ОДЛОЖЕН КОНЦЕРТОТ ЗА ТОШЕ, СЕ ПРЕГОВАРА СО БАЛКАНСКИ ЅВЕЗДИ
Концертот посветен на Тоше Проески кој требаше да се одржи на 13 октомври во ВИП Арената „Борис Трајковски“ е одложен. Новиот датум е 2 ноември, не информираа од Меѓународната Фондација „Тодор Проески“.
„ Концертот е одложен од технички причини, две недели подоцна. Поради новиот термин, одново правиме преговори со балкански ѕвезди кои ќе дојдат и ќе настапат со хитови од Тоше. Ако терминот им одговара, би требало да гостуваат Аки Рахимовски, Борис Новковиќ, Ања Рупел, Јелена Томашевиќ...“, изјавија за Женски магазин од Фондацијата.
На концертот ќе биде промовиран и албум со нови, до сега необјавени песни од Тоше Проески. Албумот е со наслов "Secret place" и на него се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови.
Насловната фотографија од новиот албум
„ Материјалот се работеше во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше „The Hardest Thing““, додаваат од Фондацијата. По нивен избор, избрана е и насловна фотографија од Тоше за албумот, која е една од најдрагите на семејството и на соработниците на Тоше.
Организаторите наскоро ќе објават и детали за продажбата на влезниците за кои како што велат цената ќе биде прифатлива, поради тоа што настанот има хуманитарен карактер.
На 16 октомври ќе се навршат 11 години откако Тоше трагично згаина во Хрватска, во местото Нова Градишка. (М.Џ.)