Почина мајката на Аки Рахимовски: Ана до последно не знаеше дека син ѝ си заминал пред неа
Утрово во Скопје почина Ана, мајката на музичарот Аки Рахимовски. Веста на Фејсбук ја објави нивната кума од Скопје, новинарката Мирјана Василева. Василева на Фејсбук напиша дека Ана сега конечно е крај својот син, кој почина на 22 јануари годинава во Ново место, Словенија.
„Патувај во божјата светлила тетка Ана, сигурно ќе те дочека синот Аки Рахимовски, почивај во мир“, напиша Василева. За Женски магзин таа раскажа дека Ана починала во домот за стари лица каде што претстојувала последниот период од својот живот, и до самиот крај не знаела дека нејзиниот син починал пред неа.
* Аки со Гарабет Тавитјан и со неговата мајка, прва од десно, кумата Мирјана Василева, втора од десно, во друштво на блиски пријателки од Скопје
-До последно, тетка Ана не знаеше дека Аки е починат, си замина без да знае дека синот си замина пред неа. Не беше добра со здравјето, и медицинскиот персонал решил да не ѝ создава дополнителни стресови. Аки, пред да почине требаше да дојде во Скопје, да ја види својата болна мајка, беа многу поврзани. Му беа вградени четири стента на срцето, и мислам дека сè уште не беше подготвен за патување. Но, кога од Скопје му јавија дека мајка му не е добра, тој реши веднаш да дојде. За жал, еден ден пред да допатува до Скопје, Аки почина. Мајка му се подготвуваше за таа средба, но не дочека да си го види синот“, ни раскажа Василева.
Таа вели дека сопругата на Аки, Барбара е на пат накај Скопје од Словенија, каде што живееше заедно со Аки и со нивната ќерка Антониа која има две години. Барбара е трета сопруга на Аки, со која законски не беше венчан. На последното испраќање на неговата мајка Ана, во Скопје ќе дојде и неговата втора сопруга, но и сестрата на Аки, Џули која живее во Америка.
Аки Рахимовски и познатиот скопски рокер Ацо Црногорец биле другари 52 години, и заедно со Гарабет Тавитјан свиреле во групата „Тор“. Ацо Црногорец евоцираше спомени на Рахимовски на собирот во чест на Аки, кој се одржа на Плоштадот Македонија на крајот на јануари, а го организираше радио „Буба мара“. Пријатели и почитувачи на легендарниот рокер ги пееја неговите најголеми хитови и се потпишаа во книгата на жалоста. Беа запалени и свеќи во чест на скопјанецот кој стана една од најголемите рок ѕвезди во поранешна Југославија.
-Аки не ми беше другар, не ми беше брат, тој е дел од мене, бевме заедно 52 години. Се слушнавме последно на 10 јануари, и се договаравме да се видиме во Скопје кога ќе дојде. Пред три години, кога доаѓаше во Скопје, го пречекавме со Ситна на аеродром, отидовме заедно на испазариме, и направивме ѓезме во негова чест. Одеднаш, Аки ми се фрли на рамења и ме прегрна. Брат, кога ќе умрам, сакам да умрам на твоето рамо. Еве, утре со Ситна патуваме во Загреб, да го испратиме“, ни раскажа музичарот тогаш. Тој додаде дека не сака да прави фама од неговото пријателство со Рахимовски ниту ќе може да го третира како позната личност, туку само неговиот Аки.
Да ја посети својата баба и роднините, во Скопје на крајот на јануари дојде Кристијан Рахимовски, синот на Аки од првиот брак кој е исто така музичар. -Само што зачекорив на македонското тло почнав да плачам. Му реков на мојот менаџер „Боже јас си дојдов дома, во земјата на мојот татко“. Последен пат бев во Скопје пред 35 години. Дојдов приватно, да ја посетам баба ми и роднините “, изјави Кристијан за Женски магазин кога пристигна, а потоа замина за Крушево, за да го посети гробот на Тоше Проески.
Аки Рахимовски, легендарниот пејач на „Парни ваљак“, беше погребан во алејата на великаните на гробиштата „Мирогој“ во Загреб. Ковчегот беше прекриен со македонското знаме.
М.Џаровска