ПОЧИНА ПРВИОТ ПАЦИЕНТ СО ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА, БЛАГОЈЧЕ НЕ ГО ДОЧЕКА ЛЕКОТ ТРИКАФТА: Фактор утринава ја објави неговата последна изјава

Најтешко болниот пациент од реткото заболување цистична фиброза, Благојче Илиевски, почина. Жалната вест за Фактор ја потврдија од Здружението за цистична фиброза, а нашиот медиум утринава објави тема под наслов  “ТРИКАФТА – КОГА И ЗА КОГО? За некои од пациентите може да биде и предоцна“.

Во овој текст Благојче ја даде неговата последна изјава полна со надеж дека ќе биде меѓу првите осум пациенти кои ќе го добијат овој лек.

-Јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот не ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието до секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам...Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“, ова се последните зборови на Благојче.

Во претходниот разговор кој го направивме во ноември, Благојче рече дека најголема тешкотија му претставува земањето здив..