Пекол е, но не с(м)е сите исти
Скандал до скандал, удар до удар, разочарување
до разочарување. Луѓе бе, има ли крај? Ќе стасаме ли веќе еднаш до точка од
која нема да има каде подолу и подлабоко? Што треба да ни се случи за конечно
да почне нешто да се менува? Или еве, уште посуштинско прашање... до каде треба
сечилото да ни оди в месо, за да заживееме достоинствен живот?
Трите клучни елементи за просперитет на една држава се образованието, здравството и судството. Овие три клучни елементи, кои се неопходни за да ни поткрене глава државата на која и’ ја расплакавме мамицата, не функционираат. И тоа не е од вчера или завчера, оти преку ноќ ништо не се гради и ништо не се распаѓа (освен ако не е во прашање природна катастрофа). И како и секоја перфидна игра, таква беше и оваа. Се прогледуваше низ прсти се создаваше тло за непотизам, мито, корупција, ама некако кроце и внимателно, додека народов не свикна на тоа ниво на поткраднување. Тоа ми беше исто како на времето кога бев дете (12-13 години) и имав една познаничка со која некогаш заедно слушавме музика или вртевме една игра со духови. Воедно живеевме и блиску една до друга, но никогаш не станавме другарки оти меѓу нас го немаше оној клик за да се зближиме. Таа почесто доаѓаше кај мене дома после училиште, отколку што одев јас кај неа. Во нашиот дом, ситните пари секогаш стоеја на ачик, во еден длабок пепелник кој беше на дофат на рака. Нејсе, еден ден моиве ме прашуваат дали јас сум земала пари од пепелникот, иако знаеја дека секогаш кажував кога ќе земев некој динар (да, толку одамна беше) за гринго или базока (за помладите генерации, гринго беше како денес што е цедевитата, но во мали кесичиња и скоро никогаш не го растворавме во вода, туку го истуравме на дланка и така го лижевме. Рацете и јазиците редовно ни беа обоени од грингото и којзнае колку хемија имаме испикано во себе, а базока според мене е ненадминлив вкус на мастика за џвакање). Отпосле се испостави дека мојата познаничка редовно си ставала в џеб од ситните пари, без да забележам. Башка, не ми ни текнало да се притресувам за такво нешто или да внимавам на парите, оти ми беше непоимливо дека некој ќе посегне по нешто што не е негово. И на крај, моментот за кој ви кажував...за мене, тоа поткраднување беше работа која немаше некое големо значење (де, де, два динари, пет динари, голема работа), се’ додека не сфатив дека дури и на ситно, крадење си е крадење.
Првиот удар е токму тоа, ситното крадење...а потоа со секој следен се зголемуваат апетитите и веќе на крај не знам што уште ќе остана за ждерење , освен сопствениот измет. И ако не се реагира соодветно на првиот удар, тогаш отиде се’ низ вода. И некако човек може на многу лоши работи да се привикне, чудно е како годините и уморот за да се исправаат криви Дрини не’ направи летаргични. Излегуваа бомби, валканици, документи, скандали, забошотувања, крадења и на ситно и на крупно, излегуваа убиства. Излегуваа и “вашите” и ”нашите” со меѓусебни обвинувања и (демек) докази кој што правел дур бил на власт, па потоа некако и тоа се заташка. Излегуваа да се пенават за се’ и сешто, а во мигот кога доаѓаа на власт креваа раменици дека се немоќни да интервенираат. За цело тоа време, всушност на тацна ни се сервираше дека можеш и да крадеш и да правиш уште безброј злодела, да проневериш милиони, да згазиш човек, да вршиш секакво насилство оти нема механизми кои ќе те спречат во тоа, особено ако си близок до “оние горе”. Дури, криминалите беа правени со прецизна математика. “Ахам, ќе украдам 2-3 милиони евра (ко да се 3 кила јаболки), ќе си одлежам десет години, за добро владеење ќе излезам за 7, од тие седум ако го одземам притворот ќе станат 6 и хоп, ем следни генерации обезбедени, ем јас на слобода”.
Никогаш како сега, чесноста не била третирана за потсмев.
Никогаш како сега, вредноста на човечкиот живот и интегритет не била пониска.
Никогаш како сега, не сме треснале на земја без падобранец а од голема висина. Сардисани, омаловажувани, прелажувани, обесправени, газени, разединети....никогаш како токму сега. И сега? Како и каде понатаму?
Последново со Тетовската болница и со онкологија беа капак. Да го прави некој ова што се испитува дали, како и на колкумина им е сторено, е со знак равенство за тоа што го имаат правено фашистите во концентрационите логори. Да знаеш дека ќе донесеш смрт и мува да не те лази, е тежок облик на психопатство и убиство со намера. Кај нас не е дозволена дури ни еутаназијата за тешко болните кои сакаат да си заминат по свој избор и без да се мачат, а некој си дозволил да изигрува Бог.
Со кое право? Со кое лице? Со која совест? Ако и после ова уште не сме го допреле дното, тогаш и немаме право да се наречеме држава!
И кога веќе стануваме свесни дека за никаде ни е работава и дека е дојдено до степен или-или (или ќе ставиме СТОП на сето ова што се случува или кај и да е, само ќе постојат записи дека некогаш сме постоеле) да не заборавиме една клучна работа. И во овој пекол во кој сме сите, сепак не с(м)е сите исти. Да не заборавиме дека не смееме во ништо да генерализираме, дека не е фер да зборуваме општо за градежниците, лекарите, судиите, просветителите, без да направиме една дистинкција меѓу оние кои се за дебела казна и оние кои чесно и одговорно си ја вршат работата. Да не заборавиме дека на истата таа онкологија која е ставена на столбот на срамот (со право) работеле и работат луѓе кои пред се’ ја сакаат својата професија и веруваат во заклетвата која ја дале за лекуваат и помагаат. Нека не гори и суровото покрај сувото. Сум висела на онкологија со татко ми, заедно со многу други кои биле придружба на своите родители, деца, браќа/сестри. Скоро секој од нас има во своето окружување барем еден човек кој боледува/л од канцер. За среќа, има и приказни кои даваат утеха дека може да се излечи ракот и дека животот не завршува со дијагнозата. Целокупниот персонал и лекарите кои заедно со пациентите извојувале победа врз канцерот и кои дале се’ од себе во лекувањето, заслужуваат да им се поклони човек.Токму заради нив и заради сите пациенти кои минале низ ходниците на онкологија, мора да се открие и знае вистината за се’ што се случувало.
Многу ме плаши дека секој пат кога се судираме со вакви шокови, се’ помалку имаме волја, верба и доверба. Многу ме плаши дека ваквите скандали се само уште една потврда за младите да си заминат, а тие ни се единствениот спас, тие се идната движечка сила на Македонија. Многу ме плаши сознанието дека колку повеќе тонеме, се исцрпува силата кај народот и се’ помалку наоѓаме излез. Многу ме плаши што питомите, кротките и чесните се потиснати од дивите и апашите.
Но, има една неспорна вистина. Не се сите мажи исти, не се сите жени исти, не се сите судии, лекари, наставници исти, не се сите луѓе исти. Има чесни, има пожртвувани, има такви кои не газат на мравка и кои се (како што велат старите) “со крстот на чело”. Заради нив, уште во мене има едно жарче кое не дава да ми се изгаси надежта за навек.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Натежна светот
Од тагата на оние чии плеќи
Од туѓите злодела стенкаат
Од звуците на лелекот на оние
Кои за ронки човечност проплакаа
Од бојата на крвта на оние
Чија самотија во дрвен сандак завршува
Натежна светот
Од песната на оние
Кои без глас останаа
Од воздишките на оние
Кои спокојот ниту во сон го наоѓаат
Од зборовите ненапишани на оние
Кои сакаа за добрината да зборуваат
Натежна светот
Од ѕверови во кожа човечка
Чии песјаци загризуваат во честа
Од оние чија пружена рака
Завршува со удар во срцето
Од јадови завиткани во светликава хартија
Подарени од оние кои за милост не знаат
Натежна...НЕ!
Му натежнавме на светот
Како аздисана толпа која усул нема
Та гази се’ пред себе
И остава пустош ко чума зад себе
Полни злоба и суета тешка
Та удираме со нозете по земја
Ко премногу разгалени деца
Кога не ќе им го дадеш она
Што во мигот го посакале
Од беснотилак и лошотилак
Му натежнавме на светот
Го искасапивме
Наопаку го превртевме
И душата низ нос му ја извадивме
И нема ден во кој барем едно зло
Дивите меѓу нас не го сториле
И нема ден во кој барем еден од питомите
Удар од камшик не го жигосал
Оти натежна светот од оние
Кои диви ги нарекуваат
Кои ниту Бог признаваат
Ниту Љубов живеат
Натежнал светот од тежината
На дивите кои се накотија
Оти ними и телата и душите
Ко црна земја тешки им се
Натежнати на светов
И врз добрината на питомиот човек
Кој изумира
Кој одумира
Под тежината на неправдата