Одлични вести: Данокот на менструалните производи ќе се намали од 18% на 5%, ќе поевтинат стредствата за менструална хигиена
фото:printscreen/period.skopje
Во Македонија средствата за менструална хигиена се оданочуваат 18%, по општата даночна стапка. А изминативе години здруженијата и активистите постојано апелираа за намалување на данокот на овие производи, кои се доста скапи, а кај нас жената во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка. Ова го покажаа резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во земјава насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“.
Според податоците од онлајн истражувањето за менструална правда на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор“, 77 отсто од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструација, или во просек 265,54 денари. Оттаму, за една година жените трошат 3.186, 48 денари на менструални производи. Ако репродуктивниот период на жената трае од 12 до 52 години, во просек 127.459,2 денари трошат на менструални производи.
Пред три дена премиерот Ковачевски извести за новата даночна реформа во која се вклучени и менструалните производи, односно менструалните производи ќе имаат стапка од 5%, а не 18% како досега. А ова значи дека со намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација, ќе се намали нивната продажна цена.Новите даночни реформи ќе стапат на сила од 1 јануари.
- Со овие реформи грижата за менструалната хигиена и репродуктивното здравје ќе е подостапна за сите, а ова е исто така и одличен успех за сите активисти/ки кои се бореа долго време за ваквата промена - објавија од невладината Период кои со Период движењето (periodmovement) се борат за ставање крај на менструална сиромаштија и менструална стигма преку сервиси, едукација и застапување.