Почина менаџерот Марио Липша, сопругот на Сашка Петковска: Повеќе се грижеше за луѓето, отколку за себе

Вчера во Скопје, на 78 годишна возраст почина Марио Липша, познатиот моден и музички менаџер, пионер во организацијата на Мис на Македонија. Липша ѝ беше сопруг на трагично загинатата Сашка Петковска, еден од најдобрите женски гласови во нашата популарна музика. Марио и Сашка имаа две ќерки, Леа и Сандра.  


Петковска загина на 31 август во 1983 година во сообраќајна несреќа заедно со уште тројца членови на нејзината балетска група „Авона", патувајќи на концерт во Свети Николе. Тогаш имаше само 32 години. Спомени за Липша, за Женски магазин сподели Тимчо Апостолов, познат новинар, долгогодишен уредник на ревијата „Екран“.

Сашка Петковска


-Марио  Липша беше  добар  човек кој повеќе се грижеше за  луѓето со  кои  соработува отколку за себе. Секогаш  имаше разбирања за нивните хирови како уметнички души, затоа што ги ценеше нивните  уметнички вредности. Но, бидејќи беше преголем перфекционист,  не извршувањето на договорените  работи, па макар тие  биле и безначајни ситници,  страшно го нервираа.

Неточноста, непочитувањето на термините, непрофесниналниот однос,  го вадеа од такт и тогаш мирниот човек  Марио  се претвараше во  разбеснет  лав! Но, за неколку минути, откако  ќе размислеше и ќе најдеше решение за пропуштената обврска, стануваше  нежен како родител. Знаеше да  прегрне, со нежни зборови да  ја смири состојбата,  да  каже  било- поминало, да го охрабри  уметникот  бодреќи го дека тој  има вредности за почит и дека  неговиот настап ќе биде одличен. Можете ли да замислите на што би личела, на пример  една модна ревија, без  таа  негова смиреност  и споспбност да  ја има во главата целата организација, во која учествуваат десетина манекенки кои треба  во неколку  пресоблекувања да презентираат триесетина модели, музичари, луѓе од озвучувањето, осветлувањето, водители на програмата“, вели Апостолов за својот добар пријател и соработник.

Апостолов нагласува дека заради таквиот негов однос,  оние што  го ангажирале  за  некој концерт, приредба  или модна  ревија, биле сигурни дека  настапот  ќе биде  реализиран на врвно ниво.

-Од таа страна нарачателите беа задоволни, но и актерите кој тој ги ангажираше  затоа што секогаш се бореше  за нивното  учество да обеезбеди што поповолен хонорар. Затоа и тие  сакаа  да соработуваат со него, бидејќи  знаеја дека нема да се посрамотат пред публуката  и дека  притоа и добро ќе заработат. Таков човек и менаџер  ретко се раѓа!“, ни изјави Тимчо Апостолов за својот пријател.

Липшадолги години беше на чело на најпознатата естрадна институција во Македонија, здружението на естрадни уметници „Естрада".


М.Џаровска

Фото: Фејсбук/Славе Димитров