Песна за Есма и за сите жени кои се избориле за слободата: Оригинален концерт на „Барселона џипси Балкан оркестра“ во Скопје

Добивај вести на Viber

Привилегија е да се слуша Италијанката Маргерита Абита како со многу љубов и возбуда ја пее „Македонско девојче“, пред полна сала задоволна публика, сношти во Филхрамонија. Не случајно, оваа екстра талентирана и динамична сицилијанка е вокал на „Барселона џипси Балкан оркестра“, интернационалниот бенд кој одржа концерт во Скопје за уживање, од почеток до крај.

Овој состав е основан во Барселона, пред 10 години, а Иван Ковачевиќ од Србија кој свири контрабас им ја всадил љубовта кон балканската музика, која заедно со циганските и руските романси е нивна водилка. Речиси сите во бендот зборуваат на различен мајчин јазик, а по 35 светски земји, сношти ги слушна и Скопје, откако на Фејбук стана вирална изведбата на „Море сокол пие“, во емисијата на познатиот српски сатиричар Зоран Кесиќ.


Стелиос Тогиас на перкусии од Грција, гитарисот Жулиен Шанал од Франција, Чави Пендон на кларинет од Шпанија, Пере Ноласк Туру кој свири виолина, исто така од  Шпанија, Фернандо Салинас на хармоника од Шпанија, Иван од Србија на контрабас ,и огнената Италијанка Маргарита и во Скопје ја свиреа „Море сокол пие“. Воодушевувањето на публиката беше нешто што треба да се види во живо, исто како и на „Јовано Јованке“ која почна како румба, и ја стана целата публика на нозе. 

Маргарита не го зборува македонскиот јазик, ниту ромскиот, ниту српскиот,  рускиот, ниту потекнува од Балканот, а песните ги пее со таква леснотија како за неа да се напишани. Танцот на „чардашот“, на нашите песни во 7/8, на руските романси, српските „поскочици“, тагата во гласот на „Циганине, цирај, свирај“ од Силвана Арменулиќ мајсторски ги доловува, сосема природно и од срце, како да родена Балканка. 

-Една неверојатна жена си замина токму на овој ден, 11 декември пред шест години, таа беше од Скопје, Есма Реџепова. Затоа, вечерва ќе пееме во нејзина чест, и во чест на сите жени кои се избориле за својата слобода“, рече Маргарита и запеа во чест на Есма. 

-Свиревме во преку 35 земји низ светот. Нас не нè интересираат граници, химни, знамиња, сакавме да запознаеме што повеќе уметници и да го споделиме со нив она што вечерва го делиме со вас“, рече Иван Ковачевиќ, и на сцената го повика македонскиот музичар Алекс Петковски на кавал кој ѝ даде поубава боја на оваа музичка приказна. 

БГКО бендот Скопје го ставија во топ три града каде што најубаво си поминале на концерт, а разиграната публика сигурно дека го дели нивното мислење. Дружбата помеѓу шармантниот бенд и публиката продолжи во фоејето на Филхрамонија, каде што Иван и колегите потпишуваа цедеа и винил плочи.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: