Око за око, Прелепотица за Мачкица

Добивај вести на Viber

Дали знаете која е идологијата на Прелепотица и зошто ја претворив во маица? За да не се повторувам, за оние кои не знаат пронајдете ја колумната и прочитајте ја. Дали знаете дека сите средства, не процент, сите, беа дадени за животни од улица? Не знаете пошто јас сум на моменти приглупо скромна, па не раскажувам се што правам во мојов живот. Заради тоа со 80та колумна ќе завршам, и ќе обелоденам неколку поголеми вистини за мене во мемоарите кои ќе следат.

Но, додека да дојдат, сите оние кои се најдоа засегнати од Прелепотица маиците, бидете мирни и спокојни, ќе ги повлечам од продажба, целта ви е постигната, нема маици. Но идеологијата ќе ја продолжам и понатаму преку Лавкетс маица која наскоро ќе види бел ден, со детален опис на целта овој пат. Нема да ме застанете за тој дел, додека сум жива и дишам, ќе се борам за се она на кое му е потребна помош, а нема свест да си помогне само на себе. Примарна цел ми е едукација и вдомување на деца, за кое се уште немам моќ директно да делувам,а секундарна заштита на животните.

Е тогаш, глуварчиња мои неписмени, да ве видам тогаш реагирајте и продолжете со хејтеризам и ренесанса. Знаете, додека вие дремевте по диска и одмори, јас последниве десет години ги поминав во борба за преживување, и градев, создавав. Цената која што ја платив за позицијата во која што се наоѓам е преголема, пред се изгубив здравје, неколку пати се враќав од прашина, имав скоро невидлив приватен живот, и дадов дел од мојата младост која нема како да ми се врати. И баш заради тоа глуварчиња мои неспособни, следниот кој што ќе рипне да напаѓа, нека му стане јасно дека не, нема да те предупредам, само ќе те изедам. Силата ми е во кревкоста на падот, како на секоја една жена која дала дел, или цел свој живот за да го работи или има тоа што го сака. Да сме уште појасни, секоја една девојка, која започнува и создава, ќе ја мотивирам, и ќе ја научам дека само со верба и многу Љубов се гради сето тоа кое го замислуваш за себе. Но и со огромна жртва, и капацитет да се одбраниш од недоносени хиени.

Нејсе, доста ви се неколку реда глуварчиња надувани, да се вратиме на вредностите.

Се прекрстуваме во Лавкетс, или ти на нашки Љубовни Мачкици, како год да љубите, нема да глумам лажен патриотизам. Но тоа што ќе побарам од секоја од вас, која во изминативе година и половина, ми пиша, ме чита, ме споделува, е да не мразите. Да не ликувате над туѓ успех, сфатете го како мотивација, како здрава конкуренција за личен развој. За сите има доволно на светов, со алчност никаде не се стига. Сум одела од екстрема до екстрема, по цена на лична штета, за да видам како е правилно. Тоа е всушност патот на вистинската медитација, себе искушување, до каде можеш да одиш и кои се последиците. Но не со негатива Мачкици мои, не со рушење, безлично хејтање по интернет и дремење во празно. Потребна ни е акција, потребно ни е делување, за да го добиеме сето тоа што го сакаме.

БИДИ ПРОМЕНАТА ШТО САКАШ ДА ЈА ВИДИШ ВО СВЕТОТ! (не го кажав јас ова не сум толку паметна) Но, го искусив. Откако решив сама за себе да одфрлам се тоа што ми создава негативна енергија, непријатен напон, се опкружив со луѓе со кои можам да балансирам односи, и се фокусирав само на личен раст и развој, ( и не не мислам само на слабеење ) добив еден склопен живот, исполнет со содржина и значење. Губам од страв се повеќе и повеќе, сакам се појасно и почисто, почитувам точно според заслуга, и ја знам финалната цел, Љубов. Не може да биде идеална, не може да не боли, не може да нема грешки, но можеме секој ден да се трудиме да ни биде се подобро. Да одфрлиме завист, да се соочиме со личните фрустрации, да работиме на сопствените проблеми, се со цел себе подобрување. Тогаш, можеме да ги препознаеме проблемите кај другите и вистински да им подадеме рака. По заслуга.

Јас сум Ивана Кнез, шу бубашваби, палам светло, не дозволувајте случајно да ве прегазам и распрскам по плочки. Немам простор за штетници.

Се читаме следната недела.

П.С. Поголемиот дел од вас е запознаен со делата на Михаил Корубин. Прекрасни портрети кои заслужуваат сечие внимание. Ајмо Мачкици, да се фокусираме на креација и магија!

Намасте