, родителите во најголем број самите ги завршуваа зададените домашни задачи.
Според неа како родител идеално решение за настава од септември, со оглед на сегашната ситуација со коронавирусот би било враќање на децата во основните училишта.
-Неразумни се воопшто полемики околу оваа тема. Се живо и диво е отворено, децата се движат, групираат и играат слободно. Моментално кај мене пред зграда се 15 деца собрани. Разбирам да е се' затворено, децата да се само и исклучиво дома, под “стаклено ѕвоно”, да немаат контакт со други деца. Да сме сите под забрана и да немаме контакт со никого, да се пазиме, па сега децата ако тргнат во школо да биде проблем, тогаш и да разговараме за онлајн настава... Ама вака... нема подлога и неразумно е - изјави анонимната родителка за Женски магазин.
До почетокот на следната учебна година преостануваат уште само 18 дена....
Ј.Ф и Д.К