ОХРИД СО ЛАНСКИ ЦЕНИ, ПОЛН САМО ЗА ВИКЕНДИ
Променливото време ги спречи охридските угостители оваа летна сезона да им биде успешна. Нашиот најголем туристички центар е преполн само за викенди, а релаксиран одмор можете да си поминете во работните денови.
Фолклорен фестивал на повеќе локации низ центарот, улични свирачи и продавачи на секој чекор, беше сликата за изминатиот викенд во Охрид. На главното шеталиште луѓето едвај се разминуваа од метеж. На плажите, речиси и да немаше слободна лежалка, ниту место за сопствени реквизити.
Плажата на хотел Гранит
Новата работна недела донесе и нови, постудени временски услови , па сега плажите се полупразни. Изнајмување на лежалка чини од 100 до 200 денари, во зависност од локацијта. Охридските плажи не нудат лежалка со вклучен пијалок. Цената на пијалоците е нешто пониска од Скопје. Еспресо кафе на плажа или во охридската чаршија се наоѓа и за 50 до 60 денари, соковите се движат околу 80 денари, а пивата од 80 па нагоре. Цена на сендвичите на плажите се од 120 денари, пиците во просек се околу 200 денари. Еден килограм од познатата охридска риба белвица во рестораните чини околу 1.200 денари, а една порција плашици чини најмалку 200 денари.
Цената на пијалоците е нешто пониска од Скопје. Еспресо кафе на плажа или во охридската чаршија се наоѓа и за 50 до 60 денари
Охриѓани се жалат дека некои маркети кои што се дел од познатите трговски ланци, се поскапи од другите градови во Македонија. „Туристите си одат, нас цените ни остануваат преку целата година", велат мештаните. Што се однесува до сместувањето, во Охрид на мекои места се уште важи цената за кревет, или "по човек", за разлика од соседните земји на пример, кои формираат цена за соба или за апартман. Најефтино приватно сместување за едно лице е околу 300 денари. Генерално, Охрид нуди одмор за сечиј џеб, а цените не се сменети од минатата година.
(М.Џ.)