ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА НА БУГАРСКАТА УМЕТНИЦА ДЕСИСЛАВА МИНЧЕВА „ВО ПОТРАГА ПО НЕСОВРШЕНАТА УБАВИНА“

Добивај вести на Viber

Вчеравечер во Скопје, во Центарот за современа уметност „АРТ Скопје“ официјално беше отворена изложбата со наслов „Во потрага по несовршената убавина“ на бугарската уметница, професор на Националната ликовна академија од Софија, Десислава Минчева. 

Изложбата која е поддржана од Фондацијата „Илија Камчев“ и е во нејзина организација заедно со НУ Завод за заштита на спомениците културата – Штип, ја претстави Минчева со дела кои се нејзин ликовен но и тематски континуитет во последниве десетина години.

„Фундаментите на кој го гради своето творештво се човекот и природата. Две точки кои во себе содржат елементи кои сами по себе се повеќе од податни и овозможуваат истражувања кои во естетски и духовен контекст нудат нови предизвици и изненадувања“ појасни г. Зоран Читкушев кој ја отвори изложбата. Тој појасни „сликарскиот ракопис на Минчева е со чиста синтакса, консеквентна на нејзината едукација повеќедецениското траење, владеење со тајните на ликовното мајсторство и изразеното чувство за композиција, перспектива и колорит.“

Десислава Минчева е без никакви дилеми сериозен автор со своја препознатлива, ликовна естетика. Бројните самостојни изложби во Бугарија и светот но и награди сигурно се во правец да продолжи со посветеноста, вербата во уметноста и истражувањата при создавањето на нејзиниот убав имагинарен свет.

Изложбата „Во потрага по несовршената убавина“ за јавноста во Скопје ќе биде отворена за јавноста до 13 октомври, а од 15 октомври до 1 ноември 2018 г. истата ќе биде поставена во Уметничката галерија Безистен во Штип.