Паскали: Со вода нема играње и многу е тешко некој да се бори со водена струја

Со вода нема играње, вели Никола Паскали од Нуркачкиот Центар Акватек од Охрид. Пред неколку дена морска струја повлече три момчиња од Македонија на Халикиди во Грција, по што двајцата беа пронајдени и спасени, а по третиот се трага.

Паскали советува луѓето на интернет и од локалните жители да се информираат дали на одредена локација е опасно да се капат.

„Кога одиме на некое патување се информираме за опасностите и ризиците на тоа место. Нема разлика дали одиме на море или во урбана средина. Не ми е познато дали плажата била соодветно обележана, дека е опасно за капачите зашто има јаки водeни струи. Без разлика дали опасните места се обележани или не, ние мора да се информираме за ризиците и опасностите на тоа место. Посебно во морињата каде што има јаки струи е страшно. Плус се работи за вода и треба многу да внимаваме. Никогаш не треба да влегуваме во вода без да се информираме за тоа место. Тоа може за нас да изгледа безопасно, но не е така. Има многу опасности. Од микроорганизми до јаки подводни струи. Едно капење во некоја навидум мирна и чиста вода може да биде фатално. Затоа мора да се информираме. Информации може да најдете на интернет или да прашате некој локален жител. Најдобро е комбинирано. Во случај да немате информации, не ризикувајте. Уживајте во глетката и звуците. Исто така многу се опасни карпестите брегови со бранови. Треба многу да се внимава и да бидете претпазливи. Со вода нема играње. Не можете да се борите со водата. Многу често нас нуркачите кога ќе нè фати поголем бран на излегување им велам: Не се тепајте со водата, танцувајте, фатете го ритамот на бранот и танцувајте. Не можете да се борите. Тоа е вода. Многу тешко некој да се бори со водена струја“, вели Паскали.

Детали читајте на Фактор тука.