Пејачката Нина Јанева откако ја згреши државната химна : Два дена плачам од разочараност од себеси
Пејачката Нина Јанева вели дека два дена плаче и е разочарана од себеси затоа што ја згрешила државната химна која ја пееше на протестот пред Владата за ослободување на осудените за упадот во Собарнието на 27 април 2017, под мотото „Правда за Уставобранителите“.
„1000 химни имам испеано, за првпат згрешив“, изјави Нина за Женски магазин. -Два дена плачам од разочараност од себеси. Не знам што да кажам, оправдан е револтот од народот, но добивам огромна поддршка од целата дијаспора“, објаснува Јанева која по грешката побарала уште еднаш да ја испее химната, откако заборавила да ја испее втората строфа: „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“
-Првиот пат, втората строфа ја заборавив, отпеав два пати трета строфа. Вториот пат се качив на бината и самата побарав да ја препеам. Ги испеав трите строфи како што треба. На првите два стиха од втората и од третата строфа сум направила рокада. Не знам што да кажам совен дека Македонија за мене е светост а тоа го знаат сите кои ме знаат“ , ни раскажа Јанева.
Таа вели дека на лице место луѓето негативно реагирале, но потоа, откако побарала да ја препее химната сфатиле дека се работи за грешка. Нина откако ја испеала „Денес над Македонија“ уште еднаш, запеала патриотска песна и вели дека сите пееле заедно со неа.
-Откако народот сфати дека е грешка, затоа што имав доблест по втор пат да се качам да ја пеам химната, а трет пат ја запеав „Налеј“, почнаа да пеат сите со мене до еден“, ни изјави пејачката. Во еден од коментарите на Фејсбук на профил на корисник кој бил присутен на протетсот велат: „Троа да ја научеше химната немаше да е лошо. Глас преубав збор нема, ама и по втор пат да ја препееш и да ја утнеш. Ми беше срам.“.
На ова Нина одговара: „Ретко кој знае дека Ченто ми е најдобар другар.. Ги видов неговите родители во втор ред и борбата беше фокус меѓу текстот и солзите.. Патем прв и последен пат грешам химна во животов, ама емоцијата е посилна од сè. Фала на поддршката на сите, сите коментари држат вода и се оправдани.. Темата е многу чувствителна, оправдување нема! Човек од месо и крв.“. На Твитер се појавија коментари кои ја споредуваат грешката на Нина со грешката на Тамара Тодевска од пред речиси две години.
-Тамара ја линчувавме и ја колневме до седмо колено дека ја скокна стрифата со Гоце Делчев, пошто било пробен балон. Нина Јанева денес ја скокна строфата со Гоце Делчев и нас ич к... не ни дреме за химната“, вели еден корисник на Твитер. На приемот во Амбасадата на САД во Скопјево 2019 година, по повод 4 Јули, Денот на независноста. Тамара додаде четири стихови, а испушти да испее четири стихови од официјалната државна химна. Тамара испеа „Старо младо машко и женско, на нозе се кренало!“ и „Не плачи Македонијо мајко мила, Крени глава гордо високо“, стихови од стари верзии на химната.
М.Џаровска