Петар Бенчина ексклузивно за Женски магазин: „Да сум татко на три деца за мене е најважната улога што ја имам“
Да се биде родител денес не е воопшто лесно. Колку и да изгледа дека родителството може да се сфати како лесна улога, одговорноста која ја носи самата е доста предизвикувачка.
Да се биде родител отсекогаш била една од најсложените и најкомплицирани „занимања“ и најтешките работи со кои се среќаваме во животот. Вистина е дека нема училиште за родителство, но секој мора да запомни дека тоа се учи. Родителството е тешка задача и за тоа е потребен труд, емоции, енергија и посветеност. Нема совршен родител, ниту пак таков му треба на детето, туку му треба оној кој ќе ги препознае сопствените грешки во воспитувањето, ќе се грижи за неговите чувства и за чувствата на детето.
А како е да се биде родител на три деца? Токму ова прашање му го поставивме на српскиот актер Петар Бенчина кој вчера беше еден од гостите на првата регионална конференција на Becutan во Скопје и кој со задоволство со нас помуабети за родителството.
„Да се биде татко на три деца е голема одговорност, навистина, тоа не може да се искаже во неколку реченици, едноставно за мене тоа е најважната улога што ја имам“, ни изјави Бенчина.
Познатиот српски актер е во хармоничен брак со познатата актерка и модел Тамара Драгичевиќ од 2016 година, а на крајот на истата ја добија ќерката Сташа.
Три години подоцна, односно во август 2019 година, нивното семејство стана побогато со уште еден член - момчето Лазар, а летово добија уште едно момче на кое му го дадоа името Борис.
„Сите родители денес имаат индивидуален пристап, не е страшно да се греши, важно е само да бидат присутни, да се тука, во семејството, да си помагаат еден на друг, ако згрешат да се корегираат, кога сфатат дека направиле некоја грешка“, вели за Женски магазин актерот Бенчина кој публиката го обожува.
Тој и Тамара функционираат одлично.
„Спонтано се надполнуваме и договараме за сѐ, тоа е наш живот и ние така функционираме, во однос на тоа што чувствуваме така и постапуваме и на некој начин сме усогласени во некои најважни теми во нашето семејство, ни кажа Петар на прашањето како тој и неговата сопруга Тамара функционираат и наоѓаат компромис во родителството.
Инаку, Петар Бенчина потекнува од многудетно семејство. Покрај неговиот брат Игор, кој исто така е актер, има и две сестри близначки. Браќата и сестрите се исклучително блиски и се трудат сите важни празници и датуми да ги поминуваат заедно.
„Не им замерувам на моите родители за ништо, тие и кога правеле грешки сигурно грешеле од најдобри намери, тогаш околностите биле други, јас можам да кажам само дека сум им благодарен за сѐ“ , ни кажа за крај шармантниот Бенчина.
Ирена Ставрова