ПОЧИНА АРХИТЕКТКАТА КРЕАТОР НА ЕДНИ ОД НАЈПОЗНАТИТЕ ХОТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА: Викторија Поп-Стефанија беше позната по своите дела
Вчера почина Викторија Поп-Стефанија, бележит архитект со импозантен опус од околу триста проекти и студии. Добитник е на бројни признанија, меѓу кои „Борбина плакета“ за хотел „Метропол“ во Охрид во 1975 година; „Специјално признание на БИМАС“ за реконструкција и ревитализација на „Рибен ресторан“ во Охрид во 1979 година и „Специјално признаниена БИМАС“ за ентериерното решение на хотелот „Молика“ на Пелистер, Битола во 1995 година.
Како што соопшти нејзиното семејство, Викторија Поп-Стефанија ќе биде погребана денеска, петок, 21 февруари, во 12 часот, на градските гробишта во Охрид.
Викторија Поп-Стефанија (13 јули 1945 година – 20 февруари 2025 година) е родена во Охрид, во семејство со богата творечка традиција. Матурира во охридската гимназијата „Свети Климент Охридски“ во 1964 година. Студирала на Архитектонскиот факултет во Белград, а потоа и во Скопје, каде што дипломира во 1969 година на тема: „Духовниот и културен центар Свети Климент Охридски на Плаошник во Охрид“, кај проф. Борис Чипан.
Целиот опус на Викторија Поп-Стефанија е обележан од автентичен контемплативен однос кон православниот христијански светоглед. Таа е творец на просторни креации за обликување и воздигнување на храмовите: „Св. Димитриј Солунски“ и „Св. Григориј Палама“ во Струмица; „Св. Прохор Пчински“ во Мелбурн, Австралија; „Св. Богородица“ во Демир Хисар и др. Повеќе на Фактор.мк