Петар Горко: Сфаќаме колку сме мали и колку е важно да го правиме тоа што најдобро го знаеме
Одбележа 30 години на театарската сцена, има одиграно 100-ина театарски улоги, 19 од нив биле Шекспировски ликови, што е веројатно своевиден домашен рекорд. Неговата приватна статистика бележи околу 3.500 поклонувања пред театарските завеси. И уште го сака театарот, како на првиот ден од откривањето на страста кон оваа уметност.
-Имаше некои кризи во театарот и претходно - премногу политика, премногу негативност, некоја чудна злоба ја имаше зафатено дури и нашата фела, што дури и за мене, кој искрено го сакам, понекогаш делуваше демотивирачки. Но, и тогаш и сега, во ова време на изолација, театарот ми недостига секој ден, секоја минута во денот – вели битолскиот актер Петар Горко.
За „Театар дома“ веднаш ја одбра песната „Маски“ од Матеја Матевски. Не е необичен овој избор. Севкупното творештво на Матевски е проткано со немир поради оддалеченоста на човекот од природата и од суштината.
-„Маски“ ми е многу драга. Победив со неа на натпревар за најдобра рецитација како ученик, потоа беше мој избор поезија за приемниот испит на Академијата (за драмски уметности, з.н.) и со години подоцна ја немам кажувано. Се сетив на овие стихови сега – поради маските на луѓето, маската на сево ова што се случува, поради симболиката на двете театарски маски, мали сме, ништо не знаеме, затворени дома, сè ми се чини дека зад целата маска се крие нешто многу големо што сиот свет го собори на колена. Матевски секогаш ме инспирирал многу, а сега особено. Ја одразува совршено и мојата моментна емотивна состојба – вели Горко.
Во времето кога сите сме изолирани, несвои
и по малку загубени во новите животни правила, што ново открива Горко за себе?
-Се познавам себеси добро, но и сега во оваа изолација дополнително се разоткривам. Важен ми е духот и спиритуалната состојба, оттаму сè доаѓа. Ќе излажам ако кажам дека во еден момент не се исплашив од оваа ситуација. Иако сега веќе не го чувствувам тоа – упорно мислам дека зад сето ова стои нешто големо. Всушност, кога ќе помислам, тоа беше и причина за стравот - има ли нешто покрупно зад оваа појавност што ја гледаме? Но, се сметам себеси за сопственик на силен дух и нема да потклекнам. Секогаш сум наоѓал сила да излезам од тешки ситуации, со музика, со книги, со изложби. Така ќе биде, убеден сум, и сега.
Така ги минува деновите на пандемиската изолација, со семејството, со музика и книги. Се надева дека периодот низ кој минуваме ќе помени нешто во сите нас.
-Се надевам дека таа негативност што ја манифестиравме често ќе се распарчи и ќе се случи промена во душите на луѓето, ќе сфатиме колку сме мали, кршливи и колку е неопходно да го правиме тоа што најдобро го знаеме зашто само така можеме да му помогнеме на светот.
Јасна Франговска