,

Општеството ги става во „Оклоп“, ние да делуваме: Лицата со попреченост ја раскажаа нивната страна на приказната прeку перформанс

Добивај вести на Viber

Како општеството гледа на лицата со телесна и интелектуална попреченост? Како тие лица гледаат на самите себе? Кои се предизвиците со кои се соочуваат секојдневно? И дали немоќта на младите да влијаат на сопствениот живот е еден нов вид на „социјална парализа“?

Одговорот на овие и многу други прашања се само дел од документарниот перформанс „Оклоп“, кој комбинира актерски монолози и вистински интервјуа на темата лица со попреченост.

Перформансот ја имаше својата онлајн премиера во декември и неколку репризи годинава, а повторно ќе се прикажува на 27ми и 28ми март во 20 часот, и истиот ќе можете да го погледнете бесплатно на овој линк.

За режијата и координација е задолжена Аница Бебиќ, која е дипломирана актерка, а покрај неа како учесници во перформансот се јавуваат и Захарија Ангелеска, Филип Трајаноски, Тома Димовски и Искра Донева.

Во ова интервју со Бебиќ разговараме за проектот „Оклоп“ и она што го кочи животот на лицата со телесна и интелектуална попреченост во Македонија.


*Раскажи ни Како почна овој проект, со која цел?

-Идејата ја добив од повеќе ситуации на кои сум сведочела, во кои лицата со попреченост се третирале „посебно“. Првата замисла беше да биде театарски перформанс со монолози кои ќе ја обработуваат истата тематика. Но во меѓувреме, запознавајќи се подобро со овие лица, сметав дека ќе 

биде добро да ја искомбинирам театарската претстава со вистински интервјуа со луѓето кои се чувствуваа добро да ги раскажат своите приказни пред камера. Со самото тоа, првата цел – да се едуцира подобро нашето општество за овие лица, доби уште една нишка: да ги доведам овие луѓе до олеснување и емотивно празнење откако ќе ми ја раскажат нивната приказна, што не е лесна задача и се надевам дека успеав во тоа.

*Кои беа вашите очекувања по емитувањето на премиерата на претставата во декември и колку истите може да кажете дека се исполниле?

-Искрено, „Оклоп“ наиде на позитивни критики и пофални зборови од гледачите, што бескрајно ме радува... Нема да зборувам многу за коментарите, за да им оставам на новите гледачи да погледнат самите. Ќе ја искористам приликава за да им се заблагодарам на сите членови на екипата за безрезервната верба во проектот, на ЕТНА-АРТ ФУЗИЈА Крушево во чија организација е проектот, како и на Германска Амбасада Скопје и Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Оддел за промоција на човекови права) кои финансиски ја подржаа реализацијата на „Оклоп“.

* Мислите ли дека ќе оставите силен впечаток и ќе влијаете на некој начин врз гледачите и општеството?

-Судејќи по коментарите, сметам дека успеавме да доловиме барем добар дел од секојдневните предизвици на лицата со попреченост, како и дека успеавме да го направиме тоа на впечатлив и оригинален начин. Се надевам дека кај луѓето што го гледаа и ќе го гледаат перформансот ќе дојде до кревање на свеста, како и на желбата дополнително да се информираат на оваа тема, и тоа беше една од главните задачи што си ги зададов во овој проект. Мислам дека сеуште е рано да се каже колку е таа задача изреализирана, но се надевам дека ние како екипа сме успеале да направиме барем еден мал чекор напред.


*Вие сте еден од учесниците во претставата покрај тоа што сте задолжени и за режијата и координација. Кој е вашиот омилен монолог од претставата и зошто токму тој?

- Не би можела да изберам... Апсолутно сите од прв до последен ми се омилени со својата емотивност, искреност и отвореност и го прават „Оклоп“ она што е.

*Што мислите вие како гледа општеството на лицата со телесна и интелектуална попреченост? 

-Ако ја споредиме ситуацијата денес со онаа пред неколку години, сметам дека е направен прогрес. Меѓутоа, тоа не значи дека нема потреба од дополнително запознавање на луѓето и институциите со оваа тематика. Мислам дека главниот проблем лежи во неинформираноста на многумина во врска со лицата со попреченост, што во многу ситуации води до продлабочување на проблемите со кои овие луѓе се соочуваат.

*Мислите ли дека лицата со попреченост не се попречени толку од состојбата во која се наоѓаат, колку од општествените околности во кои се наоѓаат ?

-Работејќи на овој процес, дојдов до заклучокот дека е така. Кога ќе ги погледнете и слушнете интервјуата, ќе сфатите дека она што најмногу ним им пречи е неинформираноста и некултурата на луѓето. Оттаму произлезе и името на претставата – оклопот во кој општеството не става врз основа на она што за него е прифатливо или не.

*Направени ли се значајни поместување во оваа сфера во последните години, и колку уште треба да се работи на подигнување на свеста?

-Како што веќе напоменав, има подобрувања, но истовремено е потребна уште многу работа. Подигнувањето на свеста треба да се врши секојдневно, да има што поголем број на информативни и едукативни програми кои ќе ја разработуваат оваа тема, во кои и самите лица со попреченост ќе можат да учествуваат и да ја раскажат својата страна на приказната.

*Кои се вашите препораки до целото општетсво и надлежните институции кои мислите дека ќе придонесат кон развојот на позитивни политики и практики за лицата со попреченост?

-Потребни се повеќе работи: подобра инфраструктура за лицата со телесна попреченост; едукативните програми кои веќе ги споменав; поголема вклученост на лицата со попреченост во секојдневниот живот и на работните места... Има толку многу работи што би можеле да се направат, но сметам дека најважното е да научиме вистински да ги ислушаме овие лица и да сме спремни за соработка. Тогаш ќе знаеме најдобро што да направиме.

Ирена Ставрова


(Проектот е во организација на ЕТНА-АРТ ФУЗИЈА Крушево, а е реализиран со финансиската подршка на Германската Амбасада во Скопје и Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Оддел за промоција на човекови права). Онлајн прикажувањето е проследено со превод на англиски и македонски во аудио и во визуелна форма, како и со превод на знаковен јазик.

Режија и координација: Аница Бебиќ

Учесници: Аница Бебиќ; Захарија Ангелеска; Филип Трајаноски; Тома Димовски; Искра Донева

Интервјуа: Радмила Периќ; Коце Димов; Зоран Костадиновски; Томислав Атанасовски; Марија Филипоска; Нада Костоска; Ангела Чингоска; анонимен родител и Зоран Мијалков.

 Монтажер и аудиовизуелен техничар: Бранко Блажевски

 Камера: Илија Жоговски

 Музика: Оливер Јосифовски

 Кореографија: Маја Крстеска

 Превод на знаковен јазик: Викторија Волак

 Превод на англиски јазик: Анетка Копачева; Димитар Златески

 Дизајн на плакат: Теано Кардула